Кавказ (втор дел)

Кавказ е суров, но и волшебно атрактивен планински синџир и територија вклинета помеѓу Црно и Касписко Море. Тој е историја полна со крвави настани, средиште на религии, граничен појас помеѓу некогашниот СССР и Турција односно Ориентот, немирно подрачје и денес во 21 век. Грузија, Азербејџан, Русија, па и Иран, преку Касписко Езеро или Касписко Море, Чеченија, Осетија, Нагорно Карабах, сите инволвирани во бурни настани во кои смртта често си ја квасела својата коса. Христијани, сунити, шиити, Ерменци и Турци, сите со историско минато и реална сегашност, која е како жар покриен со слој од пепел. Секогаш е можно да се разгори и да земе жртви поради вековни недоразбирања. Во сето тоа и данејските игри на Западот како потпалувач и промотор на своите далеку прочуени вредности. Како и да е, Кавказ е и бурна воена епизода, во која свое учество имал и славниот Александар Сергеевич Пушкин, чие родословие потекнува од далечната Етиопија. Имено, неговиот дедо Ханибал, човек од кралски род заробен од страна на Турците, на пазарот за робови во Стамбол е купен од страна на српски дипломат по име Сава Владиславиќ и подарен на Петар Велики, кој го прифатил и му станал очув. Иако никогаш не бил задоволен од титулата камерјункер, која во име на вистината била најниска на дворот, Пушкин се пријавува како доброволец во руско-турската војна. На Кавказ го посетивме и неговиот споменик. Како адреналински „вљубеник“ во дуели (ги имал и на Кавказ), тој гине во пресметка со гардискиот офицер Жорж Дантес во Петербург. Играј со оган, од оган гинеш.
Бидејќи имавме дневни средби со претставници на студентите што престојуваа во „Горни Вершини“, се создадоа и пријателства. Голем проблем за нас беше и временската разлика. Бевме принудени да стануваме во четири часот изутрина по наше за да заминеме на ски-лекции на падините на Елбрус. Имавме и инструктор, кој нѐ учеше на основните чекори во скијањето. Шаре, Бандуш и Ѕуп веќе имаа одредени искуства. Во една пригода, бидејќи не се снаоѓав најдобро, налетав на една полничка скијачка. Таа на една страна, јас на друга. Летавме како птици. Од тој ден натаму, не се ни обидов да заминам на скијање.
Хотелот располагаше со многу можности. Уживавме во базенот, некои од нас користеа и финска сауна. Имаше читалници, имаше и ресторанти. За нас сѐ беше достапно, па во собите имавме шишиња со грузиско вино и оригинален кефир, кој можеше да се сече со нож. На Кавказ го правеле со кефирски зрна како ферментиран стартер, но домаќините ни кажаа дека се прави само од млеко на маски, иако вообичаено се користеле кравјо, козјо или овчо млеко. За мамурлак, мајка!
Вистинска атракција беа честите снежни одрони односно лавини, па постоеше строга забрана за самостојно шетање низ планинските предели. Над нас Елбрус, застрашувачки наорлен и атрактивно див. Впрочем, дури и да сакавме, беше невозможно да се допре дури и до најниските делови поради големите снежни навеви, кои изнесуваа над три метри. Се разбира, тоа можевме да го направиме само со Генадиј, нашиот водач и инструктор, и тоа организирано преку жичницата.

Како единствени странци, ние бевме привилегирани и мошне интересни за размена на информации. Бидејќи СССР важеше за затворено општество, нашата група за студентите беше еден вентил низ кој можеа да си ја задоволат љубопитноста. Бараа информации за уметноста, музиката, филмот и воопшто животните правила на младите на запад. Оти и покрај социјалистичкото уредување, Југославија имаше демократски слободи за кои источниот блок предводен од Русија можеше само да сонува. А ние, вистински џамбази – чалами, што да кажам. Се гордеевме со нашиот статус. Како и да е, во неврзани разговори, можеа да се насетат слабостите во советското општество, кои веќе почнаа да се оттргнуваат од контрола. Ни кажаа дека често имало судири помеѓу етничките групи и дека тука најмногу предничеле Чеченците како непокорен народ. Повторно ќе кажам дека споредбите понекогаш искривуваат, но тие сепак се темели за перцепција на вистината. Од нив треба да се учи, а не да се подгреваат кошмари од минатите случувања.
Една вечер нѐ повикаа во салата за приредби. Раководните лица на хотелот ни објаснија дека ќе има фестивал на песни и игри и дека е пожелно да учествуваме како група од странство. Седнавме и се договоривме. Сите од групата инсистираа ние да започнеме со „Битола, мој роден град“. Така и беше. За да го зачиниме перформансот, удривме и оро. Во групата имаше одличен гитарист, со кого ги испеавме популарните југословенски хитови. За настапот добивме огромна торта и громогласно ракоплескање. Низ населбата околу „Горние Вершини“ можеше да се движиме само пеш. И тоа претставуваше вистинска убавина. Под чевлите крцкаше смрзнатото тло. Чекоревме низ тунели од снег ископачени од службите и месното население. На посебно уредени простори имаше отворени скари со кои раководеа Черкези. Можеше да се видат само вцрвенетите лица и очите. Беа облечени во дебели бунди, кои ги правеа огромни. Личеа на митските гороломници или богатири, како што ги нарекуваа во руските скаски. Тие печеа „шашлици“ и ги продаваа за „ич пари“ што се вели. Ако кажам дека дрвените стапчиња беа долги околу четириесетина сантиметри, наредени со крупни парчиња телешко и овчо месо, може да помислите дека тоа не е вистина. Но така беше таму. Месото меко, крваво печено.

На враќање, Џими и јас седнавме во хотелот „Будимпешта“, во кој немаа пристап руски државјани. Требаше да земеме некои лекови за бубрези за една наша возрасна сосетка. Два часа чекавме во хотелот таксистот што нѐ донесе да ги подигне лековите. Откако ја заврши работата, го почестивме со 20 рубли. Ако кажам дека платата на лекар или инженер беше 250-300 рубли, тогаш можете да си замислите колкава беше неговата радост. Се понуди за време на престојот во Москва да ни биде на располагање 24 часа. По престојот на Кавказ, се вративме назад со впечатоци што се помнат до крајот на животот.
Сега малку за одбележувањето на Денот на холокаустот, поврзан со ослободувањето на Аушвиц од страна на советската Црвена армија. Повторно на споменот не беа поканети ослободителите. Самољубието на Западот не го осуди фашистичкиот наратив, кој повторно се рашири низ Европа, а не ги осуди ниту постапките на украински Азов, кој ги бранеше позициите на озлогласениот украински злосторник Стеван Бандера. Трипати изговорена лага се претвора во вистина. Се надевам дека таа нема асоцијативна потврда со некоја заднина од некои многу мрачни периоди, бидејќи точката на вриење преку Украина, Газа, Венецуела, Гренланд, Иран, а од денес натаму и тивката расправа помеѓу САД и Британија околу најбезбедниот носач на авиони во светот „Диего Гарсија“ (остров во Индик), најавува притаен татнеж на можни тектонски промени. Нешто чудно, како фил на коприва, му доаѓа и таинствената смена на тешкашот од Воената комисија на Кина, генералот Зенг. Светот е во очекување на големи промени, но сѐ повеќе е скептичен поради потезите и случувањата на светската политичка сцена, кои одамна ја надминаа границата на поднесливост, а камоли пак на надежност.

Љубомир Јованоски

Авторот е писател