ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ „КУМАНОВО 2026“
Во рамките на Шаховскиот фестивал „Куманово 2026“, а во организација на ГШК Куманово и ШК Фишер, двата од Куманово, се одржаа турнири А и Б во седум кола, на првиот (темпо 60 минути плус 30 секунди по секој потег) настапија шахисти со рејтинг не поголем од 2.250 поени, а на вториот (10 минути плус три секунди) шахисти родени во 2016 година и помлади.
На турнирот А, меѓу 120 шахисти (два ИМ, шест ФМ, еден ЖФМ) од 12 шаховски федерации, првото место и паричната награда од 20.000 денари му припаднаа на ИМ од Бугарија Сашо Николов (рејтинг 2.220), втор беше прворангираниот на турнирот, ИМ од Србија Дејан Бранковиќ (2.223) со шест поени, а трет ФМ од Шведска Јан Лундин (2.191), исто така, со шест поени. Четврти беше Дејан Ѓорѓиески (2.147), а петти ФМ Јани Богоевски (2.133), и двајцата од Македонија, со по шест поени. Најдобра шахистка е ЖФМ од Албанија Клер Цаку (1.972), која е шеста со 5,5 поени.
На турнирот Б, меѓу 39 учесници, од шест држави, победи талентираниот член на ШК Алкалоид, деветгодишниот Калин Стаменковски со 6,5 поени, а освои и нови 45,6 рејтинг-поени, пред Озгур Гонул од Турција со шест и третопласираната Ева Кичукова од Бугарија со 5,5 поени. Победникот доби пехар и таблет.
Г.И.

































