Во Европа конечно драстично пониски цени на природниот гас, ќе бидат ли цените трајно ниски
Што и да се случи на страната на понудата или побарувачката на гасот може да влијае и да направи цената да флуктуира доста силно на дневна или неделна основа. Ова веќе се нарекува новата нормала на европскиот пазар на гас. Нестабилноста се однесува на ценовни флуктуации на гасот од пет, десет или 20 отсто. Но експертите укажуваат дека тоа не е веќе толку драматично, како што можеше да се види во изминатиот период
Во јавноста сѐ уште се свежи сеќавањата од пред една година, кога граѓаните на Европа беа во паника гледајќи ги берзанските цени на природниот гас како ги уриваат рекордите на сите времиња. Точно пред една година, во август 2022 година, на холандската ТТФ, водечката европска берза на гас, се тргуваше по цена од 145 евра за мегават-час. Две недели подоцна, за првпат беше пробиена границата од 200 евра за мегават-час, за до крајот на овој месец да го достигне максималното ниво од 300 евра. Тоа до максимум ја подгреа и онака зовриената атмосфера на несигурност и вознемиреност поради енергетската криза, претходно предизвикана од пандемијата на ковид-19, а која се влоши со војната во Украина.
Овој месец намалување за 88 отсто во споредба со историски највисоката цена на гасот постигната токму пред една година
Во таква атмосфера на секојдневно поскапување никој не можеше да одговори на прашањето колку високо може да оди цената на гасот по пробивањето на плафонот од 300 евра за мегават-час.
Денес, една година подоцна, цените на гасот во Европа се во постојан пад и повторно се на двоцифрено ниво! Минатиот петок холандската ТТФ, водечката европска берза на гас, го затвори тргувањето со 35 евра за мегават-час, што е намалување за 88 отсто во споредба со историски највисоката цена постигната во август 2022 година. Ова е приближно на состојбата пред пандемијата, кога цените, благодарение на изобилството и испораките на евтин гас од Русија, се движеа помеѓу 15 и 25 евра за мегават-час.
Иако креаторите на политиката во Брисел побрзаа да си ја честитаат геоекономската победа, клучот за успехот лежи во сложената комбинација на фактори, вклучувајќи ја и потоплата зима, која ја намали побарувачката на енергенти за греење. Дополнително, европските домаќинства и особено европската индустрија презедоа низа чекори за да ја намалат употребата на гас, во очајнички обид да ги ублажат вртоглавите трошоци. Инсталирањето топлински пумпи, соларни панели на покривите и топлинска изолација стана популарно прекуноќ.
Европската Унија постави цели без преседан за заштеда на енергија. Но потрошувачите ги намалија потребите за гас многу повеќе од поставените цели на заштеда на енергија. Побарувачката во Унијата се намали за 19,3 отсто, што е над зададената „цел“ од 15 отсто заштеда на гас во земјите-членки, која беше поставена минатата година – на доброволна основа. Политиката за штедење се покажа толку ефикасна што подоцна беше продолжена до март 2024 година.
ЕУ повеќе не се плаши од зимата 2023-2024 година?!
За Меѓународната агенција за енергетика, промените во однесувањето беа толку длабоки што може да навестат како нова ера за тоа како да се троши енергијата. Некои од овие фактори може да се сметаат за циклични или привремени, се наведува во извештајот на агенцијата објавен на почетокот на оваа година. Другите структурни промени се однесуваат на проширување на капацитетите со обновливи извори на енергија и подобрувањата на ефикасноста и продажбата на топлински пумпи, кои ќе влијаат на трајно намалување на побарувачката на гас. Но, има и помалку пожелни структурни промени, како што е трајното затворање фабрики или бизниси, се додава во извештајот.
Како резултат на досега преземените мерки, владее размислувањето дека ЕУ повеќе не се плаши од зимата 2023-2024 година?!
Резервоарите со течен природен гас (ЛНГ) се наполнети благодарение на зделки со неруски провајдери. Новата шема на заеднички набавки и континуираната заштеда на енергија го одржуваат снабдувањето со гас по пристапни цени – или барем толку достапни колку што може да се добијат во време на руско-украинската војна. Како што може да се види од актуелните извештаи, во подземните резервоари за гас моментално има над 92 отсто од капацитетот.
– Но, наспроти ваквите охрабрувачки информации, нестабилноста не исчезна засекогаш – таа едноставно стана податлива – вели Симонe Таљапиeтра, виша економска соработничка во економскиот аналитички центар „Бругел“.
Никој не треба да се радува прерано
– Дури иако цените сега се многу пониски од минатата година, тие остануваат нестабилни. Каков било потрес или и најмала промена на страната на понудата или побарувачката може да влијае и да направи цената да флуктуира доста силно на дневна или неделна основа. Ова е дел од новата нормала на европскиот пазар на гас – изјави Таљапиетра во интервју за „Евроњуз“.
Нестабилноста се однесува на ценовни флуктуации на гасот од пет, десет или 20 отсто. Тоа не е нешто толку драматично како што видовме, според Таљапиетра.
Во наредниот период владите треба постепено да ги укинат обилните субвенции што ги воведоа за време на кризата и, наместо тоа, да се фокусираат на насочена поддршка за најранливите сектори на населението. Оваа препорака ја искажа и Европската комисија, која се грижи дека постојаните инјекции на јавни пари би можеле да го нарушат пазарот и да ја намалат мотивацијата за заштеда на енергија.
– Се разбира, секој треба да преземе акција. Не сме во средината на кризата, но сепак е важно претпазливо да се користи гасот во зимата што доаѓа -предупредува Таљапиетра. М.Ј.