Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска учествуваше на „Копаоник бизнис форум“, кој се одржува во Србија, соопшти владината прес-служба.
Битиќи говореше на панел дискусијата на тема „Западен Балкан: Регионална економска соработка“. Тој истакна дека меѓусебната соработка и создавањето на силна економска меѓузависност, наместо зависност, во регионот е патот кој целиот Западен Балкан ќе го води кон просперитет, раст, развој и отпорност на економијата, притоа посочувајќи дека на овој начин ќе се олесни и вклучувањето во единствениот европски пазар.
– Регионална конкурентност, наспроти регионална конкуренција е нашиот избор. Регионалните иницијативи треба да ги прифаќаме како можност за олеснување на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан и зголемување на конкурентноста на нашите економии – рече вицепремиерот Битиќи.
Зборувајќи за предизвиците кои ги наметнува геополитичкиот контекст, тој се осврна и на потребата од „near shoring“ кај компаниите што се соочуваат со прекин во синџирот на снабдување.
– Особено во овој пост-кризен период, near-shoring-от, е јасна и научена лекција која земјите од Западен Балкан треба брзо треба да ја применат и да ја искористиме нашата близината до европските центри, да прераснеме во економски простор во кој ќе се реализираат нови инвестиции, кои ќе донесат додадена вредност – рече Битиќи.
Се осврна и на економските политики на Владата за зајакнување на конкурентноста на економијата, пришто зборуваше за Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
– Подеднакво ги третираме домашните и странските компании, активно им помагаме да бидат повеќе конкурентни, да изградат капацитети да ги задоволат високите стандарди во различни индустрии. Имаме значајни бројки, само преку овој закон со околу 100 милиони евра поддржавме 919 компании, кои во нашата економија инвестираа околу 500 милиони евра. На овој начин создаваме домашно конкурентна економија и креираме додадена вредност – рече вицепремиерот Битиќи.