Вангел Божиноски
Заборавената торба на терзијата всушност е вреќа. Голема… Конопна… преполна црти и рецки… ракописи… несредени, како во вреќа. Ја најдов во напуштеното селско училиште во Витолиште кога ја организирав Летната школа за архитектура „Мориовска градителска тајфа“ во 1999 година. Зошто Марко решил да ја чува овде кога во Прилеп би било подобро!? Помислив: кога веќе прибрал 10 пати повеќе традиција во споредба со сите нему слични во светот (нека им се наголеми славата), сигурно помислил: „Нека стои врејќава овде… чунки во Прилеп идат секакви тишки и ќе сторат некој зијан?… ко че биди поарно че дом“… како да го чув од некаде. Ја зедов. Немаше кого да прашам. Си реков ќе ја носам во „Браќа Миладиновци“ до Архитектонскиот факултет. Тогаш… Денес сакам да биде наследена. Чекам… да се појави некој…
Од тогаш, дрпнувам понекоја страничка и објавувам, најчесто под наслов ЦРТИ И РЕЦКИ. Често, на прв поглед, како да не се страниците од иста приказна, но, ако се погледне од страна и од соодветно растојание, тие секогаш се потполни, иако, признавам, не се совршени.
Ете! Сега за музичката жртва или (како што насловил терзијата): ХАОСОТ Е ТРУДЕН…
„Ех…ехееј… еднаш… некогаш (не се знае кога, но сигурно тогаш)… си бил еден крал, кој по навиката на наследувањето наследил круна“.
Ако погледнеш од страна… кралот и не бил баш за крал… но дедо му (пред да го пречекори Прагот на соништата) си го повикал внукот и му рекол: види внучко, ти си благословен како уметник, но состојбата во кралството е толку за никаде, само јасновидец може да ја разбере, а уметник може да го види патот… чунки нашите стари не правеле голема разлика помеѓу јасновидецот и уметникот, та дури сметале дека едното и другото се сродни дарби, небесни.
Не можеме да узнаеме дали внукот разбрал што сакал да му порача дедото, Мислам дека не… Но дошло време… и го качиле внукот на престолот.
Редот си е ред, но новиот крал продолжил по законите на благословот (бил голем мајстор на флејта, ги познавал душите на сите инструменти…) и ги воодушевувал дворјаните и гостите во дворецот… А зад големото огледало во концертната сала на дворецот – кралството тонело во хаос.
Арно ама, на токму таа граница за време на досадните известувања за негативните биланси… кралот се подразбудил кога некој рекол дека во кралството постои капел-мајстор што во народот е почитуван како најдобар! Кралот наредил да биде донесен во дворецот. За него подготвил загатка: музичка тема за која е неопходна сериозна повеќедневна вежба за воопшто да може да биде изведена.
Капел-мајсторот бил пречекан достоинствено и според утврдениот протокол му била предадена партитурата. Поканетиот музичар само еднаш го погледнал нотниот запис, се поклонил и ја отсвирил темата беспрекорно и…
Воодушевувањето било беспрекорно, но највосхитен бил кралот. Владетелот веднаш му понудил награда што можела да биде ограничена само од желбите на капел-мајсторот. Но музичарот рекол дека не сака никакви подароци (чунки бил доволно дарен од Бога) и дека само бара дозвола да го земе записот на кралот со компонираната мелодија и да додаде нешто. Така, тој би имал чест да му искаже благодарност на кралот! Кралот не можел да се начуди:
Зарем е можно во неговото кралство, кое е во длабоко безредие, да постојат таков вид луѓе чиј талент, доблест, скромност и посветеност се во потполна спротивност со секојдневноста!? Не верувајќи, кралот се почувствувал како разбуден во неверојатно убав сон…
Поминало потребно и доволно време… партитурата се вратила кај кралот.
Кралот ја отворил веднаш, забележал дека неговата музичка фраза, која била напишана во само еден ред, е збогатена со само уште половина ред, но сѐ е продлабочено со прецизни музички препораки и има наслов: МУЗИЧКИ ПОДАРОК – ИСТРАЖИ!
Кралот како врвно школуван и надарен музичар потонал во партитурата… забележал: наместо неговите два гласа, додадени се уште четири… се изненадил дека партитурата нуди многугласност, но дадена е слобода на секој глас да пее кога сака во рамките на истата тема… да пее ако сака и назачки… да пее и тема што е потполно различна од основната… да пее легато додека другите тераат стакато… за миг помислил: Ова е хаосот! Потоа увидел: ако на секој глас му се дозволи да го заслужи својот простор во рамките на основната мелодија се огласува врвна хармонија и возбудлив контрапункт, станал свесен дека станува збор за ред од повисок степен… се восхитил: капел-мајсторот препознал ред во хаосот! Не само канон пер тонос! А јас… во државава имам толку многу хаос што само малку од него да искористам и ќе го вратам редот каде што му е местото.
Брзо повикал три машки гласа и три женски… врвните рапсоди на кралството. Корепетициите брзо израснале во концерт. Концертот траел 44 минути, аплаузот многу подолго… ирационално.
Прикажуваат други (ним треба да им се верува на збор) дека аплаузот се проширил надвор од дворецот… во народ… дека народот ја сфатил пораката… Пишуваат учените (ним со доза претпазливост треба да им се верува) дека во таа земја оттогаш само се множат хорови од организиран ред и дека нема училиште каде што нема хор и дека таа земја значително ја искоренила епидемијата на безредието… Јас лично имам чуено дека таа музичка партитура до денес е тема на истражување и… откриено е – не станува збор за само шест гласа туку дека се 10 и многу повеќе, а начините на пеење како учество во партитурата се бесконечни… и не го нарушуваат општиот ред на композицијата… Не знам зошто партитурата денес не ја именуваат според изворното МУЗИЧКИ ДАР туку сите ја викаат МУЗИЧКА ЖРТВА!?“
Кога ја дрпнав приказнава од заборавената торба на терзијата и кога ја прочитав воодушевен, по навика си реков: ова мора да е забележано и кај други собирачи на мудрости… мора да ја има и кај други народи… и најдов… Најдов и една што е просторно временски поодредена… дури и сместена во време (некаде во 18 век) и има имиња за кралот, капел-мајсторот, за дворецот, градот… си велам, ако ја најдов и кај други, тогаш хаосот не е својство само за мојата татковина. Тоа ме успокојува. Арно ама ние одамна немаме крал! Но би требало да имаме композитори и добри изведувачи и би повежбале малку повеќе? Или прво да се обидеме со театарска претстава?! Тука имаме сѐ…
Можам да посведочам како опитен телевизиски, драмски и филмски сценограф. Се прашувам… кој би го играл кралот, кој капел-мајсторот, кои би биле првите шест гласа, а дедото…
Не знам и сѐ уште не го поставувам проблемот: кој би го напишал сценариото?! Кој би бил крал, кој капел-мајстор? Рапсодите… дедото?! А има ли некој што би можел да ја поднесе музичката жртва!? Нема жртва на заем! Значи не можеме да го земеме Малер (мислам на Густав) иако тој ја бараше границата помеѓу редот и хаосот. Затоа упатно е да се земе предвид препораката на нашите испосници неуми. Тие велат дека е важна оддалеченоста од која го набљудуваш хаосот и положбата исто така, затоа што потенцијалниот ред е во хаосот на секојдневноста. Значи: хаосот постои затоа што има ред…
Не уми многу!!! Не уми… Нашите монаси од најстариот ред велат: логиката не помага многу кога си од другата страна на огледалото!
Имануел Кант вели: бог постои затоа што ни природата не може да продолжи освен на среден начин. Дури и во хаосот!
Мора да ти текне. Идеја… Таа има свој пат и своја суета и само одбраните можат да го препознаат патот и да ја издржат суетата… И во тоа одбрано множество (додека ја носат драгоцената капка на дланка) многумина се изводенуваат по патот правејќи ја невозможна првичната намера.
С Ф С Н
































