Фото: МИА

Министерството за здравство соопшти дека епидемиолошката состојба во Гостивар останува стабилна, и покрај дневното зголемување на бројот на нови прегледи, пренесе МИА.

Според официјалните податоци, на 31 јули биле регистрирани 60 први прегледи, што претставува благо дневно зголемување. Сепак, надлежните потенцираат дека вкупниот тренд е значително поповолен во споредба со пикот на епидемијата на 18 јули, кога биле евидентирани дури 649 први прегледи.

Во периодот од 14 до 31 јули, во здравствените установи биле регистрирани вкупно 4.543 први прегледи.

Министерството информира дека досега се поднесени 1.028 формални пријави за заразна болест, додека епидемиолошките служби изработиле 730 нови анкети, со опфат од 71 процент.

Од Министерството посочуваат дека внимателно ја следат состојбата и продолжуваат со спроведување на сите неопходни мерки за контрола на епидемијата и заштита на јавното здравје.