Според соговорниците со кои се консултиравме, дополнителното отворање на германскиот пазар на трудот за работниците од Западен Балкан уште повеќе ќе го вшмука работоспособното население и од Македонија и од регионов. Тоа, пак, ќе се одрази на работата на домашните компании, кои сѐ уште некако како да „тактизираат“ со нудењето подобри работни услови. Работодавачите и сега мака мачат во текстилната, преработувачката, прехранбената индустрија и градежништвото, односно во дејностите во кои во моментов се чувствува исклучително сериозен недостиг од квалификувани работници. Соговорниците се прашуваат што ќе се случи во блиска иднина кога во механизмите на регрутирање на нашите работници ќе се вклучат и „новите алатки за олеснување за работа и престој во Германија и во другите западноевропски земји?!“
Во земјава сѐ поприсутни се посредувачи за придобивање граѓани за работа во странство
Македонските компании стануваат сѐ понемоќни во мобилизирањето граѓани поради ангажман за работа на домашното работоспособно население во своите фирми. Имено, домашните работници, без разлика дали се вработени или слободни на берзата на трудот, сѐ повеќе се одлучуваат да заминат надвор од земјава. Тие ги прифаќаат условите на странските регрутни агенции за посредување при работа, кои работат во земјава за потребите на фирми од земјите од регионот и од Европа.
Регрутирањата на странските скаути се
поуспешни бидејќи условите што ги нудат се многу подобри за македонските работници
Хрватска, која се соочува со потребата од привлекување сезонски работници во областа на туризмот и другите услужни дејности, од минатиот месец ангажираше и агенција за посредување при работа. Условите што им беа понудени за сезонска работа во туристичките објекти на хрватското приморје беа поприфатливи за македонските работници, па многу од нив одлучија да заминат на работа во странство.
Од минатата година и германската влада сака да привлече повеќе стручњаци од странство и да им го олесни доселувањето во земјата. Намерата на германската влада е да ги отстрани бирократските пречки за влез на странски работници, а според новите законски предлог-измени што многу брзо ќе ги поминат законските процедури и ќе бидат во сила, во иднина веќе во Германија нема да биде потребно формално признавање на дипломите на луѓето што доаѓаат од држави што не се членки на ЕУ, туку ќе биде доволно доколку лицето „практично ја докаже својата квалификација за т.н. нерегулирана професија“. Имено, со поедноставни зборови, доколку лицето кандидат за работа во Германија практично докаже дека „го бидува да ја заврши квалитетно работата за која е заинтересирано да ја работи професионално, односно доколку има конкретни знаења и вештини“, тогаш нема да има формалноправни пречки од административен карактер за да биде ангажирано. Исто така и за лицата што имаат одредени дипломи, процедурите ќе се поедностават за нивно признавање. Секако, тоа треба да биде можно и откако лицето ќе се досели во Германија, се предвидува во новите предлог-закони. За лицата од држави што не се членки на ЕУ треба да има и т.н. карта за шанси, која треба да се издава врз основа на систем на поени за период од максимално една година. Поени ќе се добиваат, на пример, за работното искуство и познавањето на јазикот.
Егзодус на работо способното население допрва претстои
Според соговорниците со кои се консултиравме, дополнителното отворање на германскиот пазар на трудот за работниците од Западен Балкан уште повеќе ќе го вшмука работоспособното население и од Македонија и од регионов. Тоа, пак, подлабоко ќе се одрази на работата на домашните компании, кои сѐ уште некако како да „тактизираат“ со нудењето подобри работни услови. Работодавачите и сега мака мачат во текстилната, преработувачката, прехранбената индустрија и градежништвото, односно во дејностите во кои во моментов се чувствува исклучително сериозен недостиг на квалификувани работници. Соговорниците се прашуваат што ќе се случи во блиска иднина кога во механизмите на регрутирање на нашите работници ќе се вклучат и „новите алатки за олеснување за работа и престој во Германија и во другите западноевропски земји?!“
Од Здружението на пекарски фирми, деновиве, се пожалија дека не можат да најдат слободен пекарски работник иако платите во оваа дејност се од 30 до 60 илјади денари. Од последната анализа на Стопанската комора, 82 отсто од компаниите се обиделе да го обезбедат кадарот со потребните вештини, но не успеале во целост да го регрутираат бараниот кадар, а 45 отсто од компаниите причината ја гледаат во ограничениот број кандидати што поседуваат соодветни квалификации и работно искуство што го потврдува големиот расчекор меѓу понудата и побарувачката на вештини на пазарот на трудот.
– Недостигот од квалификуван кадар, и покрај сите кризи низ кои поминуваме, останува и понатаму главниот проблем со кој се соочува бизнис-секторот и мора така да се третира од сите чинители – истакна Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.
Со намалена понуда на квалификувана работна сила се соочува и градежниот сектор, во кој, според некои процени, недостигаат над десет илјади работници! Многу од работниците што поседуваат занаетчиски вештини заминаа во другите земји од Европа, а овој проблем ќе се влоши и со отворањето на пазарот за работници од Отворен Балкан. Затоа што градежните фирми од Србија и Албанија се поконкурентни во однос на финансискиот потенцијал.
– Решение е и отворањето на пазарот на трудот за увоз на работници, но работите одат бавно, а ние ја губиме конкуренцијата со градежништвото во регионот и пошироко. Во Србија и во Бугарија, донекаде и во Албанија, многу се повисоки и цените на деловните и станбените објекти, па и работниците можат да бидат многу поплатени отколку кај нас. Но работниците одат бидејќи и другите услови и амбиент во овие земји се подобри од овде – велат од градежната комора на Сојузот на стопански комори.
Нов план на Министерството за труд и социјална политика
Од Министерството за труд и социјална политика веќе работат на надминување на проблемот со недостигот од работници, а една од опциите е преку поедноставено ангажирање работници во привремени, повремени и сезонски работни ангажмани. За тоа се спроведува новиот план за Гаранцијата за млади 2023-2026. Планот е да се донесе едно законско решение што ќе ги опфати невработените лица, учениците над 15 години, студентите, пензионерите, корисници на гарантирана минимална помош и лицата во работен однос што вршат дополнителна работа. Притоа се опфатени дејностите земјоделство, угостителство, туризам и лични услуги и услуги во домот. Целта е зајакнување и поголема заштита на работниците и формализирање на неформалната работа.
Со планот за спроведување на Гаранцијата за млади 2023-2026, фокусот е ставен на лица од 15 до 29 години, кои не се во процесот на образование, кои не се вработени и не се вклучени во некои од обуките. Едновремено се воведуваат пилот-мерки во согласност со барањата на компаниите од реалниот сектор претставени од стопанските комори и од ТИРЗ.
– Главна новина е тоа што во различните видови обуки ќе бидат вклучени лицата со ниски квалификации, односно минимум завршено основно образование – посочуваат од МТСП.
Можноста за увоз на работници за дефицитарните кадри во домашната економија треба да биде последното решение, а претходно треба да се извршат сите активности за преквалификација и дообука на невработените лица во Македонија, чија бројка изнесува околу 120 илјади. Во овој процес, како што нагласуваат економските експерти, треба да се вклучат и самите компании, како што тоа го прават и германските компании, кои се одлучуваат да примат и лица што ќе стекнуваат работни навики во текот на нивниот едногодишен престој. Како значаен фактор за задржување на младата работна сила во Македонија е зголемување и на просечните плати во дејностите во кои недостигаат работници. За пример, тоа е градежниот сектор, во кој просечната плата во групата за изградба на згради изнесува околу 37 илјади, што е недоволно во однос на тежината на работата, но и високата побарувачка за станови. Другите работници во преработувачката индустрија и туризмот и угостителството примаат и пониски плати од државниот просек од 34 илјади денари. М.Ј.