Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи 30-дневен притвор за Д.Ј. од Кочани, осомничен за кривичното дело „Давање поткуп“ од член 358 став 1 од Кривичниот законик, пренесе МИА.
Од Судот соопштија дека одлуката е донесена по предлог на Јавниот обвинител од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по произнесувањето на осомничениот во присуство на неговиот бранител и по разгледувањето на фактите и доказите приложени кон предлогот.
Притворот е определен врз основа на член 165 став 1 точки 1 и 2 од Законот за кривичната постапка, односно поради опасност од бегство и основан страв дека осомничениот може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци.
Новата мерка притвор ќе започне да се извршува од 3 октомври 2026 година, бидејќи Д.Ј. во моментот веќе се наоѓа во притвор во предметот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Бидејќи притворот во предметот „Пулс“ претходно бил определен од Основниот суд Кочани, Д.Ј. мерката ја издржува во КПУ Затвор Куманово. По определувањето на новата мерка, тој ќе биде префрлен во Затвор Скопје, согласно правилникот за спровод и издржување на определените мерки за обезбедување присуство.
Во однос на предлогот на одбраната за укинување на притворот во предметот „Пулс“ со определување гаранција од околу 200.000 евра во недвижен имот, одбраната денеска го повлекла предлогот.
Од Судот посочуваат дека, согласно законските одредби, притворот во предметот „Пулс“ може да трае една година по оценувањето на обвинителниот акт, а овој рок истекува во текот на утрешниот ден.
Против решението за определување на новата мерка притвор, одбраната има право на жалба, по која ќе одлучува Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје.

































