Rudnik Pakistan
Фото: ЕПА

Најмалку 34 рудари загинаа во експлозија на метан во рудник за јаглен во југозападен Пакистан, соопштија властите, додека спасувачките екипи ја завршија ноќната операција за извлекување на жртвите.

Несреќата се случила во четвртокот во рудник на периферијата на Квета, главниот град на покраината Белуџистан. Според Покраинскиот орган за управување со катастрофи, спасувачите извлекле 32 тела, а во тек биле напори за извлекување и на преостанатите две жртви, пренесе „Индипендент“.

Инспекторот за рудници Гани Балох изјави дека првичните информации укажувале оти во моментот на експлозијата во рудникот се наоѓале 42 работници.

Министерот за рудници и минерали на Белуџистан, Шоаиб Ношервани, изрази сочувство до семејствата на загинатите и најави паричен надомест од 500.000 пакистански рупии, односно околу 1.800 американски долари, за семејството на секоја жртва.

Тој најави и темелна истрага за причините за несреќата, како и ревизија на безбедносните стандарди во рудниците за јаглен низ покраината.

Смртоносните несреќи во рудниците се честа појава во Пакистан, особено во Белуџистан, каде што многу рудници работат без соодветна вентилација, системи за детекција на опасни гасови и други неопходни безбедносни мерки.

И покрај ризиците и ниските примања, илјадници луѓе во оваа најголема, но и најнеразвиена пакистанска покраина зависат од рударството како главен извор на егзистенција.