Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески учествува на „23-от Меѓународен бизнис саем во Мостар“ што се одржува од денеска до 9 април. Мостарскиот саем е дел од мрежата на Здружението на изложувачи од југоисточна Европа (ЕАСЕЕ) и е една од најважните саемски манифестации во БиХ по бројот на изложувачи и посетители.
Како што информираат од Комората, по саемот во Тирана во декември 2021 година, Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (КИФ ЗБ6) организира заеднички штанд и во Мостар за 30 избрани мали и средни претпријатија (МСП) кои ќе бидат дел од заедничката делегација што ќе учествува на саемот од денеска до 7 април. Во рамки на штандот на КИФ учество ќе земат компании од земјоделскиот и земјоделско-прехранбениот сектор.
На заедничкиот штанд на КИФ ЗБ6 компаниите учесници од регионот ќе имаат можност за средба со шесте големи малопродажни синџири/дистрибутери – по една од секоја економија од шесте земји од Западен Балкан, што ќе учествуваат во програмата. Покрај тоа, ќе има и можност за меѓусебни деловни средби на компаниите од регионот како потенцијални партнери, можност за учество на обуки по мера за одржливо производство и потрошувачка на храна согласно со стратегиите и стандардите на ЕУ и да ги претстават своите промотивни материјални.
Саемот ќе биде збогатен со конференции, на регионално и меѓународно ниво од областа на животната средина, земјоделството и прехранбениот сектор, потенцијалот за развој на туристичките дестинации во пост ковид периодот, Б2Б-средби и образовни настани, нудејќи им на учесниците единствена понуда и комбинација од саемски и конференциски настани на едно место. Планирани се и тематски денови, а секој од нив ќе понуди придружна содржина поврзана со одреден сектор од економијата, што ќе им донесе уште подобра можност на учесниците да одржат конкретни деловни состаноци и да го подобрат бизнисот.
Унгарија како земја-партнер на годинашниот саем, ќе ги претстави своите економски потенцијали и можности за соработка. На саемот ќе учествуваат голем број изложувачи, доминантно од Австрија, Германија, Турција, Полска, Израел како потенцијална земја партнер. Присутни се и излагачи од Кина, предводени од технолошкиот гигант Хуавеи.