Да се зборува вистината, во најмала рака, јавно да пишувате за тоа што вие го разбирате и говорите како сопствена вистина – како човек што нема што да изгуби, не е никаква храброст! Сосема е поинаква ситуацијата да го правите истото тоа, но од позиција на човек што има што да изгуби. Јас сега имам што да изгубам, но и покрај тоа сум решил да го правам тоа што ми налага совеста – да не молчам, да не се претворам во конформист што заборавил дека молкот и тишината раѓаат недоразбирања, а зборувањето и дијалогот решенија! Па, драги мои, ете ме назад на страниците на „Нова Македонија“. Последната колумна во весникот што е историја самата за себе сум ја напишал пред три или четири години. Не се сеќавам точно. И да, мнозина сериозни луѓе што сѐ уште читаат безброј пати ме прашале – зошто сум престанал да пишувам колумни. Едноставен е одговорот: немаше што да кажам повеќе на ваков начин, преку пишување! Мислев дека е време за дејствување, за вистинска работа, таму кај што сум, во професијата, со луѓето во кои верувам дека тоа што сум го пишувал и заедно со нив сум го подготвувал – треба и да се реализира. Но како во филмот така и во животот, кога нешто тргнува спротивно од очекувањата, а ситуацијата станува драматична, мора некој да го притисне црвеното копче и да ја каже репликата – Хјустон, имаме проблем! Искрено, мислев дека во ваква драмска ситуација ќе се најдам барем по пет или повеќе години од денес, кога и последните јоти на идеали, убедувања, волја, желба, знаење, можности, простор и време ќе бидат потрошени – за добро! Животот не е филм, да му се сневиди, но безмалку како по многу фален блокбастер гледаме публика што излегува од кино разочарана дека новото продолжение е исто како претходното! Истиот мрачен град потонат во криминал и корупција, истите клишеа од карактери, ист заплет и крај во кој повторно Пингвинот го има главниот збор и победува во сѐ. Како досега! Реално, каде погрешивме? Во изборот, според мене, да правиме продолжение на старата, а не нова и сопствена приказна инспирирана од животот, приказна со која се идентификуваме. Звучам ли разочарано од животната стварност во Македонија? Од ова објективно меѓувреме во кое се наоѓаме сега? Не, не сум разочаран! За разлика од многумина оптимисти, јас, кој реално ги поминав најстрашните времиња за татковината во политички, социјален, економски и духовен прогон, немав илузии дека длабоката држава создавана повеќе од седумдесет години и силно етаблирана во системот на европските и американските псевдолиберални елити, на денот на губењето на изборите, ќе рече: „Во ред, изгубивме, ние сега ќе отстапиме, управувајте вие, ние ќе опозиционираме“! Вистината е дека и сега, во овој момент, со Македонија управува црвената буржоазија камуфлирана во финансиска и економска олигархија, која го контролира целиот систем преку сите старо-нови постјугословенски, европски и американски удбаштва, институционални саботажи и контрола на судскиот и обвинителскиот систем! Но, во суштина, мене не ме загрижуваат тие. Биле и ќе останат само зомбија во филм во кој реално на почетокот тие изгледаат страшно и моќно, но на крајот секогаш завршуваат во некој подрум каде што хибернираат сѐ додека не се појават нови „продуценти“ што ќе ги ангажираат за некој нов филм, за некои нови револуции костимирани во една или во повеќе шарени бои, сеедно! Тоа што ме загрижува мене и поради кое решив да се вратам во светот на идеите е повторувањето на истите грешки, кои се поттикнати од најголемото зло кај луѓето што ги познавам, кои сега се власт, а тоа е нивната веќе патолошка потреба да се докажуваат, да им се допаднуваат или најдобро објаснето по скопски – „да им се свиѓаат“ на комуњарите! „Илинденска, имаме проблем“! Повторно! Да му се сневиди бе, кому сакате да му се „свиѓате“? На оние што седум години имале власт, адска сила, безусловна поддршка од Европа и од Америка, систем на прогон, тајни служби, обвинителства, судови, повеќе од педесет милијарди евра во седум години за трошење за што и да сакаат – а да не одговараат, и на крајот да изгубат, замислете, на три избори едноподруго сѐ што можело и не можело да се изгуби! Вие навистина ли повторно „сакате да ве свиѓаат“ луѓе што покажале епска неспособност да направат какво и да е сопствено или општо корисно дело, во која и да е сфера од животот?! А сѐ им било дадено. Сѐ што посакале и побарале, и од Македонија и од светот! Не знам како не можете да разберете дека ако со истите луѓе ги правите истите работи, ќе ги добиете истите резултати!
Тоа е наједноставниот закон на природата на нештата. И секако, ако мислите дека не знаеме како функционира тоа „свиѓање“ – се лажете. Тие секогаш знаат да ја пронајдат најслабата алка меѓу нас, се извинувам – меѓу вас! Тие секогаш го препознаваат слабакот, подлизуркото, лажниот патриот, предавникот, човекот со робовска свест, болниот од стокхолмски синдром, го корумпираат и му го нудат она што го посакувал цел живот – „свиѓање“, седење на астал со нив и продолжување со принципот „како досега“! Ако и овој пат ги направите истите грешки, а работата, за жал е тргната натаму, тоа, драги мои, ќе биде бездната во која ќе пропаднеме – со историски тресок, и никогаш повеќе нема да излеземе од тој темен вилает на духот! За жал, овој пат и ние, и тие! Аманте веќе! Ослободете се од нив. За ваше, ама и за нивно добро. Затворете го кругот на духовна корупција! Ослободете се од потребата да им робувате на послаби од вас! Воздигнете се. Возгордејте се бе! Оти да не?! Верувајте си. Почитувајте се себеси! За почеток, почнете да ги почитувате своите – тие што ви верувале кога било најтешко. Потпрете се на луѓе со интегритет и знаење. И станете од таа проклета маса каде што се игра старата византиска игра во која сите сме измамници! Не играјте ја играта што не ја знаете – ќе ја изгубите и овој пат! И оставете го црвениот аларм нека свети, нека пишти и предупредува: „Хјустон, имаме проблем“!
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа Прима“

































