Пред тебе во нашава денешна колумна, драг читателу, е текстот што го замислив како предговор за мојата најнова четврта книга колумни, објавени во „Нова Македонија“ од 2023 до 2025 година, од циклусот „Записи во несоница“. Околу 2.500 страници печатен материјал за време од седумгодишната колумнистичка соработка со мојот омилен весник, во кој, за жал, редакцијата еднаш без образложение ми даде пауза од година и половина. Мистерија, но од сигурни извори дознав дека тоа е сторено по барање на политифициози од Брисел во Македонија, бидејќи никогаш не престанав (и сега) да пишувам за обновениот западен фашизам и по Втората светска војна, особено и врз грбот на Македонците. А и нашата власт беше претпазлива кон Вавилонската Блудница, па така, за еден јавен митинг на кој го зграпчив микрофонот, кога почнав да зборувам за европскиот фашизам со нашата идентитетска ликвидација од организаторот на божем сенародниот народен собир ми беше исклучен молскавично брзо микрофонот, а еден партиски војник од власта дојде на бината и ме тупна по рамото да престанам со говорот. Така. Сеедно. Главно е што јас и ти, драг читателу, како андрогинска целина заедно сме ги делеле трагичната убавина и светата болка на македонската судбина. И сега.
Претходните три книги на нашата заедничка болка од „Записи во несоница“, како што знаеш се: „Рана и јанѕа“, „Македонскиот крик“ и „Народ избран за спасение и одведен на кланица“. Гледаш, тоа се par excellence дијагностички наслови на нашата заедничка рана што извира и што се влева како река во колективната траума на македонското „смачкано племе“, како што Блаже Конески ги дефинира прецизно Македонците. Племето смачкано од ариевската цивилизација што има страв од него со една перверзна и естетска садистичка наслада за која говори нешто и Маркиз де Сад. Неупатените главно го познаваат него како порнограф и порнографски садист. Во тоа има нешто вистина, ама покрај тоа тој е, иако сѐ уште недоволно осветлен од таа страна, и значаен, според мене, и повеќе од тоа егзистенцијалистички филозоф. Во таа смисла за него има еден сјаен есеј и Данило Киш. Маркиз де Сад е sui generis тип и мислител за разлика од бриселските кон нас ЕУ-политидиоти садисти, драг читателу. Неговиот филозофски концепт ја дава целокупната гангренозна слика во целосна морална атрофија на неговата западна цивилизација. Тој ги отвори вратите на дадаизмот како негација на сите лажни вредности на цивилизацијата на Европа, особено по Првата светска (европска) војна како крајно разочарување од самофалениот ариевски и со варварски сурат Запад. Најекспресивна метафора во таа смисла што ја објаснува со една веристичка вивисекција без анестезија на екстремно болниот организам на западната цивилизација, драг читателу, е онаа прославена клозетска шолја, која Марсел ди Шамп ја излага на една париска изложба по Првата светска војна, што го рефлектира целокупниот идиотизам на европските колонизатори незаситни до денес и понатаму за пљачкање по белиот свет на материјални блага. Но да не се отклонуваме од Марсел ди Шамп. Неговата клозетска шолја сега не е метафора, туку реална слика, драг читателу, во која ги празни цревата со сета смрдеа и денес европската неизменета цивилизација, сега заседната во фотелјите на Брисел.
Доволно. И јас и ти сепак сме му благодарни, драг читателу, на дадаистот Марсел ди Шамп што ја откри и целосно веристички ја разголи оваа конквистадорска колонијалистичка цивилизација, која не мрднала ни милиметар потаму од клозетската шолја на можеби и најрадикалниот, парадоксално уметнички критичар на нејзиното богохулие. А уметниците отсекогаш биле ерес за неа. Можеби и затоа во неа, исто како и во некои мрачни столетија пред тоа, тие и денес се на маргината, столчени од дарвинизмот на капиталот кого го интересира единствено профитот, а не уметноста и културата. Во својата долгогодишна цивилизациска историја, Западот во основниот цивилизациски пар култура-варварство многу повеќе се допирал и го интересирал вториот член од оваа цивилизациска равенка отколку првиот.
Тој бил многу повеќе заинтересиран за варварството, кое секогаш значело освојување и безмилосно пљачкање на туѓи територии и во таа цел и уништување на цели народи и цивилизации отколку ставање беспоговорен акцент на уметноста, поезијата и на културата. Сум рекол и досега, драг читателу, дека Европа имала изобилство од гении во уметноста и науката. Ама сум рекол и тоа дека тие (ни Шекспир, ни Гете, ни Шилер, ни Иго, ни Сервантес, ни Ојлер, ни Планк, ни Ајнштајн, ни Бор….) не можат да го аминуваат европското колонизаторско варварство. Така, како што не можат да го аминуваат тоа варварство и врз Македонците што доведе до идентитетски геноцид врз нив. Сум рекол, сега повторувам, тие гении беа дадени во таа злосторничка цивилизација од Господ за да ја вразумат, да ја хуманизираат и сензбилизираат, да ја опаметат. Но не се случи тоа. Ако ја поставиме (а веќе ја поставивме) на тасот на цивилизацијата нејзината основна и од памтивека до денес непроменлива равенка култура – варварство, гледаме дека неспоредливо претежнува на неа тасот варварство. За жал. Многуте западни зулуми на Европа низ светот по Колумбо, па и пред него го потврдуваат тоа. Но има тука еден интересен парадокс: колонизаторска, лакома за материјален профит Европа не само што уништувала цели народи и цивилизации за да го задоволи тој свој темен нагон туку со истиот тој најпосле по долгите пљачкашки авантури низ светот таа, лишена од ерос, веќе целосно танатосна посегнува и по себе. Неверојатен парадокс. За тоа, драг читателу, крунски пример се двете светски војни, смислени во нејзината темна танатосна психа и реализирани од неа како, фројдовски речено, страст, желба за смрт. Да (Фројд не го предвидел тоа), во нејзиниот темен танатосен нагон сега таа покрај својата смрт што ја посакува потсвесно (ајде и ние да бидеме малку психоаналитичари) има желба да го повлече со неа и целиот свет во смрт. Така. Но по еден таков танатосен катастрофичен бран може да се очекува природно, според внатрешниот механизам на психата устроен од Господ, отрезнување и враќање од Танатос кон Ерос, од смрт кон живот, кон воспоставување цивилизациска хармонија по долгите историски катастрофи. Но не се случи тоа. Помина Првата светска/европска војна. Следуваа Версајскиот договор и казната на Германија наместо таа сега да се вглоби во полната европска слика по големата катастрофа. Така. И казната предизвика нова невидена катастрофа: Втората светска војна, и тоа само по три децении од Првата, нешто што конечно ја дефинира Европа и како планетарно зло. Таа самата се промовира како такво зло, дури и под услов во него и самата да се самоуништи. Тука, во таа смисла нам ни се јавува во свеста симболичката архетипска слика во тој контекст на уроборосот, змијата свиткана во круг што си ја гризе сопствената опашка. И тоа е непроменлива митема, митска слика, драг читателу, интернационална, која сепак опстојува бидејќи како слика на човекот и човештвото сѐ уште е присутна во својот митски и неначнат метафизички облик. Да. И пак е тука парадоксот на негативитетот на западната колонизаторска цивилизација, која исто така е вглобена како митема во сликата на уроборосот, космичката змија што си ја гризе опашката, своевиден аларм дека сликата на космосот е во опасност. Да. Фасцинантно за оние што го сфаќаат тоа. Да. Но таа митска слика на уроборусот (змијата) што си ја гризе опашката (а тоа е опасно) важи како микромитолошка структура и за една цивилизација, а потоа и за еден народ, колектив, па на крајот и за една индивидуа членка на колективот. Ако ја следиме, пак, таа аналошка линија ќе дојдеме, секако, и до „смачканото племе“ Македонците и нивната слика на уроборусот во која митската змија си го гризе опашот, ама митот секогаш е на почетокот, што значи дека опасноста од самоуништување и исчезнување постои, но тоа не е реализирано или е во фаза на некое иницијално самопроголтување.
Е, сега по ова, драг читателу, дојдовме до крајната точка на решавање на загатката, нешто слично застанати пред неа како Едип пред Сфингата. Македонците ја решаваат таа загатка на противење на исчезнувањето, последните сто и кусур години од 1913 г. наваму, со траење и вера дека се божјо семе што ќе цвета и ќе раѓа плодови до свршетокот на светот. И Гете рече: „Ремек-дело на човекот е да трае“, што значи да истрае во постоењето. Тоа, и покрај нашите отворени длабоки рани во кои ѕирка лакома за смрт смртта (ова веќе не е тавтологија), ама во кои силно штрека и жилата на животот, артеријата што го храни со Исусова крв срцето на смачканото племе. Нашето македонско колективно срце. А и тие рани зинати како самиот бескрај пак ги лекуваме, како што би рекол старозаветниот Исаија, пророк и поет, со раните на Исус, оти и ние како него ги добивме нив на Голготата на овој безбожен свет, особено на голготата на најсуровата цивилизација во него, западната, во која сме вглобени и распнати со столетија и сѐ уште нѐ дораспнува таа. Но со садомазохистички менталитет изгледа дека и таа, што би рекол Фројд, жедна за танатос повеќе отколку за ерос, самата се распнува, ама во придружба на Мефистофел (ѓаволот) и не е свесна дека веќе е на мртовечка постела. Верувам дека и крикот на Пол Валери „И цивилизациите умираат, знаеме“, имено, директно се однесува на неговата расипана и деструктивна Западна цивилизација. Повеќе од сигурно. Оти тој (1871–1945) ги доживеа и ги виде двете нејзини танатосни светски војни и го претпостави нејзиниот крај. Но тој крај, драг читателу, нема да биде крај и на Македонија и Македонците, затоа што тие во ништо не учествувале во нејзините валкани работи на понижување и планетарно пљачкање на овој свет. Тие никогаш не биле обезбожени како неа, туку секогаш ги имале Бог и Божественото во епицентарот на своето колективно битие и никогаш не искокнале надвор од него за да ја реализираат нејзината формула: „Ако нема Бог сѐ е дозволено“ на која укажа како на катастрофа Достоевски.
А сега конечно при крајот од текстов, драг читателу, го ставаме со силен удар акцентот како средишна идеја и како филозофија на нашата вера во која сме како Емпедокле во кратерот на Етна (читај: подземниот свет, адот), но тоа е само катапулт од кој ќе искокнеме праведно во светлина по падот на злосторничката цивилизација што нѐ ништи и што по предолгото постоење е на самиот залез и праведно паѓа во мрак. Во смрт. И колку е убаво тоа само, драг читателу, за понижениот и пљачкан од неа сиромашен свет, а и за сјајните јужноамерикански цивилизации (Маи, Ацтеки, Инки, Толтеци) што ги претвори во пепел таа. Да, таа работа со нив таа ја заврши блицкриг за кратко време, за разлика од македонската цивилизација со која се мачи уште од победата над нив на екстремно суровите Римјани, чија ментална слика ја наследи европскиот колонизаторски Запад, чекајќи ја со столетија Преспа (Нивици) 2018, и пак со помош на нашите квислинзи (главните: Заев и Димитров) за да ја стави во музејска поставка неа како исчезната. Ама работите им се лизгаат од раце. Како што стојат работите и со најновите случувања тие ќе тонат, а ние ќе се креваме. Затоа што додека таа цивилизација што нѐ ништи е полна, по заслуга и на нејзиниот главен ментор Мефистофел (ѓаволот) за што пишуваа Гете, Марлоу и Милтон, со атомите на танатосот, смртта, ние Македонците сме полни со електроните на воскресението затоа што со отворено срце и љубов ја имаме изучено магијата наука на Исус како да се победува смртта со смрт, нешто што никогаш не ѝ паднало на памет на западната танатосна цивилизација на смртта. Да. И сега по безбројните нејзини танатосни погроми низ светот, еве ја сега, кога светот е закрепнат од нејзините злосторства, таа нагрвалена врз Македонците, додека во нејзиниот „цивилизациски“ фокус сега се Индијанците од Северна Америка и Маите, Инките, Ацтеките и Толтеците од Јужна Америка. Феноменот е во тоа што оваа танатосна цивилизација сега апсолутно лажна, скриена под дебелата божем космополитска и хуманистичка маска ЕУ, веќе целосно исфрлена надвор од нејзината колонијалистичка орбита од разбудените народи во Африка и другите точки на светот, страда затоа што е стеснет кругот на нејзиниот танатосен нагон за ништење на цели домородни култури низ светот. Да. И сега во таквата ситуација за да го задоволи својот танатосен нагон за смрт на другите, а за живот за себе, таа најде плодна почва во Македонија, трн во окото на Западот, поради ништо друго туку поради космополитскиот дух на Македонците, за разлика од етноцентричниот (како еден вид, дијагностички од аспект на Фројд, стеснет ум).
Со еден збор, по Маите, Ацтеките, Индијанците, Инките и Толтеците, остана за ликвидација, или поточно за доликвидација, само на Македонската цивилизација. На сѐ уште виталниот и жив македонизам. И тоа, драг читателу, е најдолгата ликвидација од таа Западна мефистофелска (на ѓаволот) цивилизација на Македонците. Многу долго се мачи таа со тоа. Мислеше дека Преспанскиот договор е крај, катарза. Но сфати дека не е, па тука е „француската рамка“. Но нема крај на македонската ликвидација. Нејзиниот крај всушност е во Бог, Создателот, кој по сѐ изгледа ги создаде покрај другите и Македонците за светлина, која треба да ја опамети западната танатосна цивилизација. Апостол Павле го знаеше тоа кога во Посланието до Солуњаните им се обрати на Македонците дека тие од почетокот се создадени за спасение на светот, новиот избран народ што никогаш не го предаде Христос. Итн. Бескрајна македонска болка, ама тоа е света болка, драг читателу. Болка што има во себе визија за иднината на светот по смртта на танатосната, најлоша од сите познати цивилизации (Западната). А тоа е иднината на сеопштата љубов меѓу народите, синтеза на светот во сликата на љубовта, а не во сликата на корпоративниот либералкапитализам, така како што Македонците го замислувале светот уште од антиката на Филип и Александар. Македонците што ја преживуваат сега светата болка на постоењето. Болката на Исус и на Богородица што го оплакува него во „Свети Пантелејмон“ во Нерези. А тоа е, драг читателу, болката што ќе го преобрази светот, затоа што е универзална и надвор од суровата цивилизација, која не ја познава неа, затоа што е отапена за неа. А ако не ја познаваш болката, по дефиниција, не ја познаваш ни радоста, парадоксално, имено, што извира од неа. Македонците го знаат тоа, па затоа нивната болка, имено, е света, благословена од Бог како супстанција што е важна за спасението на светот. Амин.































