Наспроти оптимизмот, некои од економските експерти и аналитички институции се – резервирани. Тие најпрвин издвојуваат дека се настрана од дневната политика и политикантството и, одбегнувајќи ја секоја таква етикета, додаваат дека во врска со прашањето за буџетската политика за 2023 година имаат малку поинаков, но пореален и поширок компаративен приод при анализата на буџетот, а и за стапката на раст, зголемувањето на БДП, за инфлацијата…
Економските експерти излегоа со анализи за буџетската политика за 2023 година
Справување со последиците од економската и енергетската криза и поддршка на најранливите категории на граѓаните, со обезбедување сигурност и стабилност на економскиот раст, преку зголемување на капиталните инвестиции, се основните столбови на кои ќе се потпира Владата при спроведувањето на буџетската политика за 2023 година. Во услови на криза, носители на економскиот раст ќе бидат капиталните инвестиции, кои на среден рок треба да обезбедат позитивни ефекти и реално приближување кон европските економии. Затоа, за наредната година планираните капитални расходи се за 52,3 отсто повисоки во однос на 2022 година. Од другите параметри се прогнозира раст на БДП за 2023 година од 2,9 отсто и раст на трошоците за живот од 7,1 отсто во однос на годинава. Такви се оптимистичките очекувања што беа изнесени при презентацијата на годишната сметка на државата.
Но, наспроти оптимизмот, некои економски експерти и аналитички институции се резервирани. Тие најпрвин издвојуваат дека се настрана од дневната политика и политикантството и, одбегнувајќи ја секоја таква етикета, додаваат дека имаат малку пореален компаративен приод при анализата на буџетот, за стапката на раст, зголемувањето на БДП, за инфлацијата…
Предлог-буџетот 2023-та, како клучен документ за економијата во целина, треба да даде јасна слика и за финалните контури на предложената даночна реформа
Предвидувањата на економистите се дека постојат значајни изгледи за „пониска стапка на раст“, додека проектираната стапка на инфлацијата е под голема неизвесност и може да забележи значајни отстапувања и во двете насоки (пониска или повисока). Покрај ова, од институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, во својата анализа за предложениот буџет за 2023 година, забележуваат дека буџетските приходи, а особено даночните приходи, се проектирани на особено високо ниво и тие би се оствариле само доколку не стивне порастот на цените, што би било неповолен исход за животниот стандард на граѓаните. Имено, се предвидува пораст на буџетските расходи за 12,6 отсто, што е неразумно високо проектирање на расходите, ако се има предвид ризикот од остварување на приходите и намерата за фискална консолидација. Притоа, треба да се напомене дека предлог-буџетот 2023 година, како клучен документ за економијата во целина, не дава јасна слика за финалните контури на предложената даночна реформа и во таа смисла претставува сериозно потфрлање во делот на фискалната транспарентност.
Сепак, намерата за фискална консолидација е појасно видлива во сегментите на плати за јавната администрација и расходите. За наредната буџетска година постои ризик буџетските трошења да влијаат проинфлаторно во услови на сѐ уште висок раст на цените генериран од надворешни фактори. Дополнително, особено загрижува предвидениот раст на ставката други трансфери, од 11,5 отсто, имајќи предвид дека освен трансферите до единиците на локалната самоуправа, оваа ставка вклучува субвенции и други трансфери чија целисходност, ефикасност и ефективност остануваат „црна кутија“.
Со буџетот се обезбедуваат 250 милиони евра средства за антикризни мерки
Во однос на високото почетно планирање на капиталните расходи, за целите на поддршка на економијата, од предвидените близу 800 милиони евра капитални расходи, конечно ќе се реализираат околу половина, односно околу 400 милиони евра. Според мислењата на економистите, буџетскиот дефицит е поставен на ниво од 4,6 отсто од БДП, но поради ризикот од неостварување на буџетските приходи според планираното, како и ризикот од неостварување на проектираниот раст на БДП, можно е минусот во државната каса за 2023 година да биде надминат. Тоа би довело до потреба од значајно кратење на капиталните расходи. Буџетските приходи, според моменталните расположливи информации, се проектирани на високо ниво, што создава ризик за реализацијата на проектираните буџетски расходи. Кај расходите, фискалната консолидација кај одредени ставки е недоволна, особено во инфлаторни околности, но веројатно ќе биде компензирана со кратење на нереално поставените капитални расходи со првиот ребаланс во текот на 2023-та, се предвидувањата на „Фајнанс тинк“.
Премиерот Димитар Ковачевски, претставувајќи го предлог-буџетот за 2023 година, рече дека годишната сметка на државата ќе обезбеди сигурност и стабилност за одвивањето на економските активности во следната година.
Главната карактеристика е дека се проектирани 800 милиони евра за капитални расходи. Во предлогот се намалуваат непродуктивните трошења, како за дневници за службени патувања, за возила и слично, во согласност со планот за фискална одржливост, а во насока на фискалната консолидација. Предвиден е раст од пет отсто за плати, каде што е вклучен ефектот од зголемувањето на минималната плата, а кај стоките и услугите е предвиден раст од два отсто за зголемените трошоци за електрична енергија и енергенти поради порастот на цената.
Предвидено е да продолжи усогласувањето на минималната плата со просечната и трошоците на живот, соодветно на системски утврденото решение. Предвидени се и зголемувања на платите во образованието, како и зголемување на пензиите по новата утврдена методологија, кое треба да се случи во првиот квартал идната година.
За трансферите што се планирани од единиците на локална самоуправа се планирани вкупно 434 милиони евра во ДДВ и блок-дотации кон општините во кои се планирани средства и за исплата на покачените плати на 40.000 просветни работници, кои годинава се покачија за 15 отсто. За плати во јавна администрација во 2023 година се планирани 570 милиони евра. За здравството како систем се планирани 685 милиони евра.
Со буџетот се обезбедуваат 250 милиони евра средства за антикризни мерки, 120 милиони евра повеќе за пензионерите, 57,5 милиони евра повеќе за општините, 63 милиони евра повеќе за здравствени услуги.