Фото: Маја Јаневска - Илиева

Превозниците во меѓународниот транспорт очекуваат одредени бенефиции по најавеното финиширање на Коридорот 10, но истакнуваат дека е неопходно да се поедностават процедурите за проверка и за царинските постапки на границите, како и да се подобри патната мрежа во земјава

Побрз и побезбеден проток на патници и стока од следниот месец ќе има по автопатот по должината на Коридорот 10. Со финализирањето на коридорот во соседна Србија овој значаен патен правец најпосле ќе биде целосно покриен со автопат и се очекува да привлече поголем проток на возила. За македонските бизнисмени и транспортери комплетирањето на коридорот е значајно пред сѐ од безбедносен аспект, но истакнуваат дека Македонија мора да инвестира во овдешните патишта, зашто само со побрз и побезбеден транспорт ќе се развиваат селата и градовите во земјава.

– Главна придобивка е што најпосле ќе се стави крај на субстандардните услови на патиштата на Балканот. Втора придобивка е што ќе се подобри безбедноста за сите учесници во сообраќајот по должината на Коридор 10. Сметам дека во делот на туризмот сигурно ќе има големи бенефиции, барем за оние кои патуваат од север кон југ, но и за оние кои го користеа Коридорот 4 поради недостатоците на Коридорот 10.

Сега по Коридорот 10 ќе се стигнува ем побрзо, ем посигурно сѐ до Грција, а оттаму ќе можат да се поврзат и со Виа Игнација, па ќе биде доста корисeн и за сите кои патуваат кон Турција – вели Антони Пешев, претседавач на собрание на Стопанската комoра на Македонија.

Пешев посочува дека најголема придобивка ќе имаат превозниците, особено оние кои се занимаваат со патнички сообраќај. Сепак, напоменува дека намалувањето на времето на патување за 5-10 минути не значи ништо, за разлика од времето и часовите поминати на граница. Поради ова, Пешев истакна дека е неопходно да се поедностават процедурите за проверка на границата и царинските постапки, особено за стоката која транзитира низ земјава.

– Драматично подобрување во поглед на превозот на стока по овој патен правец нема да има, бидејќи станува збор за намалување на времетраењето на превозот за 5-10 минути. Станува збор за 25 километри автопат, што е значајно бидејќи поминува низ доста тежок реон, но предноста кај нивната инвестиција е што автопатот беше пуштан во етапи, значи се вози по автопатот пред да биде целосно завршен – вели Пешев.
Тој истакна дека во Македонија мора да се направи ревитализација на Коридорот 10, обнова на целата траса, особено на деловите каде што има потреба за да може да се движат возилата со константна брзина.

Претставничката на здружението на транспортери „Макам транс“, Билјана Муратовска, исто така вели дека секое подобрување на патната инфраструктура е добро за транспортерите, бидејќи се подобрува безбедноста и се намалува времето.

– Секогаш истакнуваме дека е многу важно да имаме безбеден и брз транспорт, за нашата работа секоја дупка е погубна, затоа секој обновен или тазе направен автопат или пат е важен. Мора да напоменеме дека за транспортерите, покрај добро направен пат, било да е автопат или регионален пат, многу е важно да се намалат процедурите на граница и да се намали времето поминато во чекање – вели Муратовска
Таа истакна дека не може да се потпреме само на автопатиштата, туку дека за развојот на земјава е важно и регионалните патишта да бидат направени, бидејќи има многу патишта кои треба да бидат обновени, но и многу дестинации до кои треба да се изгради пат.

– Не може секаде да имаме автопатишта, што е сосема разбирливо, но е неопходно до секоја дестинација патиштата да бидат добро направени и одржани. Ако патот до секое село и град е добро направен, тие стануваат многу подостапни и поинтересни за трговците и за други бизнисмени. Македонија како земјоделска земја мора да инвестира во патишта за да можат продуктите побрзо да стигнат од производителите до крајниот потрошувач – додава Муратовска.

Таа истакна дека кога има нов пат, односно кога има солидна патна инфраструктура, расте и цената на земјата, се зголемува нејзината вредност.

– Доколку имаме подобри патишта, луѓето полесно ќе се одлучуваат да патуваат и да работат во еден град иако живеат во друг, бидејќи ќе пристигнуваат побрзо, што е вообичаено во европските земји. Кај нас сите села и градови се испразнија, само главниот град сѐ уште расте. Треба постојано да се инвестира во патна инфраструктура, без оглед дали станува збор за автопат или, пак, за регионален пат. За побрз и побезбеден проток на стока и патници се неопходни квалитетни и одржувани патишта – заклучи Муратовска.

Упатените во проблематиката честопати посочуваат дека автопатот по должината на Коридорот 10 го губи своето значење поради тоа што е нецелосен и дека приматот го презема Коридорот 4. Превозот на стока и патници особено од развиените европски земји кон Турција се префрла низ соседните земји, поради што експертите посочија дека се неопходни инвестиции, односно негово комплетирање за помасовно користење.

[email protected]