За петтиот пакет мерки што ги планира Владата како поддршка за стопанството и за граѓаните, за надминување на корона-кризата, се наменети 160 милиони евра, од кои 91,7 милион евра за директни буџетски трошоци, а преостанатото од кредитите. Како што посочи премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција, помошта за стопанството ќе биде поделена во четири столба, при што првиот столб е директна помош во туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот и индустријата за организирање настани, а вториот столб се бесплатни кредити за задржување на бројот на работниците и за поттикнување на развојот на компаниите. Третиот столб на кој се темели новиот сет мерки е редефинирање на царинскиот тарифник, одложување на јавните давачки, додека, пак, четвртиот столб е наменет директно за граѓаните погодени од пандемијата.
– Петтиот пакет на мерки, кој е поделен во четири столба, треба да им помогне на компаниите и на граѓаните погодени од пандемијата. Пакетот економски мерки се донесени во инклузивен процес со сите релевантни чинители, според истиот принцип како и изминатите четири пакети. Овој пакет на мерки е продолжување на претходните пакет мерки и треба да овозможи раст на економијата и враќање на патеките остварени во 2019 година – кажа премиерот Заев, посочувајќи 29 мерки за поддршка на стопанството и на граѓаните, кои ќе бидат имплементирани во текот на целата 2021 година.
Тој објасни дека со новиот сет мерки и со плановите за поддршка на платите ќе бидат опфатени околу 60 илјади работници, но овој пат со измени на условите за добивање на помошта. Исто така, беше истакнато дека ќе има посебни кредити за туристичкиот сектор и за транспортниот сектор, но и за приватните здравствени установи, кои ќе се делат преку развојната банка на Северна Македонија.
Се планира поддршка за радиодифузерите, но и посебна поддршка за занаетчиите и за компаниите што организираат разни настани. Со посебна мерка за секторот туризам се планира финансиска поддршка за хотели надвор од туристичките локации, во висина 64,6 милиони денари за 2021 година, во зависност од бројот на регистрирани легла и категоризацијата.
Беше најавена поддршка за извозните компании преку евтини кредити, но и поддршка за спортските клубови, ослободување од царински давачки за 71 дејност во висина од 436,6 милиони денари и други мерки.