Од дијалог кон заедничко дејствување

Деновиве погледите на македонската јавност целосно беа насочени кон Вашингтон, бидејќи по повеќе децении реторика дека имаме декларација за стратешка соработка со САД, конечно почнуваме тој документ да го материјализираме во нешто опипливо, како за македонските граѓани така и за државата во целина. Добро е што по толку пекања да сме седнеле на масата, дали во Брисел, дали во Вашингтон, конечно седиме на таа маса во центарот на светската моќ. Да не се лажеме, овој „стратешки дијалог“ не е само дипломатска куртоазија и обична прошетка на македонските министри и генерално на целата делегација во Вашингтон туку е и тест за нашата зрелост, дали потпишаното ќе знаеме да го примениме во пракса. Дополнително, овој дијалог говори и за искреноста на американското сојузништво. Додека разговараме за енергетика со „Шеврон“, за сајбер-безбедност и за модернизација на одбраната со милионски буџети, мораме да го поставиме суштинското прашање: Што значи да се биде суверен партнер во новиот светски поредок? САД се тие што инсистираат на суверенизмот.

Нема никаква дилема дека Македонија во овој дијалог влезе со подадена рака и отворено срце, нудејќи го своето највредно минерално богатство. Ги нудиме Алшар, лорандитот и антимонот, ресурси што во ерата на новите технологии се поскапи од злато. Но суверенизмот не е еднонасочна улица, каде што ние даваме ресурси, а за возврат добиваме само безбедносни протоколи, понекое оклопно возило и обука на нашите војници во Вермонт или некоја друга американска сојузна држава. Ако новата американска администрација, предводена од претседателот Трамп, ја промовира идеологијата на национален суверенитет, тогаш токму САД се оние што треба да застанат зад македонскиот суверенитет во неговата најизворна форма.

Она што секому му е јасно е тоа дека вистинскиот суверенитет на една држава не започнува со дигиталната трансформација, туку со правото на еден народ самиот да си ги одредува името на сопствената држава и нејзините симболи. Тоа е идентитетски вткаено во секој човек и тоа не може да му се одземе со ниту еден договор, па макар и стопати го ставиле во преговарачки рамки, анекси и слично. Непринципиелните пречки, деноминацијата на македонскиот народ и обидите за бришење на нашиот идентитет од страна на соседите се директен напад врз меѓународното право. Затоа, во овој стратешки момент, треба да побараме од Вашингтон повеќе од воена опрема.

На пример, зошто едни САД да не застанат зад отвореното прашање на земјава во рамките на Генералното собрание на ОН за враќање на уставното име, како и на првото знаме со сонцето од Кутлеш, што е одлика на независна Македонија? Токму тоа е во духот на меѓународното право. Впрочем, над 130 држави ја имаат признаено земјава под нејзиното уставно име Република Македонија, така што тоа треба да биде патернот под кој Генералното собрание на ОН ќе оцени дека земјава има право да го почне тоа гласање и со просто мнозинство на некоја од седниците да ја исправиме неправдата. Е, во една таква акција, кога ќе ја имаме поддршката од САД, тогаш друга е работата. Не бараме преку леб погача, што се вели, туку бараме поддршка за враќање на достоинството – враќање на нашето име и знаме во Обединетите нации. Тоа се темелите на една држава што има суверено право сама да одлучува како ќе се вика и под какви знамиња ќе чекори во иднината.

Во меѓувреме, нашите министри за енергетика и одбрана цртаат рамка на Македонија како енергетски одржлива и воено подготвена држава. Тоа е одлично. Но, тие капацитети се само „тело“ на државата. „Душата“ е идентитетот. САД, како креатори на новиот суверенистички пристап, имаат историска шанса да покажат дека сојузништвото со Македонија не е само геополитичка трансакција туку и принципиелно партнерство. Поддршката за нашите национални обележја во ОН би била најсилниот доказ дека Вашингтон ги почитува малите, но горди народи. Исто онака како што ние ги испочитувавме САД во многу други кампањи.

Од наша страна, ние не нудиме само критични минерали, туку нудиме и стратешка длабочина и безбедносна стабилност на Балканот. Само ние кон никого не ѕвечкаме со оружје. За возврат, не бараме само „гаранции на хартија“. Бараме Вашингтон да биде нашиот глас таму каде што се крои светската правда. Македонија веќе не смее да биде земја што само ги исполнува туѓите услови. Ние сме суверена држава, која, со спортски речник кажано, „атакува во противничкиот шеснаесетник“. Шансата е тука, пред нас. Ако Вашингтон навистина верува во суверенитетот на нациите, тогаш патот до тоа признание започнува со расчистување на маглата околу нашето име и идентитет. Тоа е вистинскиот стратешки дијалог што го чекаме.