Бирото за развој на образованието, во соработка со Министерството за образование и наука, ја објави Предлог-концепцијата за откривање и работа со талентирани и надарени ученици во основното образование и повика сите заинтересирани до 10 октомври да учествуваат во онлајн јавна расправа и да достават мислења и сугестии за креирање на конечниот текст на документот.
МОН во јавниот повик посочува дека предлогот е изработен во согласност со член 34 од Законот за основното образование, кој предвидува донесување концепција со која се уредуваат препознавањето и идентификацијата на талентираните и надарените ученици, како и мерките и активностите за работа со нив.
– Со Предлог-концепцијата се поставува основа за развивање поврзан и достапен систем за навремено препознавање, развивање и следење на потенцијалите на учениците, стручна идентификација и обезбедување соодветна воспитно-образовна поддршка. Документот дава насоки за работата на училиштата, соработката со семејствата и стручните институции, распределбата на одговорностите и следењето на квалитетот на поддршката – соопшти МОН.
Целта на јавната расправа е преку вклучување на стручната и пошироката јавност да се приберат мислења, забелешки и конкретни предлози што ќе придонесат за подобрување на квалитетот, јасноста и применливоста на Концепцијата.
-Ги повикуваме наставниците, стручните соработници, директорите на училиштата, високообразовните и научните установи, стручните здруженија, родителите/старателите, учениците и сите заинтересирани да го разгледаат документот и да дадат свој придонес во неговото унапредување. Мислењата, забелешките и предлозите може да се достават до 10 октомври 2026 година, на електронската адреса [email protected], со назнака: „Јавна расправа – Концепција за талентирани и надарени ученици“. За полесно разгледување на предлозите, пожелно е да се наведат поглавјето или делот на кој се однесуваат, предложената измена или дополнување и кратко образложение. Доставените мислења, забелешки и предлози ќе бидат разгледани при подготвувањето на конечниот текст на Концепцијата – се наведува во повикот за учество во јавната расправа.

































