Европските министри за енергетика собрани во Даблин имаа ограничени нови идеи за превенција од зголемени сметки за струја во зима

Европските претставници задолжени за енергетика ги истакнаа подароците и намалувањата на даноците меѓу ретките одржливи начини за заштита на потрошувачите од зголемените трошоци за енергија во претстојната зима, надевајќи се дека американскиот претседател Доналд Трамп нема да воведе забрана на извозот на американски дизел.
На неформалниот собир во Даблин во вторникот европските министри за енергетика се соочија со мрачна реалност. Цените на природниот гас се на речиси четиригодишни максимуми пред зимата, европските резерви од гас се невообичаено ниски, а тековниот конфликт на Блискиот Исток значи дека Ормускиот Теснец останува затворен на неодредено време. Во меѓувреме, зголемените трошоци за дизел ги принудија САД да размислат за забрана на извозот на моторно гориво, што непропорционално би влијаело на Европа.
Министрите и претставниците на ЕУ рекоа дека искористувањето на потенцијалот на Европа за обновливи извори на енергија со длабоки надградби на нејзината мрежа и пазарите на електрична енергија е единствениот вистински начин за намалување на трошоците на долг рок. Но, краткорочно, тие зборуваа за придобивките од шемите за финансиска поддршка за зголемување на електрификацијата и искористувањето на обновливите извори на енергија – од кои повеќето предлози веќе беа усвоени по првата енергетска криза годинава.
– Сега гледаме повеќе продадени електрични возила од кога било досега во Европа, гледаме електрични топлински пумпи како ги заменуваат котлите на гас и котлите на нафта, така што, да, всушност се случуваат многу позитивни работи. Едно од најдобрите нешта што можеме да ги направиме во овие ситуации, а кое исто така функционира на краток рок, е активната електрификација – изјави шефот за енергија на ЕУ, Ден Јергенсен, како одговор на прашање од „Политико“.
Тој додаде дека „во никој случај не имплицира оти тоа е доволно“ и дека има „многу големи структурни работи што треба да ги направиме, а кои нема да им помогнат на потрошувачите утре или дури и оваа година, но всушност има и работи што земјите членки можат да ги направат“.
Ирскиот министер за енергетика Дара О’Брајан, чија влада го зазема шестмесечното ротирачко претседателство со ЕУ, исто така го опиша распоредувањето на обновливите извори на енергија како главен начин за справување со растечките трошоци, нагласувајќи дека Даблин работи на забрзување на усвојувањето нов закон на ЕУ насочен кон зајакнување на електричните мрежи на блокот. Но тој рече дека способноста на ЕУ да се справи со сегашното зголемување на трошоците е ограничена.
– Постојат флексибилности што земјите членки ги имаат на располагање околу оданочувањето, но мислам дека нашите граѓани се свесни дека нема влада во Европа што ќе може да ги заштити своите граѓани од секое зголемување на цените. Фундаменталната причина за тоа е нашата прекумерна зависност во Европската Унија од увезено фосилно гориво – им рече тој на новинарите.

Во дискусиите доминираше прашањето каде треба да лежи одговорноста за справување со растечките цени. Земјите членки ја повикаа Комисијата да воведе данок на неочекувани приходи за енергетските компании што остваруваат огромни профити, додека извршната власт на ЕУ рече дека зависи од поединечната одлука на земјите членки.
Истото тоа важеше и за повикот на Јергенсен минатата недела до потрошувачите да ја намалат употребата на гориво. Главните градови во ЕУ би сакале да чекаат централно водство од Комисијата, според европски службеник за енергетика запознаен со разговорите на земјите членки, кој, како и други цитирани во овој текст, добил анонимност за да зборува отворено.
И О’Брајан и Јергенсен исто така предупредија дека е важно ваквите мерки да бидат конкретно насочени и привремени за да се избегне нееднаква примена, која би можела да го наруши единствениот пазар на ЕУ.
– Очајот околу трошоците за енергија им даде експериментален призвук на дискусиите зад затворени врати што се одржаа во импозантниот замок во центарот на Даблин. Службениците разговараа за намалување на даноците за електрична енергија, враќање на вишокот енергија од електричните возила во националните мрежи и внимателно слушаа кога украинските службеници, поканети заедно со британски, норвешки и молдавски делегати, понудија да складираат европски резерви од природен гас во име на блокот во нивните огромни подземни пештери – изјави за „Политико“ министерот за енергетика на Молдавија, Дорин Јунгиету.
Јунгиету додаде дека на Европа ѝ се потребни „брзи опипливи резултати“ за да ги намали трошоците. Тој рече дека најдобриот начин да се направи тоа е да се олеснат и поевтинат инвестициите во обновливи извори на енергија за домаќинствата, како што е сончевата енергија, но призна дека таквата практика ќе биде тешко спроводлива во земјите каде што се неопходни подлабоки, структурни промени во мрежите.
Беспомошноста на ЕУ беше очигледна кога официјалните лица беа притиснати со прашањето дали Унијата е подготвена за можна забрана на САД за извоз на гориво, откако претседателот Трамп се чини дека ја поддржа идејата претходно месецов. Министрите во голема мера изразија надеж дека таквата забрана нема да се случи, а наедно го повикаа Вашингтон да размисли повторно за ваквата можност.
Јоргенсен им изјави на новинарите дека испратил „јасен сигнал“ до својот американски колега Крис Рајт дека САД треба да се откажат од таа закана. О’Брајан изјави дека разговорите со американските претставници за време на неговата посета на Вашингтон и Њујорк минатата недела го увериле оти планот нема да се реализира.
Трет европски претставник за енергетика изјави дека „нема многу нешта што можеме да ги направиме на краток рок во однос на цените на нафтата“, но изрази надеж дека забраната нема да се оствари.

– Американците се прагматични луѓе. Сè се сведува на пари. Ако воведат забрана за извоз на дизел, тоа можеби ќе функционира за Тексас, но нема да биде соодветно за другите делови на САД – рече тој.
Во вторникот „Политико“ објави дека раководители од американската нафтена индустрија и претставници на Белата куќа бараат алтернативи за предложената забрана на Трамп за извоз на дизел. Опциите би можеле да вклучуваат барање до европските влади да ослободат дизел од сопствените стратешки резерви, според две лица запознаени со дискусиите, кои сакале да останат анонимни додека зборуваат за разговорите со Белата куќа.
Европските претставници признаа дека конечната одлука е во рацете на Трамп, како и дека поединечните земји членки на ЕУ тешко би можеле да влијаат врз американскиот претседател доколку тој сепак одлучи да продолжи со планот. За „една конкретна земја членка ќе биде исклучително тешко да се промени одлуката во врска со таа опција“, изјави романскиот државен секретар за енергетика Кристијан Бушои.
– Обидот да се погоди што ќе направи Трамп е како гледање во кристална топка – додаде тој.
Тоа не значи дека ЕУ нема никакви опции на располагање. Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) – групација на богати земји што ја координира енергетската политика, а кој исто така присуствуваше на разговорите во Даблин, призна дека Европа е „еден од најизложените региони“. Сепак, тој нагласи дека ИЕА е подготвена да го координира ослободувањето на стратешките резерви од нафта, но предупреди дека таквиот потег засега не е приоритет.
– Нашите резерви се во добра состојба. Во оваа фаза нема страв од проблеми поврзани со исцрпувањето на резервите. Она што го знаеме е дека мора да планираме за најлошото, а да се надеваме на најдоброто – додаде О’Брајан во интервју.