Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Букурешт, оствари работна средба со министерот за економија, претприемништво и туризам на Романија Клаудиу Насуј.
Средбата се одржа во рамки на настанот „Унапредување на економската и трговска соработка помеѓу Македонија и Романија“ како почеток на еднонеделната промоција на домашни земјоделски и прехранбени производи “Недела на македонски произзводи“ во Букурешт.
Министерот Бектеши и неговиот колега Насуј разговараа за економските односи меѓу двете земји и можностите за одржување на позитивниот тренд на развој, како и зголемување со нови содржини од заеднички интерес.
Романија е 10-ти најголем трговски партнер на Македонија, а билатералната соработка помеѓу двете земји бележи континуиран раст во последните десет години.
Министерот Бектеши изрази очекување дека оваа билатерална соработка ќе продолжи со позитивен тренд во наредниот период и дополнително ќе се продлабочи и изрази надеж дека Романија како пријателска земја ќе сподели искуства од Европската Унија, особено што Македонија е на пат за влез во Унијата.
Министерот Бектеши го информираше својот романски колега за економските потенцијали на Македонија и посочи дека Владата креира предвидливи политики за директна поддршка на домашните и странските инвеститори, посебно за високо технолошките и извозно ориентирани компании. Истовремено, како што посочи министерот Бектеши се работи на унапредување на царинските и даночни политики, со што целосно се влијае на попозитивна деловна клима во земјата.