- Ова не е приказна само за имот или за една парцела. Ова е лекција за правдата, за континуитетот и за достоинството. Историјата и правото не се предмет на дневна политика. Тие имаат меморија. И кога таа меморија ќе проговори, како што проговори во Стразбур, ќе потсети дека вистината не чека – и дека Европа, ако сака да биде заедница на вредности, мора да ја гледа без маски и без празни ветувања
Солун е наш – не како мит или носталгија, туку како историски град на соживот, во кој Македонците и Евреите, долго пред модерните национални држави, изградија природна и органска врска врз трудот, правото и заедничката судбина. Солун не станал еврејски град по случајност, ниту по милост на империите, туку по сила на историјата и трагедијата. Ако почнеме од антиката во времето на апостол Павле, па до протерувањето на Евреите од Шпанија во 1492 година, Солун – тогаш под османлиска власт – станал нивно најголемо и најбезбедно прибежиште. Во текот на XVI и XVII век, еврејската заедница не само што се вкоренила туку го преобразила градот: Солун станал главен центар на сефардската дијаспора, град со еврејско мнозинство, со синагоги, училишта, печатници, еснафи и трговски мрежи што го поврзувале Медитеранот. Со векови, еврејскиот Солун бил град на трудот, културата и правото – реалност што постоела далеку пред модерните национални проекти и пред насилното прекројување на историјата на Балканот. Затоа, кога зборуваме за Солун, не зборуваме за мит, туку за континуитет, за имот, за право и за вистина што не може да се избрише со политички декрети.
Во тој контекст и пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот „Jewish Community of Thessaloniki v. Greece“ не е повеќе од формална одлука на правото – таа е историска лекција за тоа како државата, во случајов Грција, со контрадикторни закони и непредвидлива примена на својата власт може да ги поткопа правната сигурност и основните права на граѓаните. Случајот се однесува на еврејската заедница од Солун, која стекнала сопственост врз парцела уште во 1934 година преку законска експропријација и која децении подоцна, по Втората светска војна, ја изгубила сопственоста бидејќи грчките власти погрешно ја прогласиле за „непријателски имот“.
Случајот е класичен пример за нарушување на членот 1 од протоколот бр. 1 кон Европската конвенција за човекови права – заштита на имотот и сопственоста. Грчките судови, особено Касациониот суд од Грција со пресудата бр. 1105/2019, потврдија дека еврејската заедница од Солун го изгубила имотот затоа што не поднела тужба во ограничениот рок од 1955 година. ЕСЧП, пак, јасно оцени дека мешањето во имотот не било „во согласност со закон“ бидејќи толкувањето било непредвидливо, арбитрарно и контрадикторно. Грција со децении го третирала имотот како државен преку комесари, го узурпирала и издавала градежни дозволи!
Пресудата на Европскиот суд за човекови права потврдува дека правната сигурност е неприкосновена. Ако еврејската заедница од Солун може да го врати своето право на сопственост преку правниот систем, тоа е пример дека законски стекнати имотни права не можат да бидат анулирани со ретроактивни закони или политички калкулации. И токму тука се отвора паралелата со македонското прашање.
Солун, градот што стана симбол на македонското историско наследство и кој бил ослободен од турско владеење во контекст на македонската револуционерна борба на почетокот на XX век, е нераскинливо поврзан со делото на македонскиот револуционер Јане Сандански, кој заедно со други македонски и локални сили дејствуваше во поширокиот Солунско-серски Регион и активно учествуваше во настаните што доведоа до распад на османлиската власт во Македонија во октомври 1912 година, за време на Првата балканска војна. Солун исто така е град на интеракција и соработка меѓу истакнати историски личности: тука се пресекле патиштата на Бен Гурион, Јане Сандански, Димитар Влахов и припадници на еврејската заедница, кои заедно, секој на свој начин, придонесувале за зачувување на културното, политичкото и економското ткиво на градот. Делото на Сандански и на неговите соработници не се ограничи само на војната – тој исто така е гарант за зачувувањето на македонската културна и територијална идентитетска траекторија, што го поставува Солун како место на историја, правда и континуитет.
Но континуитетот на борбата не бил само во организираната војна. Кога грчките војски влегле во Солун на 26 октомври 1912 година по Балканските војни, само неколку месеци потоа или на 18 март 1913 година, бил извршен атентат на кралот Георг Први на Грција (George I of Greece, 1845–1913), прадедо на принцот Филип, војвода од Единбург (Prince Philip, Duke of Edinburgh, 1921–2021), а со тоа и прадедо на сегашниот британски крал Чарлс Трети (Charles III, King of the United Kingdom), од страна на македонскиот револуционер Александар Шинев (Alexandros Schinas) од Сер. Атентатот се случил буквално под Белата кула во Солун, со куршум што директно му го пробил срцето на кралот. Раката и окото на Александар Шинев и денеска се чуваат во криминолошкиот музеј во Атина. Иако мотивите се делумно нејасни според грчките историчари (македонските историчари треба добро да се позанимаваат со оваа тема зашто ова е главната причина за прогонот и убиството на Васил Христов Чакаларов на 9 јули 1913 година и Солунскиот процес на кој се осудени 30 Македонци од страна на Грците), овој чин ја открива континуираната борба на локалното население, особено на Македонците, против грчката експанзија и систематската асимилација и ја илустрира решителноста на Македонците да го зачуваат своето културно наследство, своите територии и имотни права – борба што продолжува да ја дефинира историјата на Солун и Егејска Македонија до денес.
Еврејската заедница успеа да ги врати својата сопственост и правна сигурност по повеќе од седум децении борба, преку механизми на Европскиот суд за човекови права. Македонците, пак, кои биле систематски лишувани од имот и културно наследство во Егејска Македонија, сѐ уште се соочуваат со институционална и историска неправда. Ако правото и правната сигурност важат за една заедница, тие мора да важат и за сите, без разлика на етничката припадност или политичкиот статус.
Пресудата од Стразбур го потврдува клучниот принцип: законската сопственост и историската правда не можат да бидат бришени со арбитрарни и ретроактивни закони. Правото е над времето, над политичките калкулации и над националните интереси. Ако една заедница успеала да ги врати своите права, истото право го има и македонскиот народ – да ги признае својата историја, својата култура и своите вековни простори.
Солун е наш – не е илузија од евтините говори на македонскиот/блгарин (или грчкиот/кинез) Љубчо Горгиески, или фикција од Европската Унија на празни приказни на соживот што ние Македонците и Евреите сме ги поминале, доживеале и надминале далеку пред нивното појавување на хоризонтот како ентитети и феномени.
Овие лекции не се за минатото. Тие се за сегашноста – за нашата способност да ја препознаеме вистината, да ја браниме правдата и да изградиме свет и опкружување што не се кријат зад празни ветувања.
Затоа Солун е наш – не како парола, туку како принцип. Не како реторика, туку како правна и историска реалност. Не како илузија од евтини говори на поранешни политичари, ниту како фикција од европски бирократски формули за „соживот“ – затоа што вистинскиот соживот, Македонците и Евреите во Солун го живееле и го изградиле многу пред Европската Унија да постои како идеја.
Ова не е приказна само за имот или за една парцела. Ова е лекција за правдата, за континуитетот и за достоинството. Историјата и правото не се предмет на дневна политика. Тие имаат меморија. И кога таа меморија ќе проговори, како што проговори во Стразбур, ќе потсети дека вистината не чека – и дека Европа, ако сака да биде заедница на вредности, мора да ја гледа без маски и без празни ветувања.
Солун е наш! Не со зборови, туку со право и вистина. Еврејската заедница ја затвори својата страница на неправда; сега ние, Македонците, сме повикани да го зачуваме она што вековите ни го оставиле. Солун е сведок, солунскиот дух не се брише и секој обид да се избрише нашата историја е обид да се избрише самиот факт на нашето постоење.
Тони Менкиноски
































