Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска рече дека секоја институција, согласно донесената владина одлука, има обврска да штеди струја.
Со мерките што се објавени и кои им наметнуваат обврска на институциите, оцени Маричиќ, ќе се постигне поголема рационалност и во трошењето на јавните средства, но и во трошењето на електричната енергија како ресурс.
– Секоја институција има обврска да штеди струја. Таа обврска им е дадена на сите институции и на сите што водиме институции максимално да рационализираме. Цените се качуваат и тоа сите го чувствуваме. Со мерките што се објавени ќе постигнеме поголема рационалност и во трошењето на јавните средства, но и во трошењето на електричната енергија како ресурс. Сериозно ги прифативме владините одлуки и секоја инстиуција има обврска да работи на максимална рационализација – изјави Маричиќ, одговорајќи на новинарски прашања по панелот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!”.
Вицепремиерот рече дека конкретни податоци за тоа колку пари се заштедени во институциите од воведувањето на мерките минатиот месец, може дополнително да достави, зашто тој не направил анализа.