Со интерконекторот со Грција, државата ќе обезбеди стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени, што е во согласност со нашата долгогодишна енергетска стратегија за регионална соработка во енергетиката, истакна премиерот Зоран Заев на денешниот увид на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар заедно со министрите Бектеши и Бочварски и директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи.
Заев го поздрави напредокот на работните активности и истакна дека магистралниот гасовод е дел од изградбата на преносниот систем за гас во целата држава, како еден од врвните приоритети на Владата што е од исклучителен интерес за граѓаните и за стопанството.
– За три години направивме огромна разлика на планот на енергетиката. Од земја која што беше ставена во ситуација да биде зависна од само еден коридор, Северна Македонија денеска е земја интегрирана во енергетски проекти и вклучена во иницијативи за енергетско поврзување кои отвораат широки перспективи и за брз економски развој и за стабилно снабдување на граѓаните со евтин и еколошки енергенс како што гасот. Оваа динамика на градежни работи и во услови на пандемија, веќе го прави многу блиску гасот до индустријата и граѓаните што значи обезбедување пренос и приклучок по ниски цени, достапни за граѓаните и стимулирачки за индустријата. Магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар, во должина од 86 километри, заклучно со септември оваа година, е реализирана на ниво 66 проценти, со проценки дека целосно ќе биде завршена во втората половина на идната година, вклучувајќи ја и изградбата на мерните станици и краците кон градовите – изјави Заев.
Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека изградбата на гасоводот е најприоритетен проект во енергетиката во државата. На изградбата на националниот гасовод се работеше интензивно во изминатите три години, а со исто темпо ќе се продолжи и во наредниот период. Министерот Бектеши потенцираше дека паралелно се работи на воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа.
– Ова ќе овозможи пониски цени за енергенси за индустријата и стопанството, а компаниите ќе станат поконкурентни со што ќе ги намалат нивните трошоци во делот на снабдување со енергенси, но дополнително ќе им овозможи и на граѓаните можност на снабдување со природен гас – кажа министерот Бектеши.
Министерот Бочварски потенцираше дека се вложени сите расположливи капацитети за интензивно решавање на имотно-правните односи и забрзување на постапките за експропријација и одобрување на проектите за инфраструктурната гасификација на земјата, која ќе придонесе за намалени емисии на штетни гасови, а со тоа и за почист воздух и поздрава животна средина, од бенефит не само за нас, туку и за идните генерации.
– Во моментов за изградба на двата магистрални гасоводи се реализираат инвестиции во висина од околу 65 милиони евра од кои 29 милиони за изградба на кракот од Скопје кон Гостивар и 36 милиони евра за изградба на гасоводот од Неготино до Битола – рече Бочварски истакнувајќи ги следните чекори за продолжување на кракот кон Кичево-Охрид, поврзувањето со пруга крак кон Велес и Cв.Николе, како и проектите за изградба на интерконекциски врски со соседните држави.
Директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи ја истакна важноста од гасификацијата и рече дека иако во време на пандемија е неблагодарно да се дефинираат точни рокови, очекува навремена реализација на предвидените проекти.