Во текот на вчерашниот ден, уште од раните утрински часови репортерските екипи на „Нова Македонија“ направија обиколка низ маркетите и на пазарите, со цел да ја проверат фактичката состојба со цените на основните производи. Она што можеше да се забележи беше искажано преку поетската мисла на еден добронамерен потрошувач: „Цените експлодираа, трговците се консолидираа и цени ревидираа, а потрошувачите анализираа и (сѐ уште не) банкротираа“… Но настрана социјалната поезија, факт е дека со вчерашната посеопфатна новинарска опсервација беше регистрирано сериозно поскапување на прехранбените производи…
Отклучена ценовната спирала
Летово носи неизвесност кај граѓаните по вртоглавиот раст на цените на прехранбените производи, носи стравување од нов ценовен шок во иднина затоа што и последниот веќе направи нарушување во домашниот буџет. Не стивнува нивото на стрес кај граѓаните по последниот раст на цените на прехранбени производи, кои, како што велат, „ги пробија границите на семејните буџети“. Тие се фрапирани и од брзината на менување на цените, велат дека цените на производите се менуваат, односно се зголемуваат од ден на ден.
Во текот на вчерашниот ден, уште од раните утрински часови репортерските екипи на „Нова Македонија“ направија обиколка низ маркетите и зелените пазари, со цел да ја проверат фактичката состојба со цените на основните производи. Непобитен факт е дека можеше да се забележи сериозно поскапување на прехранбените производи.
Најголем ценовен скок убедливо има кај маслото за јадење, кое достигнува цена и до 180 денари, кравјото сирење се продава со максимална цена од 360 денари. Поскапе и брашното, па килограм брашно што со кризните мерки чинеше околу 35 денари, сега се продава за 50 – 60 денари. Килограм шеќер може да се најде и за 64 денари. Овошјето веќе извесен период е небаре луксузен производ, особено сезонските јагоди и цреши, чија цена достигнува и 150 денари за килограм.
Со едно лепче во рака, два домати, една краставица и еден кромид пензионерка ни искоментира дека состојбата е неиздржлива и удира врз сите граѓани.
– Ако до пред кризата се враќавме дома со килограми овошје и зеленчук и со преполни торби, денес пазарењето е сведено на минимум, купувам само тоа што е неопходно, за да се помине денот и не се „луксузираме“ со храна – вели таа.
Екипи на „Нова Македонија“ по излегувањето на терен забележаа дека веќе ни акциите (намалувањата) не помагаат да се помине поевтино, па трговците се принудени да прибегнуваат кон најразлични маркетинг-еквилибристики.
Забележани се и невообичаени квазипазарни зафати кај некои од опсервираните маркети, кои, под изговор за „инфлација и нарушени синџири на снабдување“, товарот на одредени трошоци, кои треба самите да ги сносат, го префрлаат кај потрошувачите, односно на граѓаните. На пример во маркет, пред да престане важноста на антикризните мерки, пакувано кравјо сирење беше 283 денари за килограм, истото сирење во истиот маркет вчера изнесуваше 355 денари, што значи пораст од околу 25 отсто.
Граѓаните се прашуваат дали и кога Владата повторно ќе донесе нов пакет мерки со кои ќе го ублажи барем малку ценовниот шок.
Битиќи: Трговците манипулираат со цените
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека дел од поскапувањата изминативе три дена по укинувањето на антикризните мерки се нереални, бидејќи одредени компании манипулираат со цените. Битиќи побара од инспекциските служби да реагираат соодветно и очекува наскоро од нив да му биде доставен извештај со мерки за компаниите што манипулираат со цените.
– Со особено внимание следиме што се случува овие три дена на слободниот пазар и однесувањето некоректно, неетичко и неморално на одредени компании, особено кон зголемувањето на цените, набрзо ќе наиде на одговор од институциите. Не можеме да прифатиме цената да порасне за 24 часа за 20 отсто, кога производствената цена не може да порасне за 20 отсто за 24 часа. Сметам дека тоа е само една одредена манипулација што ја прават кон нашите граѓани и затоа, секако, соодветно треба да реагираат инспекциските служби и наскоро очекувам извештај од инспекциските служби со мерки за тие што го имаат направено тоа – нагласи Битиќи.
Тој рече и дека во ребалансот на буџетот се предвидени 73 милиони евра за антикризни мерки и веднаш по усвојувањето на ребалансот на буџетот во Собранието тие ќе бидат донесени. Но како што кажа Битиќи, тие мерки нема да бидат сеопфатни, туку насочени за најзагрозените целни групи и компании.
Опсег на Цените во трговските синџири (во денари)
брашно тип-400 од 38 до 60
масло за јадење од 153 до 179
шеќер од 54 до 64
млеко 3,2 масленост од 52 до 65
јајца од 8 до 9,2
сол од 19 до 27
бел леб од 34 до 45
ориз од 45 до 66
кравјо сирење од 246 до 329
кравји кашкавал од 330 до 435
Споредбени Цени на земјоделските производи за килограм
НА зелените пазари и маркетите
пазар маркети
кајсии од 120 до 160 150
јагоди од 100 до 150 125
цреши од 100 до 150 135
пиперки 100 од 89 до 105
домати 80 до 100 од 79 до 105
компири од 40 до 60 од 40 до 77
краставици од 40 до 50 од 40 до 63
стар кромид од 30 до 40 од 29 до 47