Проф. д-р Виктор Недески
Во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден неизбежно се наметнува прашањето: што значи да се празнува? Дали празнувањето е само надворешна радост, обичај, трпеза и собирање или, пак, има подлабока духовна димензија што му дава вистинска смисла на сето тоа?
Празнувањето е древен и универзален човечки израз. Од најстарите цивилизации до денес, човекот чувствувал потреба да ги одбележува промените на времето, значајните настани и пресвртниците на животот. Празникот е момент на прекин на секојдневието, но и момент на негово осмислување. Во него човекот не само што се радува туку и се потсетува – кој е, од каде доаѓа и кон што оди.
Христијанството, пак, му дава на празнувањето една сосема нова длабочина. Во неговиот центар не стои само настанот како историски факт туку личноста на Христос и Неговото спасително дело. Затоа, сржта на христијанското празнување не е надвор, туку внатре – во храмот, во литургијата. Таму празникот се живее, се доживува и се актуализира. Литургијата е вонвременска: таа не припаѓа само на минатото, ниту само на сегашноста, туку ги обединува сите времиња во едно „сега“ на Божјото присуство.
Токму затоа, кога зборуваме за празнување, мора да тргнеме од оваа основа. Без литургиското искуство, празникот лесно може да се претвори во обична форма, во традиција без содржина, во радост без корен. Оваа појава не е непозната и денес: често сме сведоци на празници што се слават со богата трпеза, со обичаи и со веселба, но без вистинска врска со нивната духовна смисла. Така настанува она што би можеле да го наречеме „празник без центар“ – или уште поточно, „Божиќ без Христос“, „Велигден без воскресение“.
Но дали тоа значи дека сè што е надвор од храмот е излишно или дури погрешно? Далеку од тоа. Човекот не е само духовно туку и психосоматско битие. Тој има потреба да ја изрази својата вера не само преку молитва туку и преку гест, обичај, заедништво, трпеза, песна. Народните традиции, кои со векови се развивале во рамките на еден народ, ја исполнуваат токму оваа улога. Тие се надворешниот израз на внатрешната радост, украс на празникот што му дава топлина и препознатливост.
Во македонскиот контекст, ова е особено видливо. Христијанството кај нас има длабоки корени и природно се испреплетува со богатото народно наследство. Обичаите поврзани со Велигден – боењето на јајцата, посетите, заедничките трпези – не се само фолклор туку сведоштво за живата вера на народот, која се пренесувала од поколение на поколение не само преку книги туку и преку живот.
Сепак, токму на ова поле денес се појавуваат неколку различни и често спротивставени тенденции. Од една страна, постојат гласови што настојуваат радикално да го „прочистат“ празнувањето од сè што не е строго литургиско. Според ова гледиште, народните обичаи се гледаат како нешто што ја замаглува суштината и затоа треба да се отстранат. Иако оваа позиција произлегува од желбата за автентичност, таа често завршува во крајност: наместо преобразување, се нуди укинување; наместо воспитување, се создава отуѓување.
Во нашето време се забележува и ваква појава: потценување или дури презирање на сопствените традиции и нивно заменување со туѓи, најчесто медиумски наметнати како „модерни“ или „попривлечни“, а неретко пласирани и како „древни“ и „автентични“, иако немаат никаква врска со нашето поднебје. Во оваа трка по новото или туѓото, лесно се губи чувството за автентичност. Народот што ја изгубил врската со своето наследство станува подложен на културна имитација, а празникот – на површна спектакуларност.
Третата тенденција, можеби најраспространета, е целосното раздвојување на народното од црковното, при што народното станува замена за црковното. Во овој случај, храмот се заобиколува, литургијата се игнорира, а празникот се сведува на обичај и атмосфера. Така се создава илузија на празнување, но без неговата вистинска содржина.
Сите овие крајности укажуваат на потребата од еден урамнотежен пристап. Вистината, како и често во животот, се наоѓа во средината. Црковното празнување – литургијата – е темелот и срцето на секој христијански празник. Тоа е она што му дава смисла на сè друго. Но тоа не значи дека треба да се оттурнат или да се уништат народните традиции. Напротив, тие треба да се негуваат, но во правилен однос кон суштината.
Христијанството по својата природа не уништува, туку преобразува. Тоа не доаѓа да ја избрише културата на еден народ, туку да ја осветли, да ја исчисти и да ѝ даде нова длабочина. Затоа, здравиот однос кон традицијата не е ниту слепо прифаќање, ниту радикално отфрлање, туку расудување: што во неа е во согласност со духот на верата и што може да послужи како нејзин израз.
Кога народните обичаи не му пречат на духовниот живот, туку го дополнуваат и го изразуваат, тие стануваат вреден дел од празничната култура. Тие се како рамка околу една слика: не се самата слика, но ѝ даваат убавина и целина.
Во современиот свет, ова прашање станува уште поактуелно. Новото време носи нови форми на комуникација, нови навики и нови начини на изразување. Празнувањето сè повеќе се медијализира, се претвора во визуелен настан, во содржина за споделување. Во таков контекст, постои опасност суштината да се изгуби зад формата, а тишината на храмот да биде заменета со бучавата на надворешноста.
Но токму тука лежи и предизвикот, но и повикот на Црквата: да го зачува центарот, а истовремено да ја осмисли периферијата. Да покаже дека празникот не завршува со литургијата, туку од неа започнува и се излева во животот. Да помогне верниот човек да го препознае редот на нештата: прво суштината, а потоа украсот.
Затоа, вистинското празнување не е ниту бегство од традицијата, ниту затворање во неа, туку нејзино осмислување. Тоа е враќање кон изворот – кон литургијата – од која произлегува сета радост, и нејзино пренесување во секојдневието преку љубов, заедништво и благодарност.
Во пресрет на Велигден, оваа порака станува особено значајна. Воскресението не е само настан што се слави туку тајна што се живее. А празникот, за да биде вистински празник, треба да започне во храмот, но да не остане затворен во него. Треба да се излее во домот, во семејството, во заедницата – не како празна форма, туку како жива радост што го преобразува целиот живот.
Само така празнувањето ќе биде она што навистина треба да биде: средба на небото и земјата, на вечното и минливото, на суштината и украсот – во една хармонична и животворна целина.
Авторот е продекан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при УКИМ во Скопје
































