фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во втората половина на јуни ќе се одржат разговори со коалициските партнери за натамошните чекори во работата на Владата, по оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и во пресрет на можната реконструкција на владиниот состав, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на новиот базен „Карпош“, Мицкоски изјави дека тогаш ќе биде појасна и идната структура на Владата.

-Во втората половина на јуни ќе седнеме со владините партнери и ќе разговараме за понатамошните чекори. Тогаш ќе се добие и појасна слика за идната структура – рече премиерот.

Во однос на евентуалните кадровски промени, Мицкоски посочи дека станува збор за динамичен процес и дека во моментов фокусот е ставен на внатрепартиските реорганизации и преструктуирања.

Според него, тие активности се очекува да завршат до средината на јуни, по што ќе следуваат разговори со коалициските партнери за следните чекори.

Осврнувајќи се на здравствената состојба на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, премиерот оцени дека станува збор за лично прашање кое не треба да биде предмет на политички коментари.

-Ги осудувам сите политички актери што се обидуваат да добијат политички поени врз туѓа мака и лични околности – изјави Мицкоски.