Аналитичарите сметаат дека е потребен подлабок рез ако сакаме да им ги зголемуваме платите на административците, а тоа би значело едновремено намалување на администрацијата и наместо многубројна, немотивирана и слабо платена администрација, да направиме мала, професионална и добро мотивирана администрација што ќе има повисоки плати
Предлог-буџетот на Владата веднаш под лупата на економските аналитичари
Државната каса за 2024 година е рекордно тешка, а Владата е оптимист дека скроениот буџет ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Но дали е доволно развоен буџетот за да генерира толкав раст идната година? Дали воопшто предвидените капитални инвестициите ќе се реализираат и плановите ќе го постигнат посакуваниот ефект? Кои развојни стапки се потребни за буџетот да биде отскок за раст на БДП? Токму на оваа тема разговаравме со економски експерти, кои дадоа свои ставови и насоки за тоа што треба да се промени во буџетот за да добиеме повисок економски раст.
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, треба да се има предвид дека буџетот е план за прибирање и трошење средства и тоа значи дека реализацијата на буџетот може да биде поразлична од планираното, додавајќи дека, сепак, тоа би го дознале дури во 2025 кога ќе биде изготвена завршната сметка на буџетот.
– Факт е дека за креаторите на буџетот најголем проблем се т.н. недискрециони трошоци или расходи, кои не зависат од волјата на Владата. Такви се, на пример, дотациите за исплата на пензии во фондот за ПИОМ, кој нема доволно средства прибрано од придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, но и многу други давачки од буџетот што се предвидени со одредени закони. Ваквите издатоци му оставаат многу малку можност на министерот за „креативно“ ги троши прибраните средства. Во вакви услови, „развојноста“ на буџетот зависи само од „храброста“ за нови задолжувања. Но дали тој навистина ќе биде развоен зависи од неговата реализација – посочува Димитров.
Тој смета дека ако при првиот ребаланс веднаш се кратат капиталните расходи за сметка за некои социјални трансфери, тогаш веднаш ја намалуваме неговата „развојност“.
– Што се однесува до платите на администрацијата, сметам дека овде ни е потребен подлабок рез ако сакаме да им ги зголемиме платите на административците. Тоа значи едновремено намалување на администрацијата и наместо многубројна, немотивирана и слабо платена администрација, да направиме мала, професионална и добро мотивирана администрација што ќе има повисоки плати. Минималната плата ќе се покачи во согласност со растот на инфлацијата и просечните плати и тоа е законска обврска, друго прашање е дали не претеравме кога минималната плата ја покачивме толку високо во однос на просечната плата во земјата – потенцира Димитров.
Во однос на најавите за зголемување на минималецот, платите на административците и пензиите, тој не смета дека овие давачки се предизборно ветување, затоа што со години нашите влади постојано се однесуваат како да сме пред избори, и со оглед на тоа тие немаат време за тешки реформи.
– За жал, не гледам можност некоја наша политичка влада да се зафати со тешки реформи на институциите и департизација на истите тие, веројатно за тоа би ни била потребна некоја експертска влада што нема толку да води сметка за реакциите на граѓаните, туку ќе го гледа државниот интерес на земјата – истакнува Димитров.
Универзитетскиот професор Зоран Ивановски истакна дека во делот на приходите, мошне оптимистички се планира раст од 10 отсто во однос на 2023 г., имајќи предвид дека и годинава динамиката на прибирање на јавните приходи е под планираното.
– Оттука сметам дека е мошне амбициозно да се калкулира со тој обем на јавни приходи, а доколку не се остварат, да се задржи планираното ниво на јавни расходи, тогаш така декларираниот буџетски дефицит од 3,6 отсто нема да биде остварлив – вели Ивановски.
Според Ивановски, добро е што Владата е доследна кон определбата за фискална консолидација, што се потврдува со намалената проекција на буџетскиот дефицит во апсолутен износ, но и во процент од БДП.
Сепак, она што загрижува, според него, е структурата на буџетот, за која вели дека е мошне нефлексибилна, најмногу поради големите обврски во социјалната сфера.
– Сѐ уште сме далеку од вистинско капитално и на пазарни основи поставено пензиско осигурување, така што голем обем на буџетот и наредната година ќе биде наменет за исплати на пензии, и тоа го оптоварува буџетот и го прави нефлексибилен. Средствата наменети за плати на јавната администрација исто така ја потврдуваат неможноста на буџетот да се искористи поагресивно за подинамичен економски раст – додава Ивановски.
Во однос на капиталните инвестиции, тој вели дека како и секоја година средствата се високи, но сѐ уште не се доволни за да можат да го забрзаат растот на економијата. Во моментов тие се на околу 14 отсто од буџетот, и за да имаме повисоки стапки на раст, тој процент мора да се зголеми до 20 отсто.