Оган и вода

Во последно време ме окупираат две прашања клучни за нашата повеќеслојна сигурност и суверенитет, гледајќи ги изјавите што еден час се во насока на смирување на воените дејствија, за веќе следниот да бидат на работ на избувнување на трета светска војна, ако веќе не ни се случува, и сето она што се случува на Блискиот Исток.
Две работи се издвојуваат во делот на она што ме мачи околу нашата сигурност и суверенитет. На прв поглед тие две работи како да се чинат два антипода, две крајности, исто како оган и вода. Но кога ќе размислам подлабоко, можеби тие крајности не се толку различни. Во суштина, тие два антипода всушност се две страни на еден медал, македонскиот, а се однесува на нашата економско-социјална одржливост.
И конечно, да ви откријам на што мислам, а веќе го најавив тоа и во мојот наслов: Оган и вода! Имено, тие антиподи се ОГНОТ (што метафорички е симбол за енергијата) и ВОДАТА, односно водните ресурси со кои располагаме како земја.
Ете така, тоа е мојот вовед, за да ве воведам и вас, драги читатели, во мојата гореспомената дилема што ме окупира деновиве. Ајде сега натаму да продолжам со аргументирање на мојата теза.
…Кога зборуваме за енергијата, повеќе не станува збор само за струја, јаглен или мазут, туку во сегашниве светски констелации очигледно станува збор за – прашање на опстанок. Во свет во кој воените конфликти сè почесто нишанат на енергетската инфраструктура, станува јасно дека секоја зависност од увоз е потенцијална слабост! Македонија го чувствува тоа на своја кожа. Затоа, диверзификацијата на изворите, зголемувањето на домашното производство и енергетската ефикасност не се повеќе стратегија во најава, туку нужност што треба да ни се случува сега и веднаш.
Домаќинското стопанисување со домашните капацитети, како што е РЕК „Битола“, уште еднаш покажа дека базичната енергија произведена дома е најсилниот амортизер на кризи. Таа носи предвидливост, стабилност и, најважно, независност од надворешни ценовни шокови. Да, јагленот има своја цена, и еколошка и стратешка, но во услови на криза тој останува столб на сигурноста. Прашањето не е дали да го напуштиме, туку како паметно да го надградиме. Наш оган (енергија), наше огниште, МОРА да имаме! Како велат старите, во оној дом што гори оган има напредилук, огнот ги брка лошите сили.
Натаму, истовремено, хидроенергијата, со својата флексибилност, игра улога на тивок стабилизатор. Но и тука реалноста не е идеална, но не е ни пролетва толку лоша. Нивото на акумулациите оваа пролет е на задоволително ниво (40 отсто), планините се полни со снег, што значи дека уште ќе се поднаполнат, но тоа истовремено покажува дека зависноста од природните фактори бара многу посериозно и долгорочно управување.

Комбинацијата на термо и хидроресурси денес ја држи мрежата стабилна, но утре тоа нема да биде доволно без нови инвестиции и системско планирање.
Интервенциите со мазут, пак, се јасен сигнал дека државата мора да реагира кога системот е под притисок. Но тие интервенции се само привремена инфузија. Тие не се лек. Вистинскиот лек е стратегија што ќе ја намали потребата од вакви „кризни инјекции“.
Ајде и за уште еден аспект плус, кој предизвикува…
Она што често се заборава е дека енергијата директно ја диктира инфлацијата, а со тоа и животниот стандард. Секој скок на цената на струјата се претвора во поскапа храна, поскапи услуги, посиромашни граѓани. Оттука, енергетската политика, всушност, е социјална политика.
Но тука доаѓа и вториот дел од овој „медал“ – водата.
Ако енергијата е огнот што ја движи економијата, тогаш водата е темелот на животот и долгорочната стабилност. Светот веќе влегува во ера во која водата станува стратешки ресурс, можеби и поважен од енергијата. Климатските промени го забрзуваат тој процес, а Македонија, и покрај природните предности, не смее да се залажува дека е безбедна.
Да, имаме реки, извори и подземни води. Но имаме и загадување, лошо управување и нерамномерна распределба. Имаме парадокс, земја богата со вода, а со население што во одредени региони се соочува со недостиг. Тоа не е природен проблем. Тоа е системски неуспех.

Изградбата на нови акумулации, како браната „Отиња“, е чекор во вистинска насока. Но не е доволен. Без пречистителни станици, без контрола врз загадувањето, без стратегија за подземните води, сите тие проекти ќе останат половични решенија.
Водата, исто како и енергијата, бара домаќинско управување. Не само инфраструктура туку и култура на користење. Не само инвестиции туку и одговорност.
Во оваа равенка не смее да се заборави уште еден клучен сегмент, храната. Земја што има вода, има услови за земјоделство. Земја што има земјоделство, има можност за самостојност. Македонија некогаш била производител, денес е увозник, и тоа само поради некои погрешни политики во минатото. Концесионери на земјоделско земјиште неретко стануваа лица без земјоделско искуство, кои повеќе гледаа да добијат нешто повеќе од субвенциите отколку да произведат нешто. Немаше одговорност каде одат парите, а не се исклучени и некои сомнителни спреги. Така го снема нашето земјоделство. Тоа е стратешка грешка што во вакви глобални турбуленции станува луксуз што не смееме да си го дозволиме. Враќањето кон домашното производство на храна не е носталгија, туку рационална економска одлука. Со сопствена храна, не само што се намалуваат трошоците за граѓаните туку се создава и простор за размена, вишоците да станат средство за обезбедување на она што ни недостига, пред сè енергенти.
И тука кругот се затвора.
Енергијата и водните ресурси (огнот и водата) не се одвоени приказни. Тие се меѓусебно зависни системи што ја дефинираат нашата иднина. Без енергија нема индустрија. Без вода нема живот и земјоделство. Без двете, нема држава што може да зборува за суверенитет.
Затоа, она што ѝ е потребно на Македонија не се ад хок мерки и интервентни решенија, туку системски интегрален пристап кон управувањето со овие ресурси. Пристап што ќе ги поврзе енергијата, водата и храната во една стратешка целина.
Само така, ова национално богатство ќе престане да биде неискористен потенцијал и ќе стане вистинска гаранција за сигурност, стабилност и суверенитет. И, уште поважно, доказ дека знаеме да го чуваме и да управуваме со она што ни го дала географијата – како вистински домаќини.