Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави отворање на пет нови авионски линии во наредните недели, истакнувајќи дека Македонија е една од ретките земји која во услови на глобални предизвици во авиоиндустријата го проширува бројот на дестинации, пренесе МИА.
Според Николоски, австриската авиокомпанија „Австрија ерлајнс“ наскоро ќе воспостави редовна авиолинија меѓу Виена и Охрид, што ќе овозможи подобра поврзаност со бројни европски и светски дестинации преку австриската престолнина.
Дополнително, авиокомпанијата „Виз ер“ ќе воведе летови од полските градови Вроцлав и Краков до Охрид, што, како што посочи министерот, ќе придонесе за развојот на туризмот и зголемување на бројот на туристи од Полска.
Од Скопје, пак, ќе бидат достапни две нови линии кон Италија – Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија. Иако се очекува овие дестинации да бидат особено атрактивни во летниот период, летовите ќе продолжат и по завршувањето на сезоната.
Николоски истакна и дека Македонија има значајна улога во снабдувањето со авионско гориво во регионот.
-Целосно со керозин го снабдуваме приштинскиот аеродром, а делумно и аеродромот во Ниш. Тоа покажува дека благодарение на добрата организација во Скопје, функционираат и овие два аеродрома – изјави Николоски.



































