Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во јули годинава преку Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) се исплатени 16,5 милиони евра на конзорциумот „Бехтел и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола ).

Според Извештајот од надзорот за прогрес на работите, во јули изведувачот продолжил да извршува работи главно за геотехнички истражни работи, проектирање и спецификации на автопат, проектирање на експропријација, активности за истрага на неексплодирани убојни средства, работи за привремено управување со сообраќајот и работи за мобилизација и градежни активности главно за земјени работи, дренажа и конструкции.

Активности има за делниците Тетово-Гостивар (18 километри), Гостивар-Букојчани (30 километри)  и Прилеп-Битола (40 километри), додека за четвратата делница Требеништа – Ќафасан (22 километри) треба да се ревидира трасата за да се зачува заштитениот статус на Охридско Езеро и регионот.

Според Извештајот, во тек се работи на пет мостови, четири надвозници и два подвозници. До крајот на јули годинава, извршени се ископувања на  3,2 милиони метри кубни земја и вградени се 706.500 метри кубни материјал за пополнување

Во активностите, изведувачот заклучно со јули ангажирал 2.172 лица и 1.181 градежна машина.

Од почетокот на годинава,  кон „Бехтел и Енка“ имаше две исплати во април, по една во мај и во јуни. Заклучно со минатата година, беа исплатени 261 милиони евра.

Активности на терен согласно со Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра се спроведуваат од 22 април 2023 година.