Историја на паметењето и живеењето

Откако паметам за себеси, се сеќавам на мажи на извесна возраст што седат пред телевизор, гледаат вести и жестоко се препираат за ситуацијата на Блискиот Исток. Со акцент на војните во Израел и Иран. Колку ќе поскапи нафтата? Ќе има ли доволно енергија? Што ќе биде со економијата? Како се случило ова и кој прв почнал? Русија или Америка? Каде сме ние во ова приказна и што треба да правиме? Дали да фатиме страна? Ако треба, која страна? Ако не треба, оти не? Некои предлагаа да се фати уџун! Кај е тоа место „уџун“, така или инаку не разбрав. Се поставуваа и дузина од истите оние прашања што си ги поставуваме и ние денес. Прашања што си ги поставувам сега јас, маж на извесна возраст. Не ми се верува дека во педесет години не се променило ништо? Дека сѐ е на своето место. Сигурно и непроменливо. Единствено што се менува сме ние, луѓето. Едни заминуваат, а други доаѓаат. И толку.
Што можеме да разбереме од ова? Можеби најважната работа – времето. Дека, педесет години за времето, ако сакате за историјата, не се ништо. Педесет години се само миг во кој нештата ќе се случат и ќе течат по својот, некогаш природен, некогаш стихиен тек, а некогаш со интервенција на луѓето и нивните интереси. Ако го прифатиме ова како факт, тогаш сѐ што денес се раѓа како настан, како случување, како човечка појавност воопшто, нема никаква смисла да биде разгледувано, истражувано и оценувано. Реално погледнато, сѐ што е предмет на оцена на времето помалку од сто години од неговото настанување за мене е несериозно да се зема сериозно! Сите оние големи анализи на експерти, истражувачи, историчари, социолози и политолози, за влијанието на иднината гледано од денес, дури и кога се работи за одлуки на најголемите светски моќници како Трамп или Путин, на пример, за мене се надвор од умот! Ние денес не можеме ниту приближно да разбереме како иднината ќе го дефинира и определи времето што го живееме во овој момент. Затоа што оценките за настаните што се случуваат сега е невозможно да се определат и разберат без дефинирање на настаните што се случиле пред нив и без настаните што ќе се случат по нив.
Денеска, тука и сега, пролет 2026 година. Кафеана, мажи на извесна возраст. По втората чашка ракија чукаат по маси и ги поставуваат големите прашања за тоа кои се Бугарите, што со Грците и како понатаму со Србите? Да не ги заборавиме Албанците! Како и зошто се случиле оние војни наречени балкански и светски? Кој ги предизвикал и кој бил крив за тоа? Кај сме биле ние, што сме правеле и што не сме правеле? На чија страна била Русија, а на чија Англија, која сега е заменета со Америка. Паметам, во моето детство дека некои тетини и вујковци тврдеа дека Англија и Америка биле „од ист дол дренки“. Кутрите дренки и долови, како ни криви ни должни станале жртва на политички квалификации?! Го пишувам ова како уште еден доказ за нашата наивност да се обидуваме да ги разбереме времето и светот во кој живееме. Сега ми е сосема јасно дека тоа е невозможно. Дека не постои никаква можност да живееш и во исто време да го разбираш времето во кое што си – во тој момент сега, дури и на ниво на битие со висока свесност за луѓето, светот и стварноста во нив и стварноста во тебе.

Што се случи со војната во Украина? Која војна? Ја заборавивме ли онаа војна таму? Нели таа беше „клучот“ за мирот и просперитетот на светот? Како сега испадна дека оваа другата таму била – „клучот“? Патем, само да прашам: каков е тој – „клуч“? И кој го поседува? Се враќаме на војната. Кој прв ја почна? Кој е крив и на чија страна сме ние? Ќе има ли руска нафта за американски пари? Колку чини кубен метар гас денес? Колку задутре? „Кој те прашува бриче ли се владика?“ Така кај нас се дефинира онаа состојба на нештата што не зависат од тебе или од оние нешта што ќе ти ги направат други, големи и моќни, а ти не можеш да се противиш со ништо. Дури ни да кажеш што мислиш. Расчистивме ли со тоа, драги мои? М? Никој нема ништо да нѐ праша. Тие ќе дојдат, опијанети од сила и моќ, и ќе го направат својот неред во кафеаната на животот во која ние, како и досега, ќе бидеме само келнери што ќе си ја послужат својата судбина на самите себеси. Ако заврши војната на исток и онаа војна на североисток, кое е најдоброто место за нова војна? Што му фали на Балканот? Сѐ е наредено за нова претстава. „Клучот“ кај е?! Ние со Бугарите само што не сме си бапнале нож под плешка. Хрватите, Албанците и Косовците веќе готват сојуз. Србија не може да седи со скрстени раце. Сега засега доминира со авионите и ракетите. Се бројат ли и тенковите?! Грција не знае што да прави со Кипар, а Турција со самата себе во потрага по непријател што може да се нарече вистински. Грците им се таму за секој случај. Некој ја спомна Босна во контекст на прашањето дали бурекот со урда не е каурска провокација? Ова се само метафори од минатото или синоними за сегашноста? Последната голема војна на Балканот заврши со привремен мир во 1996 година. Триесет години се малку време за да се разбере и објасни што се случило. Дали уште десет години се доволно долго време до новата војна за да ја објасниме старата? Не знам. Мене ми треба дистанца. Ми треба време. Имам ли време? „Кој те прашува бриче ли се владика?“ Тоа е одговорот на моето прашање.
Луис Буњуел во неговата книга „Последен здив“ пишува дека доколку Бог повела да му го оствари тоа (да имаме само на ум дека Буњуел бил анархист, комунист и одрекувал постоење на Господ, дури и во таа иста книга!) да може еднаш во месецот да се врати на овој свет, да отиде до најблиската трафика и да си купи весник за да знае што се случило ново!? Кутриот и наивен Луис, сигурно е разочаран од тоа дека од 1983 година, кога замина од него, на овој свет не се случило ништо ново. А весници едвај дали се продаваат. Низ примерот на Буњуел уште еднаш се потврдува тезата дека ние уметниците сме тука само заради потхранување на човечката потреба да верува во промени. Кога ќе се излажеш себеси, со другите оди многу полесно. Ти не кажуваш приказни, туку вистини.

Драги мои, сето ова што се случува сега, само во мојот живот се случило и повторило најмалку трипати. А во меѓувреме сме преживееле и сме се развивале, колку–толку, како–така. Симнете ги грижите за она што не зависи од вас. Живејте си го животот онаков каков што е. Она што ние го разбираме како благосостојба, кога треба да ја создаваме секогаш зависи од нас, но нејзиното одржување, најчесто зависи од други. Паметам цело едно детство со немање нафта, немање струја, немање масло за јадење, немање кафе, немање женски влошки и тоалет-хартија. И инфлација. Паметам цела една младост во безработица, ембарга, војни. И промена на знаме. Паметам кризи, економски и политички катаклизми. Паметам и една епидемија. Официјално. Паметам будали што ни се продавале за генијалци и генијалци што на крајот им се продале на будали. Паметам стравови, паметам бесови. И промена на име. Паметам јадови и паметам лудости. И триста други глупости. Мои и туѓи. Волни и неволни. Големи и мали. Сѐ ќе помине и сѐ ќе остане како миг што денес нема потреба да се разбира, туку да се живее. Не обидувајте се да го разберете животот. Животот нема полза од тоа да биде разбран, туку да биде живеан. Најдобро што може. Имајте го ова на ум – најдобро што можете! Оти, за стотина години од денес, секако ќе се најде некој да оцени дали тоа било доволно добро. И никој нема да нѐ праша: „бриче ли се владика“?

Авторот е режисер и професор на универзитетот „Еуропа прима“

Јани Бојаџи