Фото: пиксабеј

Либанските власти соопштија дека движењето Хезболах го прифатило американскиот предлог за заемно прекинување на нападите со Израел, во обид да се спречи натамошна ескалација на конфликтот меѓу двете страни.

Соопштението доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека добил уверувања од двете страни за деескалација пред најавените израелско-либански разговори во Вашингтон.

Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе продолжи со напади врз цели на Хезболах во Бејрут доколку движењето не ги запре нападите врз израелски градови.

Според либанското претседателство, договорот предвидува Израел најпрво да ги прекине нападите врз јужните предградија на Бејрут, додека Хезболах ќе ги запре ракетните и другите напади врз израелска територија.

Во меѓувреме, Трамп соопшти дека имал телефонски разговор со Нетанјаху, по кој, како што наведе, Израел се откажал од испраќање дополнителни сили кон Бејрут.

-Нема да има војници што се упатуваат кон Бејрут, а оние што веќе беа на пат се вратија назад – напиша Трамп на својата социјална мрежа.

Американскиот претседател додаде дека преку посредници разменил пораки и со Хезболах и дека добил уверувања оти групата целосно ќе го прекине огнот.

Тензиите меѓу Израел и Хезболах повторно ескалираа откако израелската армија нареди евакуација на делови од јужните предградија на Бејрут и ја засили копнената офанзива во Либан. Израелските власти тврдат дека операциите се одговор на повеќекратни прекршувања на примирјето и напади врз израелски населени места.

Од друга страна, Иран претходно порача дека секој поширок договор за смирување на состојбата на Блискиот Исток мора да вклучува и прекин на огнот во Либан.