Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, извршија увид во теренските активности на неколку локации на територија на Општина Кочани.
Кочани е град претпознатлив по производството на оризова арпа од која се добива бел ориз како бренд надалеку познат во светот по својот квалитет. Од оваа земјоделска култура опстојуваат 3 500 земјоделски семејства во Кочанскиот регион.
Во Програмата за 2020 година, беа зголемени субвенциите по обработлива површина со задолжително користење на сертифициран семенски материјал од 12.000 денари на 25.000 денари а за оние производители на ориз без задолжителна употереба на сертифициран семенски материјал, субвенциите беа зголемени од 6.000 денари на 18.000 денари.
– Во моментов, сидбата на оризот е во завршна фаза и опфака површина од околу 3.200 хектари. Од годинешната жетва се очекува да се добие вкупно производство на оризова арпа од 16.398 тони. Откупот на оризова арпа и бел ориз се одвива непречено и моментално за разлика од минатите години, просечната откупна цена бележи значителен пораст и се движи од 25-30 ден/кг оризова арпа и од 50-65 денари за килограм бел ориз во зависност од тоа дали се работи за крупни или ситни сорти. Политиката на субвенционирање со одвојувањето на оризот од останатите житни култури, ја вракаат оваа култура на нивото од пред дваесетина години кога беше главна земјоделска култура и препознатлив бренд за Кочанскиот регион – изјави министерот Димковски.
На подрачјето на Кочани моментално има 10 субјекти регистрирани откупувачи на оризова арпа кои се запишани во регистерот на откупувачи на земјоделски производи кој се води во МЗШВ согласно член 31 од Законот за земјоделство и рурален развој. Министерот и градоначалникот, денеска беа во посета на компанијата Даниво ДООЕЛ, која е една од најголемите производители на оризова арпа во нашата држава. Даниво ДООЕЛ чија дејност е производство и преработка на ориз и други житарици како и свежа вишна, годишно откупува 5 милиони килограми оризова арпа и е еден од најголемите откупувачи во нашата држава. Благодарение на оваа компанија, белиот македонски ориз стигнува на нашите пазари но и на странските, со што се промовира квалитетот на нашиот ориз.
Министерот Димковски изјави дека за непречено и квалитетно производство на ориз, потребно е стабилно наводнување на земјоделските површини. За таа цел, во 2020 година, на подрачјето на делување на Брегалница Кочани, исчистени се земјени и бетонски канали, речни корита за што е користена постоечката механизација. Во овој период машински се исчистени 150 километри земјени канали, 20 километри бетонски канали, исчистено е речното корито на река Брегалница во должина од 2,5 километри. Рачно се исчистени 50 километри главни и споредни бетонски канали за наводнување. Министерот Димковски и градоначалникот Илијев извршија увид и констатираа дека водата за наводнување на оризовите површини пуштена е секаде, но поради сушниот период од почетокот на годинава, потребно е рационално користење со цел успешно завршување на сезоната.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев изјави дека општината секогаш ќе дава поддршка за развојните инвестиции на оваа Влада и воедно апелираше да се користат мерките коишто значат развој за земјоделското производство, особено за производството на кочанскиот ориз.
Во текот на денешниот ден, министерот Димковски и градоначалникот Илијев, извршија увид и во градежните активности на ХС Оризарска река кој е составен од повеќе потсистеми, кои претставуваат независни градежни целини и кои ќе се реализират во повеќе фази. Првата фаза е завршена и во тек се градежни активности од втората фаза – изградба на хидројазел Речани (брана Речани со придружни објекти, опточен тунел со возводен зафат, преливен орган и темелен испуст). Изведувачките активности се во тек и согласно договорот истите треба да бидат завршени до 2024 година. Оваа капитална инвестиција ќе овозможи снабдување со вода за пиење, наводнување на земјоделски површини во Кочанско Поле од околу 1,500 хектари како и производство на електрична енергија преку изградба на две хидроцентрали.
Кочанското поле каде се произведува македонскиот ориз, е една од целите за развој на земјоделството и токму затоа инвестираме во различни сегменти, а редовното снабдување со вода за пиење и наводнување е клучен фактор за постигнување на нашата развојна цел. Ниеден регион не е запоставен. Капиталните инвестиции секаде се во тек, чекор по чекор до остварување на целта.