Фото: Принтскрин

Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго продолжува да се влошува и претставува сè поголем ризик за соседните земји, предупреди денеска Светската здравствена организација (СЗО), оценувајќи дека досегашните мерки не се доволни за нејзино ставање под контрола.

Според СЗО, станува збор за најголемата епидемија на ебола што досега ја погодила оваа централноафриканска држава, поради што е неопходно значително засилување на активностите за сузбивање на вирусот.

Во текот на изминатата недела биле регистрирани 567 нови инфекции и 296 смртни случаи – највисоки бројки од почетокот на епидемијата. Досега се лабораториски потврдени 3.605 случаи, од кои 1.587 завршиле со смртен исход, додека 651 лице закрепнало од болеста.

Со ова, актуелната епидемија ги надмина размерите на претходната најголема епидемија во Конго, регистрирана во периодот од 2018 до 2020 година, кога беа потврдени 3.317 случаи.

Тековната епидемија е предизвикана од варијантата Бундибугјо, за која засега нема одобрена вакцина. Во тек се клинички испитувања на новоразвиена вакцина, која би можела да помогне во контролирањето на ширењето на вирусот.

Од СЗО посочуваат дека дел од зголемувањето на бројот на случаи се должи на поефикасен надзор и поголем број лабораториски тестирања. Сепак, организацијата предупредува дека следењето на контактите сè уште не е на потребното ниво – моментално се следат до 80 проценти од контактите на заразените, додека за ефикасна контрола на епидемијата потребно е најмалку 95 проценти.

Дополнителен предизвик претставуваат нестабилната безбедносна состојба, судирите со вооружени групи, големиот број раселени лица и недовербата на дел од населението кон здравствените власти, што сериозно ги отежнува напорите за спречување на понатамошното ширење на вирусот.