Џефри Сакс

Моментално пловиме во немирни води, а кризата ќе се влоши во наредните месеци, и тоа значително. Сега се соочуваме со стагфлација, што значи дека растат цените додека истовремено производството се намалува во многу делови од светот. Европа веќе забележа пад на својата економија. Во САД сега почнува економскиот пад. Кина минува низ некаков вид на економски пад. Така што тука веќе станува збор за глобална економска криза. Сметам дека целокупната економска состојба е толку многу влошена како што не е забележано во изминатите неколку децении, а дури е полоша од финансиската криза од 2008 година. Најверојатно ќе се соочиме со некои значителни шокови во претстојните месеци

Американскиот економист Џефри Сакс со прогнози за светската економија во 2023 година

Најважното прашање сега, се разбира, е прашањето што ќе се случува во геополитиката. Дали војната ќе се прошири? Дали ќе се интензивира? Дали ќе ослаби? Дали е можно враќање на преговарачката маса? Дали САД и Кина ќе се најдат во судир, што би можело да доведе до нарушување на глобалното општество? Дали ќе успеат да најдат заеднички јазик? Ова се прашањата со кои се соочуваме сега.
Во последната стагфлација низ која минавме на крајот на 1970-тите години, инфлацијата во САД достигна околу десет отсто на годишно ниво. Што се однесува до Пол Вокер, тогашниот претседател на американските Федерални резерви, тој тогаш славно изјави дека неговата институција ќе ѝ стави крај на инфлацијата. Така, тој ги зголеми каматните стапки до 20 отсто и додека инфлацијата завршуваше, сите земји во развој прогласија банкрот. Тоа што се случи беше неверојатно. Благодарение на тоа, јас ја изградив мојата кариера, бидејќи во наредната деценија се посветив на помошта за државите да излезат од должничката криза, која буквално ги фрли на колена.
Затоа, ако навлеземе во овој проблем сега само со наивно финансиско затегнување, на крајот ќе добиеме голема жртва, што значи дека многу држави нема да можат да ги исплатат долговите и ќе има висока инфлација. Ако сега земеме предвид држава како Турција, таа со години не успева соодветно да ја води својата економија, а стапката на инфлација достигнува 100 отсто секоја година. Во Аргентина инфлацијата достигнува исто така 100 отсто. Ќе има и други држави што ќе се соочат со ваква брза инфлација, која тешко ќе се скроти. Можеби во Украина ќе се јави хиперинфлација до крајот на оваа криза, но секако не би знаеле со сигурност.
Европската централна банка (ЕЦБ) не се снајде доволно добро под водство на претседателот Трише на почетокот од минатата деценија. Грција за влакно не банкротираше тогаш, а дури и Ирска беше блиску до такво сценарија. Шпанија, Португалија и дури Италија, Словенија и еврозоната речиси доживеаја колапс. Потоа беше потребно знаењето на Марио Драги за да ги спречи државите да искусат таков колапс. Практично, ЕЦБ мораше да реагира како позајмувач во последен момент за да спречи катастрофа. Така, централните банки и нивното знаење и искуство или нивното отсуство ќе имаат голем удел во проблемот.
Во 2008 година Федералните резерви и американското министерство за финансии глупаво ја доведоа банката Леман брадерс во банкрот за еден викенд во септември. Оваа техничка грешка што тие ја направија го чинеше целиот свет илјадници милијарди долари.

Кога сте во криза, првото нешто што треба да се каже е дека овие институции не се многу доверливи, не се толку паметни, не се толку сигурни дека неопходно можат да избегнат вистинска штета. За да дојдеме до позитивен одговор на прашањето, треба да избегнеме ширење на неисполнувањето на должничките обврски и ширење на неликвидноста. Исто така треба да избегнеме да им кажуваме на десетици држави дека треба строго да ги намалат јавните инвестиции, општествените трошоци итн.
Кога се залагав за шок-терапија, мислев на тоа владите да не печатат или издаваат пари за да ги финансираат буџетските дефицити. Но постојано препорачував меѓународните финансии да им помогнат на државите за да го избегнат неисполнувањето на должничките обврски или кризите. Еден од клучните столбови на шок-терапијата во Боливија и во Полска беше отпишување на долговите на тие држави, на странските долгови. Сметав дека за да се исплатат странските долгови во Боливија тоа ќе значи државата да се осуди на брза хиперинфлација. На крајот, надворешниот долг на Боливија кон меѓународните банки беше скратен за околу 90 отсто според мојата препорака. Слично во Полска, во таа шок-терапија, препорачав полскиот долг да биде олеснет. Долгот на Полска кон своите официјални заемодавци требаше да се скрати доста и токму тоа се случи.
Така, не препорачав само строги мерки за штедење и економско кратење, туку секогаш препорачував меѓународните институции и заемодавците да играат конструктивна улога, позитивна улога, во спречувањето на кризите. Должничкото олеснување зависи од околностите. Во денешните околности не препорачувам поништување на номиналната вредност на долговите. Но препорачувам, вака или така и во зависност од посебните околности, државите да добијат развојни финансии што им се потребни дури и во поголема мера за разлика од сега. Сега зборувам за нови долгови врз основа на долгорочни ниски каматни стапки, за овие држави да можат да продолжат да се развиваат без денес да банкротираат.

Ова е деликатен предлог за државите што позајмуваа на пазарот со еврообврзници. И за владите што должат пари сега. Можеби ќе имаат потреба да им се обратат на заемодавците со барање за продолжување на рокот за исплата на долгот според одреден договор каде што има клаузула за колективна активност. Тоа може да се направи многу лесно. Веројатно многу држави ќе мора да ја искористат оваа шанса кога станува збор за официјални кредити што државата треба да ѝ ги исплати на друга богата земја или на Светската банка или други меѓународни институции.
Препорачувам низа мерки што ќе им овозможат на земјите во развој да добијат повеќе финансии во свежа форма отколку што отплатуваат во старите долгови. Има многу начини да се постигне тоа, но практично велам да не се печатат пари. Никогаш не верував дека тоа е решение, затоа што со тоа само ќе добиете висока инфлација. Напротив, треба да се најде финансиско решение што нема да ја осуди државата на неможност за исплата на долговите или банкрот или строги мерки за штедење. Всушност, отсекогаш овие беа моите политички препораки, откако го започнав овој пристап во Боливија во 1985 година.
Во моментов, 30-годишната стапка на обврзници на американското министерство за финансии изнесува околу 3,2 отсто, што сепак е ниско. Триесетгодишната стапка на обврзници за германскиот долг сè уште е околу еден отсто. Всушност, 30-годишната стапка на обврзници за Гана или за некоја економија во развој, ако можат да добијат 30-годишен заем, изнесува 10 отсто. Со други зборови, се залагам за значително зголемување на официјалното финансирање на каматните стапки што американското министерство за финансии или германската влада или други земји од еврозоната ги плаќаат самите.
Вистински простор за маневар е што каматните стапки, кои ги отплаќаат земјите со високи приходи, сè уште се многу ниски во споредба со оние со кои се соочуваат економиите во развој. Затоа, предлагам голема експанзија на средства што ќе доаѓаат од Светската банка, Европската инвестициска банка, Африканската развојна банка, Азиската развојна банка, кои во суштина ќе можат да даваат кредити под услови многу блиски до она што американската, германската или јапонската влада ќе можат да го позајмат и затоа им нудат кредити по многу ниски и долгорочни каматни стапки на пазарите во развој. Така што, дури и да се оставени сами на себе економиите во развој, тие се соочуваат со ужасни услови, кои можат да ги доведат до банкрот.