Во периодот од 16.3.2020, од моментот на стапување во сила на мерките за спречување на влегувањето и ширењето на ковид-19, заклучно со 14.9.2020 година, спроведени се 6.257 инспекциски надзори. Од извршените инспекциски надзори, изречени се 775 мерки по различна основа, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство
Иако сѐ уште важат препораките за заштита од коронавирусот, некои трговци како да забораваат на нив и се однесуваат многу поопуштено за разлика на почетокот на пандемијата, кога почна примената на мерките за заштита на јавното здравје. Во некои трговски објекти, според сведоштва на купувачите, пред влезовите нема подлога со средство за дезинфекција за оние што влегуваат да си ги избришат чевлите, а има и продавачи што не носат заштитни ракавици, како што носеа на почетокот на пандемијата. На одделни места може да се забележи дека во редовите на касите не се држи безбедно растојание, а оние што чекаат се наредени речиси еден до друг. Во некои објекти трговците како да заборавија на обврската во текот на денот и почесто да го дезинфицираат просторот.
Досега нема докажано случај на заболување на лица од ковид-19 преку храна
Од Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, тврдат дека нивните инспекциски служби вршат редовни и вонредни контроли на општите и посебните хигиенски мерки во објектите на производство и промет со храна. Контролите вклучуваат контрола на хигиената во објектите, редовно чистење и дезинфекција на опремата и приборот што доаѓаат во контакт со храната и на другите површини во објектите, за да не дојде до контаминација на храната со разни патогени микроорганизми, вклучувајќи и контаминација со ковид-19.
– Досега нема докажано случај на заболување на лица од ковид-19 преку храна. За констатираните недоследности со контролите се изрекуваат соодветни инспекциски мерки и казни. Во периодот од 16.3.2020, од моментот на стапување во сила на мерките за спречување на влегувањето и ширењето на ковид-19, заклучно со 14.9.2020 година, спроведени се 6.257 инспекциски надзори. Од извршените инспекциски надзори, изречени се 775 мерки, од кои: едукации 485 субјекти, кои се однесуваат на невоспоставени и неимплементирани процедури на добра хигиенска практика (ДХП) и добра производствена практика (ДПП) базирани на HACCP-принципите, лоши општи хигиенски услови во објектите, нередовно водење записи за ДХП и ДПП (за следење на температурните услови за складирање на производите, за одржување на хигиената и за следливост на доставувачите на производи), неспроведување на мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, неуредни санитарни прегледи на вработените, без курс за основно познавање за хигиената на храната. Имаме и 261 решение што се однесуваат на: подобрување на хигиената во објектот, за водење евиденции за ДХП и ДПП, неспроведена дезинфекција, небезбедно пакување на лебот, отстранување од промет на неозначени и небезбедни производи. Потоа, парични казни се изречени во 29 случаи поради: пуштање во промет на производи без означување – декларација, небезбедни производи со поминат рок на употреба, непостапување по наредени мерки и работа на нерегистрирани објекти – информираат од АХВ.
Валкани кошнички и колички
Оттаму велат дека казните за утврдените недоследности се изрекуваат во согласност со Законот за прекршоци, а нивната висина зависи од големината на операторот со храна и тежината на прекршокот.
Инаку, според препораките за безбедност и здравје при работа, како мерка за елиминирање и ублажување на последиците од коронавирусот беше препорачано секој ден по завршување на работното време, трговците задолжително да вршат дезинфекција на целиот простор, на работните површини, на средствата за работа, подот, полиците, ладилниците, вратите и слично. Но барем еднаш секој што редовно пазари и шета по продавници, веднаш при влегувањето во некои од трговските објекти, забележал дека дофатил извалкана кошничка во која истурениот производ од некој претходен купувач останал неисчистен. И не извалкани само кошничките, купувачи велат им се случило да најдат и извалкани полици или шкафчиња, кои се наменети за оставањето на купените производи однадвор.
Вакво нешто не смее да се случува ни сега ни кога било, бидејќи ваквите места може да бидат потенцијални жаришта на зараза. Во објектите каде што секојдневно има најголема посетеност, многу лесно бактериите може да се разнесуваат, а поради присуството на коронавирусот сега опасноста е двојна. Токму затоа купувачи свртуваат внимание дека на хигиената и редот мора да се внимава и тоа мора повеќе да се контролира.
– Редовно наоѓам валкани кошнички и колички кога одам да пазарам во некои трговски објекти. Не знам дали дезинфицираат друго, ама во кошничките секогаш забележувам дека останал нередот од некои што пазарувале пред мене. Најчесто во нив има трошки од леб, истурено брашно, зачини и друго. Зарем треба да претураме по кошничките за да најдеме некоја чиста. Мора да има некој што ќе води сметка тие да бидат чисти, но можеби и некој што ќе го контролира тоа, бидејќи сега, во овие услови, тоа е уште поважно – вели битолчанката Елизабета Дамева.
Одговорни во некои од поголемите маркети, пак, велат дека сѐ уште многу строго внимаваат на хигиената и дезинфекцијата во објектите и постојано користат средства за дезинфекција.