Според повеќе изјави на високопозиционирани лица во администрацијата на Европската комисија (ЕК), енергетскиот пазар на Европската Унија е во многу поповолна позиција отколку што беше минатата година во ова време. Веста за рекордниот капацитет за складирање, администрацијата на Брисел сака да се прочита гласно во светската јавност како „исклучителен успех на Европската Унија“!
ЕУ со оптимистички прогнози дека ќе го стабилизира енергетскиот пазар пред претстојната зима
Кон крајот на минатата недела складираните резерви на природен гас на територијата на ЕУ достигнаа историски максимум. Европската Унија објави во јавноста дека ги наполни своите складишта за гас и три месеци пред планираниот рок. Складиштата се исполнети пред почетокот на грејната сезона, што е во согласност со исполнувањето на политиката на Брисел за т.н. „одвикнување од рускиот гас“.
Складиштата за гас во земјите-членки на ЕУ достигнаа ниво на исполнетост од 90,12 отсто од вкупниот капацитет, што значи дека законската обврска е веќе исполнета, според која, зафатеноста (исполнетоста) на европските складишта за гас мора да достигне ниво од 90 отсто најдоцна до ноември.
– Денешната потврда дека ги исполнивме нашите обврски пред истекот на рокот нагласува дека ЕУ е добро подготвена за зимата. Ова ќе ни помогне дополнително да го стабилизираме пазарот во наредните месеци – изјави комесарот на Унијата за енергетика, Кадри Симсон. Енергетскиот пазар на Европската Унија, вели тој, е во многу поповолна позиција отколку што беше минатата година во ова време. Веста за рекордниот капацитет за складирање, администрацијата на Брисел сака да се прочита во светската јавност како исклучителен успех на Европската Унија!
Учеството на рускиот гас во вкупниот увоз во ЕУ падна на 23,6 отсто во првите осум месеци од 2022 година. Оваа година, уделот на Русија во европскиот увоз би паднал на само 8,4 отсто. Со ова темпо, членките на Унијата можат да ја постигнат целта целосно да го запрат увозот на руски гас до 2027 година. Ова за Унијата, според бриселската администрација, „дефинитивно е успешна приказна и за Европската комисија и за енергетскиот пазар, но пред сѐ за владите на земјите-членки“.
– Европската комисија очигледно многу успешно реагира на тоа дека за многу кратко време треба да најде замена за огромните количества природен гас што претходно се увезуваше од Русија – вели Џовани Сгаравати, аналитичар во аналитичкиот центар „Бројгел“ во Брисел.
Рускиот гас во голема мера е заменет со увоз од САД, Норвешка, Азербејџан и од други земји, а цените на гасот драстично паднаа од својот врв во 2022 година. Холандскиот индекс на цените на гасот ТТФ, кој во август минатата година достигна ниво од 320 евра за мегават-час, оваа недела се движи на ниво од околу 38 евра. Сепак, цената на гасот е повисока од пред војната, кога „играше нагоре – надолу“ за околу 20 евра за мегават-час – а тоа значи повисоки сметки за домаќинствата и помала продуктивност за европската индустрија.
– Цените на бензинот на големо сè уште се значително повисоки од оние од минатата деценија. А тоа што европските магацини се полнеле порано од вообичаено, за жал, не гарантира натамошен пад на цените. Цената на гасот се одржува со можноста оваа зима да биде постудена од просечната – објаснува аналитичарот на пазарот на гас Том Марзек-Мансер.
Аналитичарите очекуваат ова да биде последната зима во која евентуалниот недостиг од гас е сериозна грижа за купувачите, со оглед на тоа што до средината на следната година на европскиот пазар би требало да бидат достапни многу поголеми количества ЛНГ од Катар и САД. Од друга страна, некои централноевропски земји (особено Австрија) сè уште се потпираат на рускиот гас што се „оживува“ преку гасоводите низ Украина. Бидејќи Киев веќе јасно стави до знаење дека нема намера повторно да преговара за договорот за транзит, кој истекува на крајот на следната година, овие земји сега се под голем притисок да најдат нови доставувачи за краток рок. Дали ќе успеат, останува во непосредниот краток период да се види.