Фото: „Читалиќи“

Меѓународна соработка: Одржано 13-то издание на манифестацијата „Читалиќи“ во Алексинац, Србија

Кон крајот на мај, токму во викендот кога се одбележува Денот на словенската писменост, Св. Кирил и Методиј, во градот Алексинац, во соседна Србија, се случи тринаесеттото издание на Републичката смотра на читањето со меѓународно учество „Читателчиња“ („Читалиќи“).
Во многубројните активности поврзани со промоција на читањето учествуваа над 350 ученици и околу 170 ментори од цела Србија, но и од дијаспората. Македонија годинава ја претставија вишата библиотекарка Гордана Ѓорѓиевска Неделковски од НУБ „Св. Климент Охридски“ од Битола и поетот и уредник на „Колибри“, Филип Димкоски.
Ѓорѓиевска Неделковски имаше свое излагање во рамките на научниот собир „Од читанка до алгоритми“, а Димкоски, кој вторпат учествува на оваа манифестација, имаше книжевни работилници и литературни средби со ученици од повеќе градови од Србија.

На оваа манифестација, чие годинашно мото е „Зад книгите свети свет“, беа вклучени еминентни имиња од областа на литературата, библиотекарството и образованието, но најважно е што со секое ново издание се исполнува мисијата – сѐ поголем број деца да го засакаат читањето.
Како некогаш, така и сега, додека траеше манифестацијата, децата уживаа во средбите со авторите што ги знаат само како имиња од читанките и од лектирите. Тие се дружеа со нив, поставуваа прашања, даваа и добиваа одговори, се фотографираа, собираа потписи и автограми.

Ученичката Лена Дакиќ од Пригревице е една од редовните и омилени учеснички на многу книжевни манифестации, а со задоволство доаѓа на „Читалиќи“ во Алексинац.
– Овде е совршено. Има многу писатели, забавно е и може многу да се научи. Има многу книги, навистина е убаво. Нашиот штанд е првонаграден. Со себе ќе понесам и многу нови книги од поетите што ги запознав овде – рече ученичката Лена.
Учениците групно или индивидуално се натпреваруваа со тестирање, водење читателски дневник, дигитални материјали, работилници и штандови.
Смотрата е еден дел на проектот, кој претставува образовно-воспитна иницијатива почната во 2012 година. Истата таа низ годините значајно влијаеше на различни аспекти врз образованието и културата во Србија и во дијаспората. Според Маја Радоман Цветичанин, директорка на „Читалиќи“, има повеќе програми што придонесуваат за развојот на читателските навики, креативноста и критичкото размислување кај децата, како и зајакнување на соработката меѓу училиштата, семејствата и пошироката заедница.

– Просветни работници, ентузијасти, главно професори по српски јазик, училишни библиотекари и учители, сити од различни експерименти, а гледајќи ги причините за многу проблеми во однос на отуѓувањето од книгите и читањето, се собраа околу идејата децата да им се вратат на книгите и го почнаа меѓуучилишниот проект „Читателчиња“. Од 2012 година наваму овој проект добиваше сѐ повеќе учесници и поддржувачи, како и дополнителни активности – смотра, натпревари, конференции, трибини… – раскажува Радоман-Цветичанин.
Мирисот на ружите во ОУ „Вожд Караѓорѓе“ во Алексинац, каде што се одржа манифестацијата, мирисот на книгите, но и топлината на човечкиот збор, повторно ги обединија децата, писателите, наставниците, родителите, библиотекарите и медиумите, кои со радост и со жар го славеа читањето.

Ф.Д.


Читањето
е лековито

Кога ќе ѕирнам
во книгата
кога бел лист
ќе допре раката
ми сопира маката.

Како кој збор
го „соџвакувам“
полесно се дише
од моето срце
немирот се брише.

Се чувствувам
прекрасно и сито,
читањето е
лековито!

Русомир Д. Арсиќ
Препев од српски:
Филип Димкоски