Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претставници од Регулаторната комисија за енергетика рекоа дека конечно од први април проблемот со паушалот за топлинска енергија ќе биде решен во полза на граѓаните, посочи претставникот на здружението на граѓани „Но пасаран“

Граѓаните можат конечно да очекуваат укинување на паушалот за топлинска енергија, посочи претставник на здружението на граѓани „Но пасаран“. Велат оти добиле ветување од надлежните институции дека од следниот месец граѓаните што не користат топлинска енергија нема ни да добиваат сметки за паушал.
– Претставници од Регулаторна комисија за енергетика рекоа дека конечно од први април проблемот со паушалот за топлинска енергија ќе биде решен во полза на граѓаните. Значи од први април во новите правила за снабдување со топлинска енергија ќе нема обврска за негово плаќање. Но мора да истакнам дека овие правила сѐ уште ги немаме видено и дека истите тие треба да се објават до крајот на месецов. Се надеваме дека најпосле тие ќе бидат во согласност со законите и потребите на граѓаните – вели Марјан Ненов од здружението „Но пасаран“.
Инаку, се очекуваше паушалот за топлинска енергија да биде укинат уште при промената на власта, бидејќи тоа беше едно од предизборните ветувања на владејачката партија, која тогаш беше во опозиција. Но и по две години од нивното владеење, паушалот сѐ уште се наплаќа.

– Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија до крајот на месец март ќе ги донесе правилата за снабдување со топлинска енергија, во кои ќе бидат уредени односите меѓу снабдувачот со топлинска енергија, потрошувачите и дистрибутерот – накратко ни посочија од регулаторното тело.

Во надминувањето на проблемот со паушалот за топлинска енергија беше посочено дека ќе се вклучи и Македонската академија за науките и уметностите, а претставниците на „Но пасаран“ информираат дека веќе имале средба со нив.

– Имавме седница во МАНУ, каде што ни презентираа дел од студијата. Во правниот дел, МАНУ се изјасни дека според законот нема никаде обврска исклучените да плаќаат паушал. Исто така, кажаа дека Уставниот суд ги одбил сите иницијативи од граѓаните за паушалот. За потсетување, Уставниот суд ги одби сите наши иницијативи за укинување на паушалот и посочуваше дека веќе се изјаснил за ова прашање – вели Ненов.

Според него, со новите правила за топлинска енергија треба да се укине обврската исклучените да плаќаат паушал, што им било ветено од претставниците на регулаторното тело, кои ги посетиле за време на нивните протести.

– Дојдоа претставници на регулаторот на протестите што ги организираме и ни беше ветено дека граѓаните веќе нема да плаќаат паушал за услуга што не ја добиваат. Сепак, не верувам дека граѓаните што плаќале досега ќе си ги вратат средствата со какви било тужби. Можеби таква можност ќе имаат граѓаните што веќе ја тужеле компанијата. Најголем шанси имаат оние што се бунеле и кои дале известување до регулаторот или до компанијата дека не сакаат да ги плаќаат сметките, но дека се принудени поради пристапот на компанијата да ги плаќаат. Сепак, искрено не верувам дека ќе им бидат вратени парите, ама одговорноста ќе лежи на претходното раководство на регулаторна и на нотарите, кои ги проследувале овие тужби иако требало да ги отфрлат – додава Ненов.

Тој дополни дека ќе предложат формирање фонд за обесштетување на граѓаните, кој треба да го платат нотарите со своите гаранции, бидејќи тие, според него, направиле кривично дело, прифатиле фалсификувани документи за веродостојни.

– Овие нотари треба да ги изгубат лиценците за работа и гаранциите и со нивните гаранции треба да се наполни фондот за обесштетување на граѓаните и првенствено да се обесштетат граѓаните што се бореле на суд, а потоа и оние што редовно плаќале, секако до оној степен до кој е изводливо тоа – дополни Ненов.

Се проценува дека во Скопје има околу 12.000 домаќинства исклучени од парно, кои со години се принудени да го плаќаат паушалот, кој изнесува десет денари за еден квадратен метар месечно, во текот на целата година. Исто така, се проценува дека само од паушалот на исклучените корисници се наплатени 11 милиони евра во текот на изминативе шест години.

[email protected]