АТЛЕТИКА

  • Рекордните 15.050 учесници од 63 земји ќе трчаат низ главниот град, а Скопје ќе има уште една можност да покаже дека знае да биде добар домаќин на големи спортски настани

Сѐ е подготвено за 22. издание на „Визер Скопскиот маратон“ в недела, кога Скопје повторно ќе биде во знакот на трчањето, спортот и на позитивната енергија. На прес-конференција во „Јуроп хаус“ беа презентирани најважните информации за организацијата, трките и за подготовките за големиот спортски настан. Годинава маратонот поставува нов рекорд, пријавени се 15.050 натпреварувачи од 63 земји, што уште еднаш потврдува дека „Визер Скопскиот маратон“ одамна ги надмина локалните рамки и прерасна во значаен меѓународен спортски настан. На стартот ќе има и елитни тркачи од повеќе земји, кои ќе се борат за најдобрите резултати. Најмногубројни се учесниците од Македонија, Србија, Германија, Велика Британија и од Турција.
За значењето на маратонот за градот зборуваше Зоран Стојановиќ, претседател на Сојузот на спортови на Скопје.

– „Визер Скопскиот маратон“ е спортска традиција што со секое ново издание го обединува Скопје. Годинава имаме рекорден број учесници и голем број тркачи од странство, што е потврда дека маратонот има свое место на меѓународната спортска мапа. Нашата цел е сите учесници да имаат одлични услови за трката и да понесат убаво искуство од Скопје – рече Стојановиќ.
Масовноста и вклученоста на граѓаните се важен дел од приказната на маратонот, а токму спортот и активното учество на заедницата се во фокусот и на Министерството за спорт. Министерот за спорт Борко Ристовски посочи дека ваквите настани имаат значење и за промовирањето на спортот кај младите.
– Маратонот е пример како спортот може да ги обедини граѓаните и да испрати позитивна порака до целото општество. Министерството за спорт продолжува да ги поддржува настаните што ги промовираат спортот и активното учество на граѓаните – рече Ристовски.
Поддршката за маратонот доаѓа и од Делегацијата на ЕУ.
– Голема чест и задоволство е за нас што и оваа година ја поддржуваме оваа голема спортска манифестација. Спортот ги поврзува луѓето без оглед на нивното потекло и граници, а „Визер Скопскиот маратон“ е убав пример за тоа како еден настан може да ги поврзе Скопје, државата и европската спортска заедница – рече Бен Нупнау, заменик-шеф на Мисијата на ЕУ во Македонија.
Подготвеноста на градот да биде домаќин на големиот спортски настан ја потврди и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
– Град Скопје ја дава својата целосна поддршка на маратонот, со сета расположливост на јавните претпријатија и службите што се вклучени во организацијата, за настанот да помине безбедно и во најдобар ред. Ги повикувам скопјани да излезат, да ги бодрат тркачите и да бидат дел од енергијата што го прави маратонот посебен – рече Ѓорѓиевски.
Спортскиот директор на „Визер Скопскиот маратон“, Кире Синадиновски, посочи дека рекордниот број учесници е голем предизвик, но и дополнителна мотивација за тимот.
– Со рекордниот број пријавени учесници, ова е голем предизвик за сите нас, но и голема мотивација. Очекуваме уште едно големо тркачко доживување и ги повикуваме сите да бидат дел од него – изјави Синадиновски.
Секретарката на „Визер Скопскиот маратон“, Гордана Николовска, особено ја истакна улогата на околу 500 волонтери.

– Зад секое издание на Скопскиот маратон стојат голем број луѓе што посветено работат со месеци. Годинава имаме околу 500 волонтери што ќе бидат на различни позиции по должината на патеките и ќе бидат важен дел од целата организација. Од организацискиот тим и волонтерите, до институциите, партнерите и сите што ја поддржуваат трката, секој има свој удел во успехот на маратонот – рече Николовска.
И годинава ќе има четири трки, маратон на 42,195 километри, полумаратон на 21 километар, трка на пет километри и „ЕУ фор спорт“ штафетна трка, а подготвени се активности со кои дополнително ќе се збогати искуството на учесниците и публиката. Особено внимание е посветено и на поддршката по должината на патеката, која традиционално е еден од препознатливите делови на маратонот. В недела улиците на Скопје повторно ќе бидат исполнети со маратонци, полумаратонци, рекреативци, навивачи и поддржувачи. Рекордните 15.050 учесници од 63 земји ќе трчаат низ главниот град, а Скопје ќе има уште една можност да покаже дека знае да биде добар домаќин на големите спортски настани. Г.И.