Сега, кога е веќе заокружено преименувањето на државата, до израз доаѓаат поуките од античко време за статусот и моќта на малите држави, односно реалните факти дека силните го прават она што сакаат, а слабите она што мораат и дека сите држави правно се еднакви, но дека некои се поеднакви од другите. Факт што Грците максимално го искористија
Прашањето за името, политичките односи меѓу Македонија и Грција и сите околности поврзани со овие точки уште на почетокот станаа интересен терен за наоѓање голем број паралели од далечното или блиското минато. Низ сите овие речиси три децении редица политичари, аналитичари, историчари, правници, професори, археолози, новинари и други упатени професионални профили наоѓаа историски споредби, обидувајќи се да нудат актуелно прифатливи решенија засновани на настани и искуства од историјата. Во овој контекст често се спомнувани познатите „Мелијански дијалози“, еден дел, едно поглавје, од обемното дело „Пелопонеските војни“ од грчкиот историограф Тукидид, наречен татко на научната историја.
Иако историјата во многу случаи не се покажа како вистинска учителка на животот, сепак збиднувања и епилози од неа се користат во современи услови или како опомена или како упатство за решение на некој горлив проблем. Во случајов со македонско-грчките преговори и особено со нивниот епилог кога во Македонија завршува процесот за промена на името, наведувањето на мелиските (мелијански) дијалози, наводно водени пред 2.500 години, може да се вклопи во сегашниот момент.
Сега, кога е веќе заокружено преименувањето на државата, до израз доаѓаат поуките од тоа античко време за статусот и моќта на малите држави, односно реалните факти дека силните го прават она што сакаат, а слабите она што мораат и дека сите држави правно се еднакви, но дека некои се поеднакви од другите. Ова важи за државите, но истото тоа важи и за луѓето соочени со власта или со судството. Теоретски и законски, сите се еднакви пред правдата, но има и поеднакви од еднаквите, како што има во актуелниот македонски случај. Имало некогаш, има сега, ќе има засекогаш, зашто неумолив е природниот закон дека посилниот владее со послабиот.
Што покажуваат дијалозите, односно преговорите, од посочената Пелопонеска војна што може да се назначи како сличност во преговорите меѓу Македонија и Грција? Пелопонеските војни траат 27 години, а се водат меѓу Спарта и Атина, која е на чело на Атинскиот поморски сојуз од Делфи. Главната битка се бие околу островот Мелос, кој иако е опсаден подолго од една година, храбро се брани, не се предава. Малиот остров, колонија на Спарта, сака да остане неутрален, да не влегува во сојузи, не со превртливите Атињани, но се соочува со заканата од Атина – да се придружи и да биде покорен или да биде уништен. Во долгиот дијалог со претставниците на островот грубите грчки генерали бараат безусловно предавање. Атињаните им порачуваат на Мелијанците да не се трудат да се убедуваат дека правдата и принципите се на нивна страна, зашто прашањето за правдата се поставува само помеѓу еднакви во сила. „Ние сме силни, а вие сте слаби – силните го прават тоа што можат, а слабите тоа што мораат“. Тој став на Атињаните бил јасен, непоколеблив и ултимативен, истакнувајќи дека повикот за некаква правда не е елемент за кој може да се разговара.
Мелијанците, сакајќи да ја зачуваат својата 700 години долга независност, не се предаваат, решаваат да се спротивстават. Покрај аргументите зошто не сакаат да ѝ се потчинат на Атина, да ѝ плаќаат данок и да станат нејзини робови, ги предупредуваат Атињаните дека кршејќи ги принципите на слобода на избор на еден народ, ги уриваат темелите на кои почива цивилизацијата и дека тоа ќе доведе до пропаст и на атинската империја. Мелијанците не прифаќаат да бидат робови. Тие биле исправени пред повеќе дилеми: дали да даваат отпор или да се предадат, имале избор меѓу храброста и опстанокот, меѓу правдата и силата, меѓу достоинството и срамот.
Нивното верување било дека не смеат да се предадат зашто тоа би било изневерување на идеалите на кои почива нивната слобода, загрозување на нивните национални интереси и кршење на правото на сопствен избор каде ќе припаѓаат, кон кого ќе се приклонат. Тие принципи морале да се зачуваат по која било цена. А цената, се покажало на крајот, излегла мошне висока. По одбивањето да се предадат, Атињаните нападнале со сите расположливи средства. Следувал страшен пораз: сите мажи биле убиени, а жените и децата продадени како робови. Слаба утеха било што на крајот од Пелопонеската војна Спарта ја победила Атина и ја распаднала нејзината империја. За Мелијанците сѐ било предоцна.
Секој читател со малку добра волја ќе го препознае пресликувањето на тогашните случувања меѓу Атињаните и Мелијанците со веќе видената слика во односите меѓу Грција и Македонија по прашањето за името. Не само со начинот на водење туку и крајниот епилог, потпишувањето на конечната спогодба е постигнато со истата стратегија и тактика што индиректно велат дека „вие Македонците сте никој и ништо, нема што да барате правда, меѓународно право, принципи за самоопределување и слични глупости. Вие сте слаби за нас и доколку не ги прифатите сите наши ултиматуми вас ќе ве нема на картата на Европа. Грците ја уфрлија во игра старата атинска брутална политичка доктрина, успешно ја изведоа докрај, на наша штета, како многу помала и послаба држава.
Опсадата што ја држеше Грција 27 години конечно попушти, Македонија ја изгуби битката за зачувување на своето име. Ако е за некаква утеха, Македонците останаа живи, не станаа, барем засега, нечии робови. На ова, секако, треба да се надодаде ултиматумот од НАТО и ЕУ, завиен во слатка обланда, но кој, простачки кажано, гласи: или ќе се придружите кон нашиот сојуз, со променето име, и ќе ни го предадете во наши раце националниот суверенитет или ќе бидете уништени, крајот нема да ви се знае. Вие сте сосема мали за да бидете свои, за да бидете рамноправни со големите!
Досега кажаното е едниот аспект на гледање на мелијанските дијалози, односно на постапката на Мелијанците, кои решиле да се борат до последната капка крв, до последниот човек. Тој непоколеблив став ги однел во катастрофален пораз, до пропаст и исчезнување. Другиот аспект го поставува прашањето зошто не се предале за да се спасат, да опстанат, макар ги загубиле сите дотогашни идеали, принципи и би ги прекршиле сите традиции и закони. Само за да останат живи, како што би останале кога би се предале.
Мелијанската дилема е универзална дилема до ден-денешен, пред која се најде и Македонија, се најдоа нејзините граѓани и особено нејзините власти. Долго, мошне долго, меѓу Македонците ќе одекнува прашањето што било подобро, кое решение било поповолно, подостоинствено, поправично, поправедно, порационално во преговорите и во спогодбата со Грција. А клучната дилема на крајот беше – дали да се истрае во борбата за името заради иднината или да се жртвува иднината заради името. И дали беше можно малата Македонија да ја победи големата Грција, кога и според природните закони посилниот владее со послабиот? Во современата политика ретко кога се случува Давид да го победи Голијата, како што е во старобиблиските заветни книги.