Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски денеска им порача на бруцошите на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип да го искористат студентскиот период за стекнување знаење и искуства, но и да ја задржат врската со родната земја.

Обраќајќи им се на студентите на првиот академски час, Мицкоски порача дека животот носи различни предизвици, но дека борбата за семејството и родната земја треба да останат важни вредности.

-Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот, Македонија – порача Мицкоски.

На УГД-Штип во прва година на 12 факултети и трите академии за академската 2026/2027 година се запишани околу 1.500 бруцоши.

Мицкоски во обраќањето до професорите посочи дека нивната задача не е само да им пренесат знаење на студентите, туку да бидат и нивни педагози и пример во животот. Според него, знаењето што ќе им го пренесат на младите ќе има влијание и врз нивните идни семејства и генерации.

-Имајќи ја најубавата работа на светот, тоа треба да ви биде чест, но и одговорност – истакна премиерот, повикувајќи ги професорите да бидат пример за студентите, кои подоцна треба да бидат пример и за своите семејства.

Навраќајќи се на своите студентски почетоци, Мицкоски рече дека животот го носел во различни средини и европски градови, но дека родната земја секогаш му била водилка.

Тој посочи дека на истиот начин ги воспитува и своите два сина – да патуваат, да стекнуваат знаење, да се дружат и да го запознаат светот, но на крајот да се вратат дома.

На бруцошите им посака успешни студентски години исполнети со дружење, учење и стекнување знаење.

-Инспирирајте се од убавините на вашата татковина Македонија, работете за вас, за вашите семејства и за неа – порача Мицкоски.

Мираковски: Универзитетот не е место само каде што се добива диплома

Добредојде на новите студенти им посака и ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски, кој порача дека првиот академски час е момент што ќе го паметат во текот на целиот живот.

Мираковски истакна дека студентите можеби нема да се сеќаваат на секој збор кажан на првиот академски час, но ќе го паметат чувството кога за првпат седнале во амфитеатар како студенти.

Според него, да се биде дел од академската заедница е чест, но и одговорност.

-Универзитетот не е место само каде што се добива диплома. Тоа е место каде што се поставуваат прашања, се преиспитуваат вистини и се раѓаат идеи за иднината – рече Мираковски.

Тој од студентите очекува, покрај тоа што ќе станат професионалци, да придонесат и за позитивни промени во општеството.

Мираковски ги повика да бидат упорни, љубопитни и да веруваат во себе и во своите професори. Студентските години, како што рече, не треба да бидат само подготовка за професијата, туку и период во кој младите ќе го прошират својот свет преку истражување, патувања, учење и поврзување.

Ректорот нагласи и дека студирањето не мора да остане ограничено во рамките на универзитетот. Тој посочи дека УГД е член на Европската универзитетска алијанса АЦЕ2-ЕУ и има повеќе од 400 договори за соработка со универзитети ширум Европа.

Михајлов: Студирајте за знаење, искористете ги можностите за мобилност

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, м-р Ана Михајлов, ги повика студентите да не студираат само за диплома, туку пред сè за знаење.

Таа ги претстави можностите што ги нудат европските програми, меѓу кои студиски престои на европски универзитети, меѓународни проекти и соработка со студенти од други земји.

-Аплицирајте за Еразмус+, одете на мобилност, учествувајте во меѓународни проекти, запознајте ги своите врсници, студенти од другите земји, излезете од она што ви е познато и удобно – порача Михајлов.

Таа информираше дека преку Европската универзитетска алијанса досега се реализирани 250 мобилности, додека на студентите им стојат на располагање уште 750 мобилности во наредните години.

Михајлов ги повика студентите да стекнуваат искуства во Европа и во светот, но да не забораваат дека стекнатото знаење може да биде применето и во Македонија.

Студентите повикани да се вклучат во академскиот и студентскиот живот

Матеј Бошковски, студент на Факултетот за медицински науки при УГД и претседател на Студентската организирана медицинска асоцијација СОМА-Штип, ги повика новите студенти да се вклучат во студентските организации и активно да учествуваат во креирањето на настани.

Тој ги истакна и дигиталните алатки што им се достапни на студентите, меѓу кои е-индексот, е-библиотеката и студентската електронска пошта, како и можностите што ги нудат програмите „Еразмус+“ и алијансата АЦЕ2-ЕУ.

По првиот академски час, околу 1.500 бруцоши продолжија со средби на своите матични факултети, каде што се сретнаа со деканите и професорите.