Недостигот од свежа работна сила е и ќе биде проблем што ќе го имаме уште многу години. Нискиот наталитет и стареењето на нацијата, комбинирано со заминувањето на младите надвор од државата, директно влијаат на падот на работоспособното население. Ова е една значајна пречка за зголемување на производството и за раст на реалната економија
Се исцрпуваат човечките ресурси, стопанството во црвена зона и по тој основ
Одливот на млад кадар од државата, неусогласеноста на вештините и компетенциите на понудата со побарувачката на работна сила, како и образовен систем што не одговара на потребите на бизнис-секторот доведуваат до сериозен недостиг од човечки ресурси во нашата држава.
Според италијанската невладина организација ЦОСВ со подружница во Прилеп, во последните години Македонија има огромен одлив на млади луѓе, најмногу поради отсуство на синхронизираност помеѓу образованието и реалните потреби на пазарот на трудот. Овој застрашувачки негативен тренд е поразителен, укажуваат од невладиниот сектор.
– Треба поголема вклученост на сите организации во креирањето на јавните политики, во креирањето на уписните политики, во креирањето слободни работни места. Треба всушност бизнис-секторот да биде во согласност со академската заедница, да се креираат уписните политики со Агенцијата за вработување и сите други релевантни чинители во ова општество – вели Дања Димовска-Микаровска од невладината организација.
На сличен став се и македонските стопанственици, кои одамна алармираат дека едвај наоѓаат работна сила, најмногу поради неправилната поставеност и организацијата на понудата на трудот во однос на побарувачката на пазарот на трудот.
– Основна цел на задоволување на пазарот на трудот треба да биде приватниот сектор. Тоа е тој сектор што ја создава додатната вредност и ние сите, вклучувајќи ги и јавните институции, треба да креираме општество и образование што ќе креираат работна сила за потребите на приватниот сектор – објаснува кажа Ирена Јакимоска, претседателка на Регионалната стопанска комора – Прилеп.
Таа вели дека во моментов е предизвик за секој бизнис, па и за јавните служби да најдат квалитетен кадар, затоа треба ублажување на масовниот одлив на млади и едуцирани кадри од земјава, да се направат напори преку вмрежувањето на бизнис-секторот, академската заедница и граѓанскиот сектор, да се обезбедуваат стипендирања, мотивирачки платена практична работа и идни вработувања за новите кадри да останат во Македонија.
Стопанството постојано алармира дека одливот на кадри станува неиздржлив и ако не се најде ефикасно решение, оваа состојба може да стане погубна за домашната економија, која од ден на ден станува сѐ послаба.
Младите се разочарани од лошиот квалитет на животот, ги загрижува економската несигурност, велат стопанствениците. Според нив, потребно е инвестирање во образованието, но и вработување на младите во институциите за да останат дома.
– Околу 10.000 млади луѓе заминуваат од земјава на годишно ниво. Ние инсистираме и во нашиот фокус, како претставници на бизнис-заедницата, постојано да реализираме активности за задржување на младите кадри во земјава. Има голем број мерки и активности што придонесуваат за тоа. Наша заложба е да придонесеме и државните органи и институции да имаат поголема можност и активности за привлекување на овој кадар заради квалитетни услуги што претставуваат поддршка на бизнисот. Истовремено апелираме да се инвестира во научноистражувачки институти, лаборатории и други соодветни активности што ќе придонесат за поддршка на бизнис-заедницата, а ќе може да го апсорбираат овој кадар – истакнуваат од Стопанската комора на Македонија.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, вели дека недостигот од свежа работна сила е и ќе биде проблем што ќе го имаме уште многу години. Нискиот наталитет и стареењето на нацијата, комбинирано со заминувањето на младите надвор од државата, директно влијаат на падот на работоспособното население и ова е пречка за зголемување на производството.
– Сметам дека ќе продолжи оваа тенденција на намалување на работниците во индустријата и во следниот период. Заминувањето на младите од земјава зема голем замав, но исто така постои и разидување меѓу образовниот процес и потребите на пазарот на трудот, што директно влијае на немањето соодветен кадар во одредени сектори – вели Ангел Димитров.
Тој посочува дека нема сектор во земјава каде што нема недостиг од работници. Укажува дека недостиг се јавува дури и во сектори каде што има повисоки плати од просекот во земјава, што, според него, се должи најмногу на заминувањето во странство.
– Младите не заминуваат само поради платите, туку и поради лошите услови за живот, партизацијата, начинот на функционирање на државата, едноставно не им се допаѓа како функционира државата и затоа заминуваат. Поради овој проблем, во идниот период Македонија ќе нема можности за драстично зголемување на бројот на вработените лица – посочува Димитров.
Според него, голем проблем е и расчекорот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила. Укажувајќи дека побарувачката на работна сила ја прави структурата на нашето стопанството, какви дејности имаме, такви работници бараме. Додека факултетите и средните училишта квалификуваат какви желби имаат учениците и студентите, а не какви потреби има стопанството.
– Решението на проблемот не е ниту лесно ниту брзо. Треба да се започне со реформи во образованието, кои резултатот ќе можат да го дадат најрано за десетина години. Наедно, потребна е државна поддршка за структурни промени во индустријата во која, наместо традиционалните текстил, мебел, металургија, ќе се зајакнат металопреработувачката индустрија, хемијата, фармацијата и други пропулзивни гранки што ќе исплаќаат поголеми плати и ќе ги задржат младите во земјава – нагласува Димитров.