Не се очекува драстично поскапување на цената на електричната енергија, додека драстичното поскапување на парното греење не е решение, истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, во синоќешното гостување во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат.
Предвидено е РКЕ на денешната седница да ги разгледа забелешките од енергетските компании, по што ќе донесе одлука за цената на електрична енергија што ќе биде во важност од 1 јануари.
– Драстично зголемување нема да има затоа што тоа не е решение на проблемот. Драстично зголемување во делот на електричната енергија е сѐ што е над 20 отсто. Ситуацијата нема да се подобри со драстично зголемување на цената, туку ќе се влоши бидејќи ќе се намали процентот на наплата и тоа не ни е целта. Целта е да го одржиме нашиот систем стабилен, колку што се може во вакви услови на енергетска криза во цела Европа – рече Бислимовски.
Тој има сличен став и по прашањето за цената на парното греење.
– Драстично зголемување на цената на парното не е решение. Во тој случај, со право, голем дел од скопјани би се исклучиле од парно и би се приклучиле на системот за електрична енергија. Тогаш би имале сериозни проблеми бидејќи дистрибутивната мрежа во деловите на Скопје каде што има парно, не е подготвена да прими енормно зголемена потрошувачка, а ќе се влоши и состојбата во однос на набавката на електрична енергија – заклучува Бислимовски.