Вкупно 1.089 туристички ваучери се искористени изминативе денови, од кои повеќето во Охрид и во Струга, но има и во Дојран, Берово, Крушево, Маврово и во Попова Шапка, посочуваат од Министерството за економија, а хотелиерите додаваат дека корисниците толку се задоволни што доплаќаат и за понекој ден повеќе
Над илјада ваучери за туризам се искористени првата недела од предвидениот рок за нивната употреба. Во согласност со најавите, над сто илјади ваучери се поделени кај граѓаните за поддршка на туризмот, а истите тие може да се искористат до 15 декември оваа година. Надлежните очекуваат дека истите тие ќе бидат во целост искористени, во согласност со досегашниот интерес и во согласност со предвидената динамика.
– Министерството за економија преку платформата има увид во секој момент за сите ваучери кога и каде се искористени во угостителските објекти пријавени во платформата „Дома си е дома“. Во моментот се искористени 1.089 ваучери. Повеќето се во Охрид и во Струга, но има и во Дојран, Берово, Крушево, Маврово и во Попова Шапка.
Според динамиката, откако е почната реализацијата сметаме дека истата таа ќе се реализира во предвидениот рок доколку ситуацијата со вирусот не се влоши во периодот што следува. Особено ако се има предвид дека ваучерите можат да се користат до 15.12.2020 година, поради што сметаме дека има доволно време истите тие да се реализираат – посочуваат од Министерството за економија и додаваат дека сѐ уште е рано да се прават анализи на ефектите од оваа мерка.
Оттаму посочуваат дека за проширување или за продолжување на мерката ваучери за граѓани со ниски примања, со кои е предвидено да се поддржи секторот туризам, како еден од најпогодените сектори поради ширењето на ковид-19, зависи од ефектот на досега поделените ваучери.
– Како Министерство за економија сметаме дека сега е рано за да се направат анализи, истото тоа е предвидено да се направи на крајот на месец септември и во согласност со резултатите од анализите ќе се преземат наредни активности, имајќи предвид дека оваа мерка е предвидена истовремено како помош за работниците со ниски приходи да можат да користат одмор, но и како мерка за поддршка на угостителските објекти, да можат во време на економска криза, поради ширењето на вирусот, да ги задржат нивните вработени, за да закрепнат од последиците од кризата – додаваат од Министерството.
Инволвираните во туристичката дејност, пак, посочуваат дека има голем интерес за сместување преку ваучери, но дека засега повеќе имаат граѓани што се интересираат, а дека резервации се прават во мал обем. Оттаму, исто така, истакнуваат дека покрај интересот за искористување на ваучерите, позитивно е што граѓаните сакаат да го продолжат своето сместување и за по неколку дена по предвидениот максимум со ваучерите.
– Хотелот „Метропол“ е вклучен во проектот на Владата за ваучери и ние ги прифаќаме ваучерите за туризам. Досега имаме голем интерес за сместување, и притоа не само во висина на вредноста на ваучерот туку и за продолжување на престојот на некој дополнителен ден – појаснуваат претставниците на хотелот „Метропол лејк ресорт“ во Охрид.
Дека ваучерите можат да го поддржат и да го помогнат спасот на туристичката дејност смета и првиот човек на здружението на хотелиери ХОТАМ, Крсте Блажески, кој посочува дека очекува граѓаните да престојуваат во сместувачките капацитети повеќе отколку што ќе можат со ваучерите, со што делумно би се спасила летната сезона.
– Според најавите, издадени се над 100 илјади ваучери, кои нема да бидат само за едно ноќевање, очекувањата се дека посетителите би престојувале барем пет ноќи, што би значело петстотини ноќевања, а тоа е значителна бројка. Од друга страна, имаме и посетители што доаѓаат без ваучери.
Иако генерално ваучерите се за лица со ниски примања и голем дел не можат да си дозволат сместување во поскапите хотели, сепак, тие ќе добиваат и дополнителни ваучери од по 50 евра за трошење во рестораните. Ќе имаме неколку опции за договарање, дали гостите ќе сакаат полн пансион или можеби полупансион или ноќевање со појадок. Од тие опции ќе зависи конечната бројка. Веројатно, голем дел ќе се упатат и во приватно сместување, сѐ зависи од нивните можности и желби, но се надеваме дека со оваа поддршка ќе успееме да ги зачуваме вработените што ги имаме, бидејќи е навистина тешко да се дојде до квалитетен работник – посочува Блажески.
Досега се издадени вкупно 117.122 ваучери, кои во домашните туристички капацитети можат да се користат од 15 јули 2020 година до 15 декември 2020 година. Имињата на сместувачките капацитети каде што може да се користат ваучерите се објавени на веб-страницата „Дома си е дома“.
Меѓу 450-те сместувачки капацитети има хотели, хостели, приватни објекти и станоиздавачи што се регистрирани и категоризирани во согласност со параметрите на Министерството за економија. На промоцијата на ваучерите за домашен туризам, министерката за финансии Нина Ангеловска посочи дека ваучерите имаат повеќе цели, како што се финансиска поддршка на граѓаните, формирање свест за купување македонски производи, ориентација кон безготовинско општество, како и намалување на бирократијата, односно дебирократизација на процесите што ја овозможуваат технологиите.
– Станува збор за две обемни мерки како од аспект на опфат на граѓани односно 325.000 лица, но истовремено и финансиски обемни. Ваучерите се во вредност над 10 милиони евра, додека домашните платежни картички се во вредност од 28 милиони евра. Значи, околу 40 милиони евра за краток период ќе се влеат во домашното стопанство и ќе се насочат кон македонскиот туризам и домашните производи. Овие средства се поддршка за нашите граѓани, но се и важна финансиска инјекција за нашата економија, за домашните фирми, особено кога стопанството треба да почне да се враќа на нозе – рече Ангеловска.
Таа посочи дека овие мерки треба да придонесат за регистрирање на многу сместувачки капацитети каде што овие ваучери ќе се користат и со тоа овие субјекти ќе се воведат во формалната економија.