Фото: Пиксабеј

Американските власти открија софистициран подземен тунел долг околу 600 метри на границата меѓу американската држава Калифорнија и Мексико, кој бил користен за транспорт на кокаин во вредност поголема од 45 милиони долари.

Според соопштението на американското Министерство за правда, тунелот бил ископан на длабочина од околу 17 метри и бил опремен со електрична енергија, систем за вентилација, железничка пруга за транспорт на товар, зајакнати ѕидови и хидрауличен товарен лифт.

Подземниот премин го поврзувал мексиканскиот град Тихуана со магацин во Сан Диего, во непосредна близина на граничниот ѕид меѓу САД и Мексико.

Истрагата, која траела од декември минатата година до мај годинава, резултирала со заплена на повеќе од еден тон кокаин што бил транспортиран преку тунелот, како и со апсење на четири лица осомничени за трговија со дрога.

Американските власти соопштија дека операцијата претставува сериозен удар за мексиканскиот картел Халиско – Нова генерација. Според нив, тунелот бил исклучително добро изграден и технички напреден. На видеоснимките објавени од Министерството за правда може да се забележат потпорни столбови и уредно изградени скали долж камените ѕидови.

Од американското Министерство за правда посочуваат дека од 1993 година досега во Јужна Калифорнија се откриени вкупно 99 подземни тунели за шверц преку границата со Мексико. Последното вакво откритие било регистрирано во 2022 година.