Осврт: Цените на горивата и животниот стандард

  • Она што сите ги загрижува е каде ќе треба да се скрати ако трендот на поскапување на горивата продолжи, но особено ако почне да се прелева врз цените на производите за секојдневна исхрана

Растот на цените на нафтените деривати создава голема загриженост меѓу граѓани и економистите, и тоа не само поради повисоките трошоци за транспорт туку и поради стравувањето дека трендот може да се префрли и на производите во малопродажба.
Одолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток речиси и да ги „бетонираше“ цените на нафтените деривати високо на просекот пред почетокот на интервенцијата врз Иран од страна на САД.
Она што сите ги загрижува е каде ќе треба да се скрати ако трендот на поскапување на горивата продолжи, но особено ако почне да се прелева врз цените на производите за секојдневна исхрана.

Поскапувањето на храната ќе удри врз сиромашните граѓани

Домашните економисти засега смируваат, сѐ уште нема префрлање врз цените во маркетите, но дали ќе дојде до ограничување на потрошувачката ќе зависи од времетраењето на конфликтот и ударот врз нафтените деривати.
– Поскапувањето на нафтените деривати најпрво директно ги погодува граѓаните преку трошоците за гориво, како што гледаме периодов, а потоа, преку транспортот и производството, може постепено да се пренесе и врз цените на другите производи. Дали тоа ќе доведе до посериозно ограничување на потрошувачката ќе зависи од тоа колку долго ќе трае шокот и колку силно ќе се пренесе врз цените во маркетите. До моментот особен пренос на другите цени нема. Но особено треба да се следат цените на храната, бидејќи нивното поскапување најмногу ги погодува домаќинствата со пониски приходи – укажува професорот Марјан Петрески.
Петрески за „Нова Македонија“ потенцира дека иако засега состојбата не изгледа алармантна, институциите треба да бидат подготвени за реакција во случај да почне раст на цените во маркетите.
– Доколку шокот продолжи и почне да се прелева врз основните производи, одговорот треба да биде навремен, но насочен: поддршка за најранливите домаќинства и мерки насочени кон пристапноста на храната. Општи субвенции или ограничувања на цените може да бидат скапи и тешко одржливи, па затоа мерките треба да бидат привремени и врзани со реалниот развој на цените – објаснува Петрески.

Трошоците пораснаа, но потрошувачката не се намалува

Економистот Здравко Савески за „Нова Македонија“ укажува дека иако конфликтот на Блискиот Исток трае веќе шест месеци и цените на горивата се значително повисоки, промени во навиките на македонските граѓани нема.
– Шест месеци од почетокот на војните на Блискиот Исток не може да се каже дека дошло до промена на потрошувачките навики на луѓето во Македонија. Консумеризмот е цврсто вкоренет дел во нивната култура, па така, лесно не доаѓа до намалување на потрошувачката, како на неопходната така и на преференцијалната. Се разбира, се чувствува притисокот, се издвојуваат повеќе пари за купување на стоките и услугите, но потрошувачката не се намалува – потенцира Савески.
Тој дополнува дека, сепак, грижата за стандардот паѓа единствено на самите граѓани, односно на секое поединечно домаќинство.
– Она што треба да се разбере е дека животниот стандард не е грижа на секој друг, освен на нас самите, па особено оние луѓе што го чувствуваат притисокот предизвикан од растечкиот милитаризам на елитите треба да размислат околу промени во трошењето на своите тешко заработените пари. Зашто во следните месеци, поголема е веројатноста дека ќе се влоши ситуацијата одошто дека ќе се подобри – укажува Савески.
Според него, надлежните веќе ги презеле потребните мерки за намалување на притисокот врз граѓаните, но предупредува дека ситуацијата може да се влоши и да дојде до поскапување на производите во малопродажба, а ударот врз домашниот буџет ќе зависи од секое домаќинство и од неговите примања.
– Досега, властите се потрудија да го ублажат колку што се може притисокот врз цените на нафтените деривати предизвикан од растечкиот милитаризам на глобалните елити. Но цените растат и покрај тоа. Причината зошто цените не се многу повисоки е што ситуацијата на светските берзи се стабилизира преку дотур од стоковните резерви. Но тие не се безгранични. Во моментот кога ќе дојдат до критичното ниво, а тоа е сѐ поверојатно сценарио со секој ден продолжување на војните, тогаш ситуацијата драстично ќе се влоши. Ситуацијата може драстично да се влоши и ако власта во САД реши да го забрани извозот на нафтени деривати, што исто така е можен развој на настаните – нагласува Савески.

Промени во потрошувачките навики

Наедно тој потенцира дека не очекува големи разлики меѓу ударот што ќе го почувствуваат жителите на европските земји и нашите сограѓани.
– Разликите во ударот врз жителите на богатите и посиромашните европски земји не се позначителни. Жителите на секоја земја што нема сопствено производство на нафтени деривати се на милост и немилост на милитаристичките претензии на глобалните елити. Со владини мерки, тој удар може да се ублажи, но никогаш не може да се елиминира. А како што кажав, властите во Македонија неоспорно е дека преземаат мерки за да се ублажи ударот.
Оттука, едноставно мора да дојде до промена на потрошувачките навики на сите оние што го чувствуваат притисокот, било да се работи за жители на Македонија или на која било друга богата европска земја – нагласува Савески. Е.Р.