DE PROFUNDIS. РАЗМИСЛИ ЗА ХРИСТОС (5)

Христос ги сакаше сиромашните и грешните и го ценеше страдањето како некој вид несвесно есенцијално знаење на божјата вистина и правда, но со тоа не ја исклучи радоста на животот во кој и само неколку драгоцени мигови, како оној кога го помазува со балсам Марија Магдалена и му ги брише нозете со своите коси, кои на временската кусовечност ѝ даваат статус на вечност. Тој не го презре еросот, рехабилитирајќи го така гревот на плотната страст поради што беа избркани по грешка на Отецот Адам и Ева од рајот. Оти тој, како што би рекол Мерешковски, не ја презре туку ја восфали обожествената плот во која струи обожествената страст на божјиот ерос. Имено, така тој го сфаќаше телото што му е подарено на човекот за радост, а не за измачување и намерно исчашен од божјото лежиште аскетизам толку многу страсно и во една садомазохистичка варијанта посебно во средниот век пропагиран од црквата, која не успеала да го прочита и сфати Христос. По сѐ што правела низ столетијата и што прави и денес таа не успеала да ги сфати него и неговата жртва, која го дава примерот на саможртвата, подготвеноста за неа на секој од нас како услов за растот на нашето внатрешно Јас во божјото царство на неусловената љубов и слобода.
Ако се направи една темелна анализа, ќе видиме дека историската црква не чекала многу да се подржави и институционализира со правни параграфи и секакви други нормирани правила по заминувањето од овој свет на Христос и апостолите. Христовата божествена наука на љубов, слобода, проштевање и понизност ја практикувале на почетокот прахристијаните, гностиците, богомилите, но тие, како што знаеме, бргу биле сотрени од подржавената официјална црква, пред сѐ католичката. А тие интуитивно и реално го претчувствувале тоа кога ја пееле песната „Господе, дојди што поскоро“. Фактички и денес невестата Христова, подржавената црква повеќе мириса старозаветно отколку во духот на новозаветното евангелие. Таа самата се заледи во догмите, без да се труди да го сфати и барем на некои клучни места и да го дешифрира нивниот шифриран јазик. На пример, има огромна разлика меѓу Стариот и Новиот завет, како што го знаеле тоа и богомилите, односно има бездна што не може да ги спои нив, за што јасно зборува и самиот Христос. Оти додека Стариот завет е полн со темни вирови и јанѕи на одмаздољубивиот бог, новиот е полн со светлина, бескрајна љубов и слобода, со проштевање што го охрабрува и ослободува човекот натоварен со старозаветната вина на гревот за кој е обвинета змијата, плус и кобното јаболко, ни криво ни должно, како симбол на страшниот грев.
И тука на генерален план во врска со Стариот и Новиот завет се отвораат многу темелни прашања и јанѕи. Едно од нив е и прашањето за „избраниот народ“. Прашањето, на пример, дали по дефиниција е безусловно избран народот во кој се родил Спасителот, Божјиот Син. И посебно во тој контекст, дали и понатаму тој како таков е избран, ако го каменувал Божјиот Син за да го убие, откако пред тоа уште кога се родил еврејскиот цар Ирод сакал него да го ликвидира како резултат на што се заклани сите витлеемски деца до двегодишна возраст. Конечно и дали тој народ останува избран и откако тој Спасителот лукаво, демек за да не си ги валка со крв рацете, му го предава на Пилат и римските војници во замена за разбојникот Бараба да го распнат на Голгота. Итн. И тие и сличните прашања, драг читателу, не се хипотетички туку реални, во контекст на крајната вистина.

Оти кај Евреите до денес не е препознаен Спасителот. Нив ги прелетаа и Тој и христијанството. Тие си останаа во својот јудаизам, иако старозаветните пророци, Исаија, Даниел, Еремија и другите безмалку милениум пред да се роди во Витлеем, го најавуваа Спасителот со целокупниот негов животопис и мисија сѐ до неговото распнување и потоа воскресение. По Евреите до денес не го сфатиле тоа. Така. Сѐ тоа, пак, дава на знаење дека Новиот завет не го исполнува стариот со Мојсеевите закони од типот „Око за око, заб за заб“, туку целосно го трансцендира во ново вино, а со тоа како да се поместува воленс-ноленс тежиштето на сега не веќе избраниот, туку новоизбраниот и во Новиот завет народ. Нашата хипотеза тука, драг читателу, изгледа на прв поглед смела, а за теолозите комотни во догмата може дури и шокантна, но еве ние ја излагаме неа. Имено, сега тежиштето на новоизбраниот народ се мести кон и во Македонија. За тоа нешто сум пишувал и понапред, и за тоа пружа јасни докази Новиот завет. Имено во Дела апостолски гледаме дека патот на најревносниот Христов апостол Павле е, имено, насочуван кон Македонија. Самиот Христос ѝ дава печат на таа насока, кога неговиот дух му вели на неговиот апостол да не останува да проповеда во Витанија туку да продолжи, оти во Троада го очекува Македонецот што ќе го одведе во Македонија, избраната земја и народ за сеење на семето на евангелието. Таа сеидба е извонредно успешна благодарение на македонските христијани со кои Павле сакал да се пофали пред Господ. Толку многу бил одушевен од нив и ги засакал како архетип на богоугодни, па и на Грците со чија христијанизација имал проблеми бидејќи биле закоравени пагани им велел (тој ги вика Ахајци) да се угледаат во верата на нив, на Македонците како христолик народ, како христијаните, кои му се насушно потребни на светот неизбавен од зло. Така тој во Второто послание до Солуњаните вели: „А ние сме должни секогаш да му благодариме на Бога за вас, браќа, од Господ возљубени, бидејќи Бог ве избра од почетокот за спасение, преку осветувањето на Духот и вера во вистината на кое ве призва преку нашето Евангелие, за да ја добиете славата на нашиот Господ Исус Христос“. (Второ посл. до солуњаните 2:13-14).

Тоа накусо што се однесува до Христос и Македонија и Македонците. Ставен е негов печат тука и тоа е важно. Тој претскажа дека многумина поради него ќе бидат прогонувани, пизмени и убивани како што се случува тоа интензивно веќе повеќе од едно столетие и со Македонците ништени од соседите и оваа антихристова цивилизација. Оти и македонската судбина личи на последните денови на Христос, од судењето со Пилат до распнувањето на Голгота. Да. А сега, драг читателу, да видиме поконкретно што стана со Христовиот проект на љубовта и слободата. Веќе рековме и знаеме дека тој, за жал, не успеа кај цивилизацијата и толпата, освен кај поединци, индивидуи каков што беше и Христос, способни за страшен „скок во вера“ како што го направија тоа и Македонците за време на апостол Павле. И затоа денес нив ги ништат токму за тој скок спротивен на скокот на цивилизацијата во безверие и дарвинизам, каде што како што вели Хобс „Човекот на човекот му е волк“ homo homini lupus. Така испадна дека малкумина ја минаа тесната врата и преминаа од стариот во Новиот Адам во суровиот антибожји свет во кој страдаат, имено, христоликите и праведните, а царуваат сопствениците на капиталот, силните и лицемерните. Така, за жал, светот не се измени ни по Христос, па и натаму остана Иродовски. Христос го знаеше тоа пред да се збогува со апостолите кога им рече: „Еве јас ве испраќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулабите. Чувајте се од луѓето бидејќи ќе ве предаваат на судовите и ќе ве камшикуваат во синагогите“. (Матеј 10: 16-17). А познато е дека по неговото заминување неговите апостоли до еден, освен Јован, маченички умираат во одбрана на Христовата вера. Истото им се случи, како што знаеме, и на богомилите, кои беа најхристолики. Кај нас за нив усет имаше Рацин, и самиот богомил по убедување. Нив тој ги препозна и како најчисти борци за социјална правда. А денес и Македонците притиснати од сите страни гинат како богомилите. Притиснати парадоксално и од моќните подржавени цркви и од цезаризмот на гркоманскиот фанар. Оти парадокс е да се бара томос од нив потонати во секаков вид корупција и морална хипокризија, кога македонската црква прва во Европа има томос директно од апостол Павле, упатен, како што видовме, во Македонија лично од Христос.
Подвигот на богомилите 10 столетија по нив го оживеа во Германија Лутер со неговата побуна против индулгенцијата на Католичката црква, основајќи го новото крило на христијанството протестантизмот. Но и тој не беше на ниво на етиката на Христос кога во селанското востание во Германија 1525 по неговото крваво задушување од страна на феудалците застана на нивна страна. Историската црква е цезаропапистичка и во Рим и во цариградската гркоманска патријаршија, што значи и во католицизмот и во православието. Таа се фали со соборноста, паствата што влегува во неа во една обредна и свечена атмосфера, повеќе на површина на ритуалот отколку во длабочина на верата. Со соборноста црквата манипулира како со маска што го затсткрива вистинското лице на Бог. Тука има многу религиозно лицемерство кога, на пример, ќе видите сто илјади и повеќе „верници“ кога држи папата говор, или кога се погребува тој. И сѐ тоа се сведува на церемонија, а не на вистинска вера. А соборноста не мора да биде мнозинство на толпа. За тоа нешто многу суштинско мисли Берѓаев. Тој вели: „Соборноста на религиозната свест е квалитет на свеста и таа нема ништо заедничко со свеста на квантитетот на колективот, неа неколкумина може да ја имаат повеќе од милиони. Религиозниот гениј може многу повеќе да ја изрази таа соборност отколку народниот колектив во квантитативна смисла на зборот“.

Христос рече: „Јас сум светлината на светот“, а потоа и „Јас сум лебот на светот“. Рече и: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“. Тој дојде на земјата да ги донесе како бескрај Љубовта и Слободата, да го внесе Бог во срцата на луѓето. Дојде и да го охрабри човекот дека не е прав што се враќа во прав и дека смртта од која се плаши тој во крајниот исход на нештата не е смрт туку живот исфрлен од катапултот на воскресението во вечноста. Смртта што се победува со самата неа, и за тоа Тој даде личен пример по Голгота и трите дена поминати во гробницата на Јосиф од Ариматеја. Апостолите го видоа тоа со свои очи и за сѐ посведочија со својот маченички живот, положувајќи го во име на вистината и ширењето на евангелието. Денес нема во светот како нив, но нивниот подвиг и подвигот на Учителот останаа како темел на некое ново христолико поколение што ќе се роди или што ќе дојде од иднината, а дотогаш во оваа цивилизација на капиталот и филозофијата на дарвинизмот во животот ќе владее „еднодимензионалниот консумеристички човек“ (дефиниција на Маркузе) на оваа цивилизација на антихристот. Историското христијанство на подржавената црква, испразнета од Христовата вера на чистата љубов и слобода, не успеа како проект на Божјото царство. Наместо Богочовек, како што вели Достоевски, се изроди обратното, Човекобог. Новиот и стариот Адам не се разбраа. И тоа е причината за смртта на Бог кај Ниче, кој не беше толку наивен, како што мислат теолозите, па дури и филозофите, да мисли дека воопшто не постои тој, туку едноставно дека е убиен во човекот во безбожната цивилизација. Оттука и неговата трагична согледба дека сѐ е од онаа страна на доброто и злото. Тоа што, пак, Достоевски го дефинира со онаа негова позната синтагма: „Ако нема Бог, сѐ е дозволено“, односно ако го нема Христос во нас! Nocturno. De profundis. Memento mori.