Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за финансии, Драган Тевдовски, се сретна со извршниот директор на Светската банка, Кун Дејвидсе. На средбата е изразена силна поддршка за одржливите фискални и економски политики, што водат кон реализација на проекти од интерес на граѓаните.
Констатирано е дека направените крупни политички чекори во државата, на долг рок го отворија патот за стабилизација, а со тоа и за одржлив економски развој на земјава, во којашто се гледа лидер за економски развој и на регионот.
На средбата е заеднички нагласена важноста на Стратегијата за партнерство на Република Македонија со Светска банка, со чијашто поддршка се реализираат проекти во патната, енергетиката и комуналната инфраструктура. Притоа, истакната е потребата за одржување на потребната динамика на активности, со цел заокружување на проектите во предвидените рокови.
– Граѓаните веќе ги чувствуваат економските бенефити од донесените политички одлуки. Сите економски параметри се во нагорна линија, растот на БДП-то, рекордниот износ на странски инвестиции на домашно и на регионално ниво. Работиме напорно овие трендови да продолжат и да имаме уште поголеми резултати до крајот на годината, за 2019 година да биде и економска година, освен година на интеграциите. Заокружување на НАТО интеграциите, како и почетокот на преговорите со ЕУ, по надминувањето на политичката криза, реформските чекори и затворањето на прашањата со соседите отвораат големи перспективи за државата и за граѓаните. Продуктивноста е добра, фокусирани сме на зајакнување на сервисните капацитети на институциите со цел зголемување на економските резултати и она што е најважно, тие да допрат уште повеќе до граѓаните и квалитетот на живот –
рече премиерот Заев на средбата со извршниот директот на Светска банка, Дејвидсе.