Нови проекти за развој на АД „Државна лотарија“, меѓу кои формирањето на „Ново ВЛТ“, интернет-платформата „Мегавин.мк“ и иницијативата за самостојно приредување електронски игри на среќа, биле покренати во мандатот на поранешниот генерален директор Перпарим Бајрами, сведочеше денеска пред Кривичниот суд Владо Петковски, директор на Секторот за игри на среќа во Државна лотарија, пренесе МИА.
Петковски, кој во АД „Државна лотарија“ е вработен од декември 2017 година, пред судот изјави дека по доаѓањето на Бајрами биле иницирани повеќе проекти насочени кон проширување на портфолиото и зголемување на профитот на компанијата.
Одговарајќи на прашања од обвинителството, Петковски посочи дека во текот на своето работење во Државна лотарија извршувал повеќе раководни функции – директор на продажба и комерција, директор на игри на среќа и главен меѓусекторски директор, кој опфаќал три сектори.
Во однос на причините за смената на претходната директорка Катица Николовска Прнакова и назначувањето на Бајрами, сведокот рече дека не може да тврди зошто дошло до промената.
„Ново ВЛТ“, „Мегавин.мк“ и самостојно приредување електронски игри
Петковски направи споредба меѓу мандатите на двајцата директори во однос на развојните политики на компанијата.
-Можам да кажам само во однос на развојот на компонентите, портфолиото на Државна лотарија. Во времето на Катица речиси немаше никакви нови проекти. Откако дојде новиот директор, проактивно се ангажираше за имплементација на нови проекти со цел зголемување на портфолиото и раст на профитот на Државна лотарија – рече Петковски.
Како една од првите иницијативи го посочи формирањето на друштвото „Ново ВЛТ“.
Според неговото сведочење, идејата била да се формира ново друштво по примерот на постојното друштво Државна видео лотарија, во кое Државна лотарија е содружник заедно со „Казинос Аустриа“.
„Ново ВЛТ“ било формирано за приредување електронски игри на среќа, но не започнало со работа поради законски пречки.
-Требаше да функционира за приредување електронски игри на среќа, но автентичното толкување на законот не дозволи ова друштво да работи, односно да ги пушти во употреба тие ВЛТ терминали – сведочеше Петковски.
Потоа, според него, следувале проектите „Мегавин.мк“, како интернет-платформа во целосна сопственост на Државна лотарија, иницијативата за самостојно приредување електронски игри на среќа и формирањето три интернет-друштва преку заеднички вложувања со приватни партнери.
Набавка на ВЛТ терминали
Петковски објасни дека идејата за самостојно приредување на електронските игри била Државна лотарија да набави сопствени ВЛТ терминали, со што целиот остварен профит би останувал во компанијата.
-Идејата почна да се набават ВЛТ терминали со кои Државна лотарија ќе приредува самостојно и целиот профит ќе остане во Државна лотарија наместо да биде поделен со „Ново ВЛТ“ и „Казинос Аустриа“ – изјави сведокот.
Во таа насока, како што рече, биле обезбедени повеќе анализи и мислења од професори, физибилити-студии, истражувања на пазарот, како и мислења од владини институции, Министерството за финансии и Владата.
Според Петковски, по донесувањето на финансискиот план била спроведена јавна набавка, а Управата за јавни приходи дала позитивно мислење.
-Врз основа на тоа се донесе финансиски план за набавка на тие апарати. Откако финансискиот план влезе во план за јавни набавки се направи јавна набавка. УЈП се произнесе позитивно, но не стигна согласност од Министерството за финансии бидејќи се донесе тоа автентично толкување на законот, по што сите процеси беа блокирани – рече Петковски.
Тој додаде дека проектите биле дискутирани на колегиумите на раководството што ги водел Бајрами, а пред нивната реализација требало да се проверат со релевантните владини институции, особено во однос на законитоста и можноста за нивно спроведување.
Петковски: Немам непосредни сознанија за односот меѓу Бајрами и Груби
Во делот од сведочењето за односот меѓу Перпарим Бајрами и Артан Груби, Петковски рече дека нема непосредни сознанија.
-Не можам да утврдам со сигурност, немам непосредна ситуација каде можам да кажам дека тие двајца се пријатели – изјави тој.
Сведокот додаде дека директорите на Државна лотарија често комуницираат со Владата поради природата на работата на компанијата. На прашањето дали Бајрами некогаш го спомнал Груби, Петковски рече дека не се сеќава.
-Можеби го спомнал, но не го спомнал во врска со конкретни работи за Државна лотарија – рече тој, додавајќи дека не присуствувал на средба меѓу Бајрами и Груби.
Обвинителството побара вкрстено испитување
Во текот на рочиштето, Јавното обвинителство побара Петковски да биде вкрстено испитан, со образложение дека поради неговите одговори повеќе не може да се смета за сведок на страната што го предложила.
На предлогот се спротивставија бранителите, меѓу кои Еленко Миланов, како и бранителите на Артан Груби и Јордан Апостолски. Судот го прифати барањето, по што обвинителството продолжи со вкрстено испитување на сведокот.
Петковски во истражната постапка бил испитуван и од обвинителството, но во својство на осомничен.
Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, обвинетите со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.
Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.


































