Најмалку 21 лице загина, а повеќе од 40 се спасени по голем пожар што денеска избувна во повеќекатна зграда во која бил сместен хотел во индискиот главен град Њу Делхи, јави германската новинска агенција ДПА.
Пожарот избувнал во објект лоциран во густо населената област Хауз Рани во јужниот дел на Њу Делхи. Според локалните власти, спасувачките екипи успеале да евакуираат повеќе од 40 лица, кои биле пренесени во околните болници, додека 21 лице им подлегнало на повредите.
Меѓу загинатите има и странски државјани од земји во Централна Азија и Африка, објави индиската новинска агенција ПТИ. Полицијата соопшти дека процесот на идентификација на жртвите сè уште е во тек.
Причините за избувнувањето на пожарот засега не се познати. Противпожарните служби успеале да го локализираат и изгаснат огнот, по што продолжиле со пребарување на зградата за евентуално пронаоѓање дополнителни жртви или преживеани.
Заменик-командантот на противпожарната служба, А.К. Малик, изјави дека ќе биде утврдувано дали објектот располагал со соодветни противпожарни излези и потребните безбедносни дозволи.
Главната министерка на Њу Делхи, Река Гупта, најави темелна истрага за причините за несреќата и вети поддршка за повредените и семејствата на загинатите.
Сочувство до семејствата на жртвите изрази и индискиот премиер Нарендра Моди, кој најави финансиска помош за погодените.
Пожарите со смртни последици се честа појава во Индија, каде што безбедносните стандарди во дел од објектите често се предмет на критики. Според властите, ваквите несреќи најчесто се поврзуваат со несоодветни мерки за заштита од пожар, недостаток на противпожарни излези и неисправни или застарени електрични инсталации.


































